Facebook објави дека неговите приходи скокнале за една третина во четвртиот квартал од 2020 година, поттикнати од зголемено рекламирање од страна на компаниите кои сакаат да профитираат за време на празниците преку Интернет. Во последните три месеци од пандемиската година, вкупниот приход на Facebook скокна 33,1 процент, на 28,1 милијарди долари, според извештајот објавен во средата.
Нето профитот на Facebook порасна 52,6 проценти, на 11,22 милијарди долари.
Социјалната мрежа имаше 2,8 милијарди активни корисници месечно, 12 проценти повеќе отколку во истиот период претходната година.
Facebook генерира најголем дел од своите приходи со објавување реклами, а резултатот во последниот квартал од минатата година ја потврдува исправноста на одлуката за проширување на полето на е-трговија преку „Instagram Shopping“ и „Facebook Marketplace“.
Двете компоненти на Instagram и Facebook се потпираат на трендот на купување преку социјалните мрежи, кој се интензивираше минатата година, бидејќи активностите на отворено опаѓаа поради ограничувањата поврзани со пандемијата Ковид-19.
Компанијата лансираше низа нови производи за е-трговија, како што се „Facebook Pay“ и „Facebook Shops“, кои овозможуваат купување преку апликации, вклучувајќи ги Instagram и WhatsApp, забележува Ројтерс.