Елон Маск изјави дека еден од неговите стартапи има мајмун со чип и жици кои влегуваат во неговиот мозок и можат да играат видео игри.
„Тоа е еден среќен мајмун“, рече Маск, извршен директор на производителот на електрични возила „Тесла“ и поддржувач на многу други футуристички проекти, вклучително и „Невралинк Корп“. – стартап фокусиран на поврзувањето на мозок и компјутер. Маск додаде дека видеата од мајмунот ќе бидат објавени наскоро, можеби за околу еден месец.
Маск учествуваше во „Клубхаус“: приватна социјална апликација каде корисниците организираат неформални разговори на провокативни теми. Иако изгледа како обична апликација која поддржува разни конференциски повици, „Клубхаус“ стана популарна платформа за околу 5 милиони корисници – скок од 3 милиони од само 10 дена порано.
Претприемачот беше запрашан за најновите случувања на „Невралинк“ со седиште во Сан Франциско, кој беше претставен во 2017 година. Маск, кој исто така ја основаше вселенската компанија „Спејс Екс“ и сега е најбогатиот човек во светот, е познат по своите широки интереси, од вештачка интелигенција до подземни автопати.
„Имаме мајмун со безжичен имплант во черепот со мали жици, кој може да игра видео игри со сигнали од неговиот мозок“, сподели Маск на неколку илјади слушатели во просторијата за разговор во „Клубхаус“.
„Не можете да видите каде е имплантот и тоа го прави мајмунот многу среќен. Ние ја имаме најдобрата опрема за мајмуни на светот и навистина сакаме да играат „Понг“ едни со други само со мозочни импулси“.
Маск објасни дека целта на технологијата за поврзување на мозокот е да се справи со повредите на мозокот и ‘рбетниот мозок и да го компензира изгубениот капацитет на луѓето со вграден чип.
„Постојат примитивни верзии на овој уред со жици што излегуваат од вашата глава, но тоа е како Fitbit во вашиот череп со мали жици кои влегуваат во вашиот мозок“, рече тој.