СТАНДАРД life
ЕКОНОМИЈА

Хајредини: Одлуката на НБРМ за привремено ограничување на исплатата на дивидендата е мешање во деловната политика на приватните субјекти

Одлуката на Централната Банка да ја ограничи распределбата на дивидендата на акционерите на банките и на штедилниците е преседан, вели за Стандард поранешниот министер за финансии Џевдет Хајредини. Иако зад ваквиот чекор сигурно има законска основа смета дека одлуката значи мешање во работата на приватните субјекти.

Хајредини не очекува дека било која од деловните банки ќе се спротивстави на укажувањето на НБРМ, бидејки како што вели, средствата планирани за исплата на дивиденда не се одземаат туку се одложуваат.

Каков е вашиот став по однос на укажувањето на Народна банка банките да постапат согласно одлуката со која времено им се забранува да делат дивиденда од ланската добивка?

-Претпоставувам дека има законска основа за ваква интервенција од страна на Народна банка, и веројатно прописот и дозволува да превземе чекор од овој тип. Сепак, според мое мислење, во начело ова не е во ред. Тоа е мешање во приватниот сектор на стопанството. Банките имаат акционерски собранија кои одлучуваат што и како со дивидендите на крајот на годината. Да не заборавиме дека акционерите се приватни субјекти. Станува збор за преседан, а важен фактор е и тоа дека поголемиот број од нашите банки имаат доминантен странски капитал.

Дали можат банките да се спротивстават на ова укажување?

-Доколку имаат основа, а верувам дека имаат – можат. Одлуката ја носи акционерското собрание, а не менаџерот на банката. Сепак, не верувам дека ќе се спротистават бидејќи два дена по укажувањето се уште нема никаква реакција од страна на банките. Свесни се за состојбата предизвикана од пандемијата КОВИД -19, па веројатно сакаат да помогнат во интерес на државата. Секако, не треба да го заборавиме фактот дека овие средства нема да бидат одземени, туку станува збор само за одложување.

Каква порака со ова укажување им се праќа на банкарите, граѓаните особено на инвеститорите?

-Основната порака е дека државата се меша во деловната политика на приватните субјекти.

Кога почна пандемијата, Владата забрани исплата на К-15, дневници за патување, дивиденди.., но ретко кој ја послуша. Што е сега различно?

-Многупати досега се потврди фактот дека не сме правна држава. Земете го само примерот кога бизнисмените не им ги исплатија платите на работниците и покрај помошта на државата. Не слушнав дека некој одговарал. Очигледно е дека стопанствениците посилни од народот, а Владата не е во состојба ниту пак сака да им се спротиставува.

К.В.С.

Поврзани вести

Се работи на новиот четврт пакет на антикризни мерки, најави Бектеши

Берта Китинска

Скопски пазар со нето добивка од 107.113 илјади денари

Влатко Зорба

Петтиот пакет мерки усогласен со коморите

Влатко Зорба