СТАНДАРД life
ЕКОНОМИЈА

Германија размислува да се задолжи за уште 50 милијарди евра

Германскиот министер за финансии, Олаф Шолц, размислува за задолжување за дополнителни 50 милијарди евра за финансирање на пакет државни мерки за развој, изјави за „Ројтерс“ висок германски службеник запознаен со тековните разговори.

Новиот план за задолжување сведочи за огромниот фискален пресврт во Германија, која од поранешен европски шампион за штедење стана една од најголемите трошаџии во напорите на еврозоната за спречување на негативните економски ефекти од пандемијата на коронавирусот.

Кабинетот на канцеларката Ангела Меркел планира да донесе втор дополнителен буџет на 17 јуни за финансирање на мерките за поддршка на најголемата европска економија, рече германскиот службеник, зборувајќи под услов на анонимност, наведе „Ројтерс“, пренесе Танјуг.

Емисија на долг

Друг функционер запознаен со буџетските планови исто така рече дека владата има намера да донесе дополнителен предлог за буџет следната среда, додавајќи дека Министерството за финансии размислува да ја зголеми својата емисија на долг во однос на првично предвидените 25-30 милијарди евра.

Двајцата извори изјавија дека Министерството за финансии сака да ги зајакне своите финансиски резерви за да може подобро да реагира на непредвидени настани во втората половина од годинава.

Дополнителното задолжување од 50 милијарди евра доаѓа како додаток на дополнителниот буџет од 156 милијарди евра договорено во март, кој ќе биде финансиран со задолжување на владата во Берлин.

Тоа значи дека вкупната нова нето-задолженост на владата оваа година може да надмине 200 милијарди евра, што е приближно шест проценти од БДП на Германија, забележува британската агенција.

Поврзани вести

Елези: Реализацијата на капиталните проекти оди со одлична динамика

msp-admin

Атанасов: СДСМ исплати 381,6 милиони евра за земјоделците

УЈП: Од 12 јуни, по 20 отсто од данокот за македонските производи