Американскиот софтверски гигант „Мајкрософт“ објави дека ќе го затвори Интернет Експлорер следната година и ќе ги фрли сите карти на „Еџ“ за да се обиде да ја загрози водечката позиција на Гугл Хром.
Интернет експлорер е лансиран во 1995 година и доминира на пазарот на прелистувачи повеќе од 10 години, спакуван во Виндоус, што клиентите често го инсталираат на нови компјутери.
Пред две децении, Мајкрософт се најде на обвинителна клупа поради тој пакет, а американски судија пресуди дека компанијата ги прекршила правилата за конкуренција.
Мајкрософт ја обжали пресудата, но повисокиот суд ја потврди, а компанијата продолжи да го инсталира Интернет експлорер во Виндоус, забележува Ројтерс.
Кон крајот на 2000-тите, позицијата на ИЕ беше загрозена од Гугл Хром, а прелистувачот на Мајкрософт стана предмет на безброј мемиња кои ја исмеваа неговата бавност во споредба со конкуренцијата.
За да се спротивстави на конкуренцијата, Мајкрософт го претстави прелистувачот Еџ во 2015 година, кој ја користи истата технологија како Хром.
Во април годинава, Хром имаше 65% удел на глобалниот пазар на прелистувачи, следен од Сафари на Епл со 18% удел, објави веб-аналитичката компанија „Statcounter“.
Еџ имаше три проценти удел, а ИЕ беше сведен на мал удел на пазарот на кој некогаш доминираше.
Мајкрософт сега одлучи да фрли сè на една карта, да го затвори ИЕ и да го замени со Еџ.
„Апликацијата за десктоп ИЕ 11 се повлекува и поддршката ќе биде прекината на 15 јуни 2022 година за одредени верзии на Виндоус 10“, сподели компанијата во објавата на блогот.