Претседателот на Владата на Република Северна Македонија Зоран Заев денеска прими делегација на регионалното претставништво на германската компанија „Сименс”, предводена од генералниот директор Удо Ајхлингер.
На средбата, на која присуствуваше и заменик-претседателот на Владата задолжен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции Фатмир Битиќи, претставниците на „Сименс”, како компанија која има респектабилно меѓународно искуство и стручност, покажаа интерес за поголемо и непосредно присуство во Северна Македонија со цел да учествуваат во конкуренцијата во енергетскиот сектор во делот на обновливите извори на енергија, гасификацијата, како и во проектите за заштита на животната средина во капиталните проекти за управување со хидросистемите за снабдување и во системите за менаџирање со отпадните води.
Премиерот Заев и заменик-претседателот Битиќи ги запознаа претставниците на „Сименс” со стратешките проекти на Владата во енергетиката со посебен акцент на развојот на капацитетите со обновливи извори на енергија, и со крупните проекти за управување со води и ги охрабрија да учествуваат на јавните повици за конкурентно учество за нивна реализација.
На средбата гостите од „Сименс” беа запознаени и со предностите на Законот за стратешки инвестиции кој овозможува поголеми инвестициски циклуси на државно и на локално ниво со опција за државна помош за поттик на економскиот раст, вработувањето, примената на нови технологии и иновации, и за зголемување на конкурентноста и на извозот.