Младинскиот додаток од 3.000 денари за вработените во реалниот сектор и земјоделството е привлечен за младите до 23 години. Во Штип само за десет дена аплицирале 120 лица, кои се вработени претежно во текстилните фабрики.
Директорката на Центарот за вработување во Штип, Катица Арсовска истакна дека бројот на барања покажува оти мерката е успешна уште на самиот старт, а целта на младинскиот додаток, што го исплаќа државата, е да се поттикнат младите да работат во производството, да го подобри нивниот животен стандард, но и да ги задоволи потребите на работодавачите со квалификувана работна сила.
-Токму поради тоа, интересот кај младите лица се покажа голем. Секојдневно доаѓаат младите и поднесуваат барања. Со младинскиот додаток се опфатени млади лица до 23 години, со минимум завршено средно образование, кои се вработени во производните дејности или самовработени, како и млади лица вработени преку приватни агенции кај работодавци со производна дејност и млади индивидални земјоделци, коишто се со задолжително социјално осигурување, рече Арсовска.
Додава дека младинскиот додаток се исплаќа најдоцна до 25 во месецот на младите, кои имаат полно работно време, а месечниот додаток од 3.000 денари им пристигнува на нивните лични сметки. Во штипскиот Центар за вработување досега за младински додаток немаат ниту едно барање од млади индивидуални земјоделци.
Арсовска информира дека според евиденцијата 3.987 лица се невработени, од кои што 2.578 лица се во регистерот на невработени лица, односно се активни баратели на работа.
-Доколку ја видиме структурата на невработените лица , според различни критериуми можеме да кажеме дека според степенот на образование структурата на невработени лица е мошне неповолна, односно над 60 отсо од невработените лица се лица со низок степен на образование. Тоа значи дека се без образование или основно или непотполно средно образование. Додека 10 посто се лицата, коишто имаат завршено високо образование, тука спаѓаат и магистрите и двајца доктори на науки, вели Арсовска.
Анализите покажуваат дека на списокот на невработени најголем дел од лицата кои имаат високообразование се од општествените науки, а дефицитарни кадри се оние со завршени факултети на техничките науки.