Џо Бајден во петокот објави дека ќе „дејствува брзо“ за да ги ублажи финансиските тешкотии на Американците предизвикани од пандемијата, повторувајќи ја подготвеноста за носење пакет помош по загрижувачките сигнали од пазарот на трудот.
„Гледам многу тага во оваа земја (…), многумина ја губат надежта (…) Јас ќе постапувам и брзо“, рече новиот потстанар во Белата куќа, кој сака да донесе план за помош од 1900 милијарди долари за мали и средни бизниси и најранливите домаќинства.
„Би сакал да го сторам тоа со помош на републиканците (…), но тие едноставно не се подготвени да одат толку далеку, колку што треба“, додаде новиот американски претседател.
Некои републиканци ги оспоруваат мерките според планот и проценуваат дека износот – преголем според нив – ќе ги оптерети јавните финансии.
Американскиот претседател ја критикуваше нивната позиција: „Дали ќе донесеме план за вакцинирање на луѓе, ќе им дозволиме повторно да најдат работа, ќе ги намалиме страдањата на оваа земја? (…) Или ќе речеме: „Не грижете се, ќе стане подобро“? Не можам да го дозволам тоа“.
Но, во интервју за Си-Би-Ес во петокот, тој сепак призна дека неговиот предлог за минимална плата од најмалку 15 американски долари за час – што во моментов е 7,25 на сојузно ниво – веројатно нема да помине во Конгресот.
„Не мислам дека ќе помине“, се пожали тој.
Сенатот и Претставничкиот дом, во рацете на демократите, во петокот усвоија одлуки дека ќе биде потребно само мнозинство за да се гласа за планот на Бајден да ја заобиколи опозицијата и да добие време. Сето тоа ќе трае најмалку две недели, рече Ненси Пелоси, лидерот на демократите во долниот дом.
Се проценува дека сега има 10,1 милиони невработени, што е скоро двојно повеќе отколку пред кризата.
Но, тој број вклучува само мал дел од луѓето кои останаа без приход, бидејќи повеќе од 17 милиони Американци добиваат надоместоци за невработеност, покажуваат податоците објавени во четвртокот.
„Официјално, стапката на невработеност е 6,3 проценти. Но, голем број луѓе го напуштија пазарот на трудот во април и буквално никој не се врати од јуни. Стапката на невработеност е всушност скоро 8,3 проценти“, рече Џејсон Фурман, економист од Питерсон Институт за меѓународна економија (PIIE) во објава на Твитер.
Повеќе од една третина од невработените се без работа повеќе од шест месеци, а 6 милиони луѓе работат со скратено работно време.
Во исто време, нееднаквостите продолжуваат да растат бидејќи невработеноста е најниска кај белците (5,7 проценти), опаѓа, но сепак е висока кај шпанските работници (8,6 проценти), и особено црнокожите (9,2 проценти) и расте меѓу азијците (6,6 проценти).
Кон крајот на 2020 година, постојаното зголемување на бројот на лица заразени со коронавирус поттикна многу локални петставници да наредат воведување нови мерки. Ова влијаеше на вработувањето, дотолку повеќе што усвојувањето на новиот план за закрепнување од 900 милијарди долари пристигна предоцна, на крајот на декември.