Советот за регионална соработка (RCC) ја подготви првата Мапа на вработеност на Западен Балкан во рамките на регионалниот проект „Платформа за вработување и социјални работи“, чија цел е подобрување на можностите за вработување и условите за работа на жените и мажите во регионот.
Мапата на интернет-платформата покажува дека на почетокот на кризата, во март минатата година, биле регистрирани околу 1,22 милиони невработени лица, и дека до ноември таа бројка е скоро 1,4 милиони.
Генералниот секретар на RCC, Мајлинда Брегу, изјави дека овие бројки не вклучуваат загуби во бројот на работни часови и плати, ниту пак ги одразуваат целосно промените во неформалниот сектор и нивоата на активности што се многу важни за сите економии на Западен Балкан.
„Јасно е дека работните места беа сериозно погодени и дека Ковид ги влоши структурните предизвици на пазарот на трудот на Западен Балкан. Дури и овие последици да се справат денес и да се врати ситуацијата пред Ковид, сепак ќе бевме во неповолна положба со вработувањето во неформалниот сектор, што се проценува дека е на ниво од 18 до 30 проценти во економиите во регионот“, Брегу кажа.
Пандемијата на коронавирусот има непропорционално влијание врз здравјето на одредени групи граѓани и економската активност е во застој во многу сектори.
Најновите податоци покажуваат дека во регионот, од март 2020 година, има зголемување на бројот на регистрирани невработени за околу 14 проценти, додека кај младите, таа стапка е зголемена за околу 27 проценти.
Брегу предупреди дека бројот на работоспособно население во економиите на Западен Балкан продолжува да опаѓа како резултат на стареењето и емиграцијата. Некои од негативните последици од емиграцијата и „одливот“ на квалификувана работна сила се намален човечки капитал, недостиг на работна сила, намален капацитет за иновации и усвојување на понапредни технологии, промени на пазарот на трудот, фискални последици, големината на пазарот, намален економски раст и продуктивност, зголемена потрошувачка на јавни услуги и загуба на инвестиции во создавање човечки капитал.
„Заедничкиот регионален пазар, развиен од RCC заедно со неговите партнери во регионот и ЕУ, може да биде добар инструмент. Една можна придобивка е што може да доведе до дополнителен раст на БДП во регионот за 6,7 проценти. Во реалноста, тоа значи повеќе работни места за нашиот народ“, рече таа.