СТАНДАРД life
КОМПАНИИ

ММФ: Глобалните економски изгледи остануваат многу неизвесни

Директорката на Меѓународниот монетарен фонд, Кристалина Георгиева денеска изјави дека глобалните економски перспективи остануваат многу несигурни со оглед на пандемијата на коронавирус и зголемениот јаз меѓу богатите и сиромашните земји, што бара од ММФ да најде дополнителни средства за поддршка.

На виртуелна прес-конференција, Георгиева најави ново одобрување на „валутата“ на ММФ, односно специјални права за влечење, што ќе им обезбеди на земјите поголем фискален простор за решавање на здравствената криза и забрзување на транзицијата кон дигиталната и зелената економија, пренесе Ројтерс.

Соединетите држави, најголемиот единствен акционер на ММФ, го блокираа потегот на Фондот за време на претседателот Доналд Трамп, тврдејќи дека со тоа ќе се обезбедат повеќе средства за побогатите земји, бидејќи распределбата ќе биде пропорционална со нивниот сопственички удел.

Шведската министерка за финансии Магдалена Андерсон, новата претседателка на Управниот одбор на ММФ, на заедничката прес-конференција со Георгиева рече дека е јасно дека потребата за ликвидност останува голема и дека ќе се консултира со земјите-членки за опциите за зголемување на ликвидноста.

Георгиева изјави дека ММФ брзо го зголемила концесиското финансирање на пазарите во развој и економиите во развој, што исто така вклучи донации од околу 20 милијарди долари во постојните специјални права за влечење (SDR). Тој вид финансирање, додаде таа, ќе продолжи да игра важна улога, но потребни се понатамошни чекори.

Опцијата за нова алокација на SDR, активност слична на печатењето пари од централната банка, никогаш не е тргната од маса од страна на членовите на ММФ, рече таа, истакнувајќи дека некои членови продолжуваат да разговараат за тоа како можен потег.

Поврзани вести

Кои се најдобрите 10 аеродроми во светот?

msp-admin

Италијанците се плашат од странски инвеститори: Може да го искористат колапсот и да ги преземат домашните компании

msp-admin

Митевски: Најголемиот дел од инвестициите во овошните насади ги реализирав со субвенции и ИПАРД

msp-admin