СТАНДАРД life
ЕКОНОМИЈА

ССК бара протоколи за прослави во угостителски објекти

Туристичко-угостителската комора (ТУК) при Сојузот на стопански комори на Македонија (ССК) денеска одржа состанок со Комисијата за заразни болести на која угостителите повторно ја искажаа неопходноста од креирање и донесување соодветни протоколи кои би се почитувале за контролирано одржување на прослави и настани во угостителските објекти.

Како што информира ССК, континуирано на состаноците со Комисијата за заразни болести се укажува дека дел од капацитетите во оваа дејност веќе половина година воопшто не работат, поради неизготвување протоколи, со што се става под знак прашање егзистенцијата на нивните вработени.

-Туристичко угостителската комора уште на почеток на јули изготви предлог-протоколи за работа според кои се предвидува работа во контролирани услови и иако во Комисијата беа оценети како прифатливи, се уште не се донесени. Безбедносниот аспект мора да биде максимално запазен согласно протоколите за работа. Во спротивно, како и досега, ќе се соочуваме со приватно, во сопствена режија, организирање прослави без соодветни безбедносни протоколи. Во исто време, за разлика од семејните прослави, дозволени се концерти и други настани со далеку поголем број учесници за кои има предвидени протоколи, велат од ССК.

Според потпретседател на ТУК, Мартин Ангеловски, се очекува Комисијата за заразни болести да донесе препораки за отворање, зашто состојбите поради недостатокот на протоколи може да излезе вон контрола.

-Состојбата на сите економски оператори кои директно и индиректно, согласно природата на својата дејност, се поврзани со угостителските објекти како музичките уметници, фотографи, претпријатија за декорација, накит и голем број други, е крајно тешка и неизвесна. Доколку наскоро не почнат со работа, нема да издржат да опстојат на пазарот, изјави Ангеловски.

Дополни и дека претпријатијата од оваа дејност се адаптираа на новите услови и сите се придржуваат на новиот начин на работа неопходен во услови на моменталната состојба.

-Во исто време и доколку како и во останатите дејности се донесат протоколи за заштита од ширење на пандемијата, ќе се почитуваат во целост и ќе се превенира неконтролирано организирање прослави во домашни услови и приватна режија, стои во соопштението на ССК.

Поврзани вести

Награда за „Брако“ за иновативност и развој во услови на пандемија

Влатко Зорба

Во јануари зголемени трошоците на живот

Влатко Зорба

На барање на претприемачите тргнати дел од ограничувањата на мерките

Stefanija Kuzmanovska