„Од страна на УЈП во декември 2020 и јануари 2021 година извршени се контроли кај 60 даночни обврзници“, изјави директорката на УЈП, Сања Лукаревска на денешната прес-конференција.
Според неа, работодавачот кој користел финансиска поддршка за исплата на плати, а не ги исполнил условите, има обврска да ги врати добиените парични средства во целост заедно со камата.
„Работодавачот кој дал изјава за исполнетост на условите, а не ги исполнил условите, ќе следи кривична пријава. Кај 16 даночни обврзници е констатирано неисполнување на условот за добивање финансиска поддршка во однос на намалување на приходот за одредени месеци“, потенцира Лукаревска на денешната прес-конференција.
„Во тек е исплатата на ДДВ за тромесечието октомври, ноември и декември 2020 година. Треба да се вратат околу 382 милиони денари или 6,1 милион евра“, посочи Лукаревска.
Според неа, повратот на „Викенд без ДДВ“ е секаде исплатен, освен онаму каде што има проблеми со трансакциската сметка.
„Во делот на оние 5000 корисници на „Мој ДДВ“, неопходно е да се направи корекција, доколку одредени лица смениле банка. Ќе промовиме и новина во наредниот период во делот на „Мој ДДВ“, која што ќе се однесува на самиот систем ЕПДД“, посочи Лукаревска.