Пандемијата принуди многумина да работат од дома, но сега се поставува прашањето како тоа се рефлектира врз кариерата на жените, од една, и на мажите, од друга страна.
Истражувањето, што го спроведе Qualtrics, покажува дека 77% од мажите се попродуктивни кога работат од дома заедно со нивните деца, додека тој процент кај жените е помал (46%). Поголемиот дел од мажите (57%) рекле дека работата од дома позитивно влијаела врз нивната кариера, додека само 29% од жените имале потврден одговор по тоа прашање.
Кога станува збор за унапредување, 34% од анкетираните мажи успеале да се искачат скалило погоре во нивната кариера, додека работеле од дома, додека кај жените тој процент е и повеќе од скромен (9%), пренесува Fast Company.
Вкупно 26% од мажите кои работеле од дома успеале да добијат повисока плата за време на пандемијата, додека тоа е случај само кај 13% од жените, кои имаат деца, а работат од дома.
“Бидејќи жените често заработуваат помалку од мажите, жените се принудени да се откажат од кариерата и да се посветат на домот и семејството. Она што е најтешко е што работодавачите сметаат дека жените кои работат од дома се помалку посветени на професијата, што е далеку од вистината“, вели Шенон Гордон, главен извршен директор на Boardlist.