СТАНДАРД life
ТЕХНОЛОГИЈА

Google ќе пушти информативен портал

Google ќе го оживее својот сопствен проект за информативен портал во Австралија во следните недели и веќе нарача прилози, рекоа уредници на неколку помали медиуми, истакнувајќи ги обидите на дигиталниот гигант да го поткопа најавениот закон за плаќање содржина на медиуми.

News Showcase треба да започне веќе во февруари и е последниот тактички потег на Google во жестока кампања против планираниот закон со кој австралиската влада сака да го принуди технолошкиот гигант да плаќа за употреба на медиумска содржина.

Уредникот на порталот „The Conversation“, Миша Кетчел, во средата рече дека Google ја контактирал „за да продолжи со дискусиите за лансирање на производот News Showcase што е можно поскоро“, потенцијално во февруари.

„Ние работиме со нив на тоа“, изјави таа.

Google го објави лансирањето на порталот во Австралија во јуни минатата година, потпишувајќи договори за испорака на содржина со седум мали локални медиуми, вклучувајќи го и „The Conversation“. Проектот беше одложен откако регулаторот за конкуренција најави закон за плаќање на содржина.

Целта на предложениот закон е да се зајакне позицијата на медиумите во преговорите со дигиталните гиганти за поделба на приходите. Предлогот предвидува арбитража во случај платформите и медиумите да не постигнат договор и одлуката на арбитражата да биде обврзувачка.

Портпарол на австралискиот огранок на Google во средата одби да ги коментира информациите за лансирање на информативниот портал. Два австралиски весници потврдија дека подготвиле детали за содржината за информативниот портал, без да споделат што разговарале со дигиталниот гигант.

Извршниот директор на Google Australia, Мел Силва, на парламентарното сослушување минатата недела рече дека компанијата ќе го повлече пребарувачот од Австралија доколку се донесе законот.

Google е против плаќање за објавување на врски до статии, не против плаќање за објавување на вести, напиша Силва на блогот.

„Во моментов, ниту една веб-страница или пребарувач не плаќа за да ги упатува луѓето на врски кон други страници“, напиша Силва во пост. „Овој закон ќе го промени тоа и ќе го принуди Google да плаќа за врски за прв пат во нашата историја“, напиша таа .

Австралиската влада го објави законот во декември минатата година, по истрагата што ја покажа преголемата моќ на пазарот на технолошките гиганти во медиумскиот сектор.

Таквата состојба претставува потенцијална закана за демократијата, заклучи владата.

Истрагата, меѓу другото, утврдила дека од секои 100 долари потрошени на рекламирање преку Интернет, 53 долари одат во Google, 28 долари во Facebook, а 19 долари во други медиумски компании.

Поврзани вести

Apple ќе се префрли на своја 5G опрема во 2023 годна

Instagram Lite за Android официјално пристигнува во 170 земји

Влатко Зорба

Дигитален текст на „Њујорк Тајмс“ продаден за 563.000 долари

Влатко Зорба