СТАНДАРД life
Фото: Принтскрин / Инстаграм
Шоубиз

Почина Кетрин O’Хара, мајката на Кевин од филмот „Сам дома“

Легендарната актерка Кетрин О’Хара, мајката на Кевин во филмот „Сам дома“, почина на 71-годишна возраст.

Нејзиниот менаџер ја потврди веста за „Варајети“. Причината за смртта не е откриена.

Кетрин О’Хара е канадско-американска актерка, комичарка и сценаристка. Таа се смета за една од највлијателните и најпочитуваните комичари на нејзината генерација и е пофалена од публиката и критичарите за нејзиното исклучително чувство за хумор и трансформативните улоги.

О’Хара е родена во Торонто во 1954 година, шесто од седум деца. Нејзиниот татко работел на железницата, а нејзината мајка била агент за недвижности. Првата актерска улога ја имала во божиќна претстава – ја играла Дева Марија. По средното училиште, се вработила како келнерка во театарот „Вториот град“ во Торонто.

О’Хара зад себе остави богата и повеќедецениска кариера во филмот и телевизијата. Најпозната е по улогата на мајката на Кевин Мекалистер во првите два дела од култниот филм „Сам дома“, а нова генерација гледачи ја засака преку улогата на ексцентричната Моира Роуз во серијата „Шитс Крик“, во која настапуваше во сите сезони.

Во 1990 година, таа играше улога на грижлива, но малку расеана мајка во божиќниот блокбастер „Сам дома“. „Совршен филм е, нели?“ изјави таа во 2024 година. Ја повтори улогата во продолжението, „Сам дома 2: Изгубени во Њујорк“ (1992).

Во текот на кариерата оствари значајни улоги и во бројни филмски проекти, меѓу кои сатиричните остварувања „Најдобар на изложбата“ и „Моќен ветер“, како и во филмовите од франшизата „Битлџус“, вклучувајќи го оригиналниот филм и неговото продолжение.

Нејзиното последно телевизиско појавување беше во серијата „Студио“, прикажувана на платформата Apple TV+, каде што глумеше заедно со Сет Роген, а за улогата беше номинирана за престижната награда Еми.

Кетрин О’Хара освои повеќе значајни признанија во текот на кариерата, меѓу кои и Еми награда за улогата во „Шитс Крик“ во 2020 година, додека својата прва награда Еми ја доби уште во раните осумдесетти години за сценарио во комичната емисија „Си-Ти-Ви“.

Родена е во Торонто и израснала во големо семејство како шесто од седум деца. Со својот животен партнер, сценографот Бо Велч, се запознала кон крајот на осумдесеттите години за време на работата на филмот „Битлџус“. Во брак беа од 1992 година и имаат два сина.

О’Хара последен пат беше видена во јавноста на почетокот на 2024 година, кога кратко зборуваше за улогата по која би сакала да остане запаметена, не насетувајќи дека тоа ќе биде едно од нејзините последни појавувања пред камерите.

 

Поврзани вести

Поранешната секс-бомба по радикална одлука маѓепса со својата природна убавина на 57 години: „Едноставно убава, и се восхитувам на оваа жена“

Radmila Tasevska

Сидни Свини влегува во бизнисот со долна облека, Џеф Безос ја поддржува

Urednik

(Фото) Татко по осми пат! Марк Ентони и младата мис го чекаат второто заедничко дете

Urednik