Во рамки на Стратегијата за подобрување на услугите и модернизација на работата на АД „Пошта на Северна Македонија“ во текот на оваа недела беа остварени повеќе меѓународни средби кои имаа за цел зајакнување на регионалната и ЕУ соработка на Пошта.
На средбата со амбасадорката на Република Хрватска, Нивес Тигањ, генералниот директор Макрадули посочи дека досега не биле реализирани формални заеднички активности помеѓу двете национални пошти. Тој иницираше отпочнување на меѓусебна соработка со цел размена на знаења, искуства, како и реализација на заеднички проекти, кои несомнено ќе водат кон подобрување и зголемување на довербата, со цел поактивно користење на поштенските услуги во двете земји.
Меѓународниот поштенски сообраќај помеѓу Северна Македонија и Словенија бележи зголемување за време на пандемијата предизвикана од Ковид-19. Од тие причини, неопходна е поблиска соработка помеѓу националните пошти во двете земји – ова беше заедничката констатација од средбата со амбасадорот на Република Словенија, Милан Предан.
„Гледаме голем потенцијал и потреба од поголемо вложување во квалитетни меѓународни поштенски услуги, бидејќи растот на бројот на пратки и писма јасно покажува колку е голема потребата на граѓаните и бизнис заедницата во двете земји од ваква соработка. Поддршка од националната Пошта на Словенија ќе биде особено значајна и во однос на пренесување на искуствата со цел брза модернизација на технолошкиот и процесот на дигитализација на Пошта на Северна Македонија.“, истакна генералниот директор Макрадули.
На средбата со раководителот на секторот за економски прашања, владеење на правото и јавна администрација при Делегацијата на ЕК, Фрејк Јанмат, беа презентирани и стратешките приоритети на Пошта за 2021 година меѓу кои се финансиската стабилизација на компанијата, дигитализацијата и воведувањето на е-трговија, спроведување на силна „зелена“, односно еко компонента во работата на Пошта на Северна Македонија.
„Очекуваме од нашите партнери во Делегацијата на ЕУ поддршка и во делот на реконструкција на опожарената шалтер сала која претставува архитектонската гордост на Пошта, но и на целата држава. Дополнително, разговаравме за можностите за европска помош во процесот на постепено преструктуирање на Пошта во еколошка компанија, која ги имплементира сите еко стандарди во своето работење. Исто така, разговаравме и за можностите за вклучување во други проекти и TAIEX програмата во дел на поддршка на поштенските услуги“, посочи Макрадули за време на средбата.
Од Пошта на Северна Македонија информираат дека по завршувањето на овие две средби веќе се изготвени и писма на интерес за соработка кои ќе се испратат до националните Пошти на Хрватска и Словенија.