СТАНДАРД life
ТЕХНОЛОГИЈА

Boston Dynamics претстави робот што може да преместува 800 кутии на час (ВИДЕО)

Американската технолошка компанија Boston Dynamics го претстави својот најнов робот Stretch. Тој е дизајниран специјално за товарење и истоварување на пратки од магацини, пренесува Ројтерс.

Ова е прва машина на компанијата создадена со специфична карактеристика заснована на барања од потенцијални клиенти ширум светот, вели потпретседателот на Boston Dynamics, Мајкл Пери.

Според него, главниот проблем со кој се соочуваат логистичките компании и операторите на магацини е поврзан со истовар на кутии и картони – задача што бара сериозен физички напор и не е најпријатна.

Главните функции на Stretch се насочени кон овој вид работа. Има компактна подлога, што му овозможува да маневрира во тесни простори, така што целиот магацин не мора да биде повторно опремен и автоматизиран.

Роботот има „рака“ опремена со разни сензори преку кои може да фати и придвижи разни предмети.

Машината најефикасно се справува со кутии со тежина до 23 килограми. Неговата максимална брзина на работа е околу 800 движења на час.

Компанијата со седиште во Масачусетс е позната по своето куче-робот по име Spot, како и хуманоидот Atlas.

Јужнокорејскиот индустриски гигант Hyundai Motor Group неодамна се здоби со контролен удел во американската компанија, проценувајќи ја на 1,1 милијарда долари.

Досега Boston Dynamics не ја објави цената по која ќе се продава Stretch, но тврди дека роботот може да се инсталира во скоро секој магацин без да се инвестира многу во инфраструктурата.

Поврзани вести

Mate Xs ќе биде промовиран на 24 февруари

msp-admin

LG Rollable ќе се продава за 2.110 евра на крајот на 2021 година

Влатко Зорба

Twitter ја започнува програмата „Birdwatch“ наменета за борба против дезинформациите

Влатко Зорба