СТАНДАРД life
ЕКОНОМИЈА

Здружение на оштетени штедачи: Дали надлежите институции ќе ја откријат вистината за пропаѓањето на „Еуростандард“?

„Нина Ангеловска, претходната министерка за финансии, ги повлекла своите лични пари од Еуростандард банка пред нејзиното затворање, но ги оставила депозитите на Министерството за финансии во висина од речиси 40 илјади евра, кои се сега дел од стечајната маса на пропаднатата банка со голема веројатност никогаш и да не се вратат поради огромниот грабеж на депозити што е направен во банката. Овој чин покажува дека, иако неодговорно и несовесно, Нина Ангеловска се грижела само и исклучиво за својот личен интерес, но не и за јавниот интерес за којшто таа била поставена и одговорна да се грижи, а за што била и скапо платена од наши пари“, велат денеска од Здружението на штедачи на Еуростандард.

„Антикорупциската комисија испита и потврди дека Нина Ангеловска знаела за очекуваното затворање на Еуростандард банка и врз основа на нејзиното учество во Комитетот за финансиска стабилност. Со повлекување на нејзиниот личен депозит од Еуростандард банка непосредно пред нејзниното затворање, таа ја искористила службената положба како висок владин функционер за остварување на лична корист и се поставила во привилегирана и фаворизирана положба во однос на другите доверители кои ги загубија своите пари во банката. Во рамките на своите надлежности, Антикорупциската комисија констатираше само судир на интереси преку крајно непрофесионално и неетичко однесување на министерката Ангеловска.

И од сето ова, наместо да има одговорност, Владата ја награди Нина Ангеловска со место член во Одборот на директори на Македонски телеком. И покрај ваквиот недоличен, арогантен и искривен однос, сепак веруваме дека неодамна поднесената кривична пријава за несовесно работење на Нина Ангеловска во службата ќе го види светлото на денот и во некое догледно време ќе има можност да се докаже нејзината кривична одговорност низ транспарентна судска постапка.

Во март 1997 година пропадна штедилницата „ТАТ”. Тогашниот премиер Бранко Црвенковски од собраниската говорница декларативно објави војна против „октоподот”, алудирајќи на организираниот криминал. Во тоа време се зборуваше и дека еден ден пред затворање на штедилницата, некој висок владин функционер, таканаречен „министерот во тренерки”, бил виден како излегува од штедилницата со полни црни вреќи доцна во ноќта. И во случајот со пропаѓањето на Еуростандард банка има вклучено висок владин функционер, но за разлика од случајот со ТАТ, овојпат идентитетот на министерот е добро познат.

Аферата ТАТ остана длабоко врежана во сеќавањата на граѓаните во земјава. Резултираше и со многу трагедии. Статистиката вели дека повеќе од сто битолчани банкротирани во пирамидалната афера со штедилницата се самоубиле во следните десет години. И тогаш беа украдени 120 милиони германски марки или 60 милиони евра. Партијата на тогашниот премиер, СДСМ, претрпе тежок пораз на парламентарните избори во 1998 година, а голем дел од причината за тоа се припишува токму и на аферата ТАТ.

Дали сегашната Влада и надлежите државни институции ќе ја откријат вистината за пропаѓањето на Еуростандард банка, ќе ги казнат сите инволвирани лица и ќе ни помогнат да ни се вратат нашите украдени пари во целост или пак ќе чекаат да дојдат избори оставајќи на времето да повторно се случат трагедии!?

Поврзани вести

Новата заедничка инвестиција на ЛЕАР и Нормак e нов стимул за националната економија

На 31 мај истекува рокот за потврда или корекција на Годишната даночна пријава

Нови цени на горивата од полноќ

Берта Китинска