За 2020 година реализирани се 99 проценти од планираните капитални инвестиции преку единицата на Министерството за финансии за спроведување на Проектот за подобрување на општинските услуги – МСИП, со поддршка од Светска банка.
Со проширувањето на буџетот на МСИП за 2020 година, капиталните расходи беа проектирани на 654 милиони денари, од кои се реализираа 646 милиони денари.
Станува збор за капитални инвестиции во 32 општини од целата држава, и тоа во образовниот сектор а преку изградба, доградба и реконструкција на градинки во Пехчево, Гостивар, Кисела Вода и Центар, потоа во подобрување на инфраструктурата преку изградба на улици во урбани и рурални средини, како и изградба на атмосферски канализации во Делчево, Центар Жупа, Василево, Ресен, Кисела Вода, Маврово, Студеничани, Шуто Оризари и Ѓорче Петров. Воедно, реализирани се проекти за изградба на атмосферска канализација во Кисела Вода, изградба на филтер станици во Врапчиште, одделување на атмосферската од фекалната канализација во Гевгелија, со што се придонесе за подобрување на животната средина, но се инвестираше и во комунални возила со цел подобрување на хигиената во целата држава.
Во 2021 година, преку проектот МСИП треба да се реализираат капитални инвестиции во износ од 800 милиони денари.
Така, во тек е реализација на проектот за прошување на гасоводна мрежа во општина Струмица, регулација и уредување на коритото на Крива Река во Крива Паланка, изградба на пречистителна станица и примарна и секундарна водоводна мрежа во општина Гази Баба, регулација на речно корито во Липково, потоа реконструкција на улици во Долнени и Кочани, реконструкција на основно училиште во Ресен, како и низа други проекти со чија реализација ќе се подобрат општинските услуги.
Воедно, во рамки на годинашниот буџет на МСИП за капитални инвестиции, предвидено е да започне реализацијата на Проектот за подобрување на енергетската ефикасност во државата. Со усвојување на Законот за задолжување за Проектот за енергетска ефикасност во јавниот сектор, во висина од 25 милиони евра, којшто во моментов е во собраниска процедура, средствата од заемот ќе се доделуваат на општините и на јавните здравствени установи за инвестиции во подобрување на енергетската ефикасност на јавните згради.
За овој проект, општините ќе треба да аплицираат на јавниот повик којшто Министерство за финансии ќе го објави по усвојување на Законот.