Поттикнување на нови инвестиции и како да се стимулира растот на платите, беа во фокусот на разговорите на директорот на Дирекција за технолошко развојни зони Јован Деспотовски и претставници на компаниите Кемет, АРЦ и Гересхајмер.
Деспотовски, како што денеска соопштија, го презентирал новиот концепт во работењето и новиот начин на поддршка за странските инвеститори.
Компаниите изразиле задоволство од новите предлози и истовремено, како што стои во соопштението, најавиле конкретни планови за проширување на своите производствени капацитети и повисоки плати.
– Со новиот модел на државна поддршка целта ни е да се привлечат инвестиции во повисок квалитет. Дополнително заедно со компаниите ќе работиме и на креирање на програма за развој на вештини што ќе треба да доведе до забрзан раст на платите. Она што особено охрабрува е што компаниите во зоните и во време на криза имаат раст на вработеноста од речиси 1 процент, а се очекува трендот на раст да продолжи, порачал Деспотовски по средбите, се наведува во соопштението.
Дел од компаниите најавиле конкретни планови за проширување на производствените капацитети, како и воведување нови производствени линии на производи со повисок квалитет и повисока додадена вредност. Деспотовски најавил и старт на инвестициски циклус од 15 милиони евра во основната инфраструктура во повеќе зони.
– Овој план за првпат е изготвен во соработка со корисниците и според нивните потреби.Предвидени се повеќе зафати меѓу кои и физичко поврзување на зоните ТИРЗ 1 и ТИРЗ 2 во Скопје. ТИРЗ исто така развива и целосно нов концепт на организација во делот на aftercare, односно грижата на корисници со воведување на принципот на “една влезна точка“, стои во соопштението.
Во наредниот период, се наведува, продолжува започнатата интензивна комуникација со постојните и потенцијалните домашни и странски инвеститори.