„Длабоко сме убедени дека Еуростандард банка пропадна поради организирани криминални активности на неколку категории на луѓе. Основа за тоа е криминалот на луѓе од банката преку делење на кредити односно наши пари од депозити, без никакво или со многу мало обезбедување, знаејќи дека тие кредити нема никогаш да бидат вратени. Но, овие луѓе никогаш не би можеле да сторат криминал во толкав голем обем доколку со неизвршување на своите обврски на контрола, ревизија и супервизија немале помош, а можеби и поддршка, од луѓето кои се задолжени да ја контролираат работата на банките, но и на текот на парите. Нашите пари не беа вложени во кладилница, туку во лиценцирана банка подложна на повеќе скалила на контрола токму поради зголемување на сигурноста на вложените средства“, соопштуваат од Здружението на оштетени штедачи на Еуростандард банка.
„Во таква состојба, прашање е што правеле во период од цели седум а можеби и повеќе години, Народна банка, Управата за финансиско разузнавање, Финансиската полиција, Управата за јавни приходи како и други органи чија смисла на постоење и работење е навремено да откриваат и спречуваат криминал како што се случувал во оваа банка. Внимавјте, НАВРЕМЕНО ДА ОТКРИВААТ И СПРЕЧУВААТ, а не да дозволат криминалот од небесни размери да доведе до пропаѓање на банката. Според сите досегашни сознанија на оштетените депоненти, физички и правни лица, во криминалот се вклучени раководните лица од ограбената Еуростандард банка, гувернерката и нејзиниот прв тим од Народна банка, поединци и фирми каде што завршувале нашите пари како неповратни кредити, но и други државни институции коишто, иако имале обврска, не го следеле патот на парите и со тоа практично го дозволиле криминалот или биле соучесници во истиот.
Според законската поставеност на државниот Фонд за осигурување на депозити во однос на доверителите во случај на побарувања од банка во стечај, нашето законско решение е единствено на Европскиот континенет и пошироко. Значи, не само што поставеноста на Фондот како приоритетен доверител е неуставна поради причините образложени во Иницијативата за укинување на член 163 став 3 од Законот за банки, туку ваквата поственост не прави ЕДИНСТВЕНИ во Европа. Тоа ги вклучува и сите наши соседни земји каде се обесштетуваат физичките и правни лица, а не само физички лица како што е случајот во нашата земја, при што под депозит за обештетување до 30.000 евра се подразбираат депозити и парични средства на трансакциска сметка. Наспроти ваквото решение во нашата земја, во сите наши соседни земји како и во земјите од Европската унија, обештетувањето на депозити не само што е до 100.000 евра, туку нема ограничување во обештетување на парични средства добиени од продажба на недвижност, на трансакциска сметка или добиени по пресуда од друг основ.
Во Здружението „Правда за штедачи” има случај на средства кои биле чувани во банката по основа на надомест на штета поради настанато слепило кај новороденче. Тие средства родителите ги користеле за лекување и третмани на детето во странство. Сега тие средства се загубени. Или, случај со продажба на недвижен имот, кога продавачот ја имал таа несреќа, трансакцијата да се случи токму кога банката била затворена. Значи, во нашето законодавство се е ставено во еден куп, сите средства, без разлика каде се чувани и како се нашле на сметка во банката, се сметаат за депозит и во однос на сите депоненти – физички лица, Фондот за осигурување на депозити има првенствено право на намирување од стечајната маса. Ове не само што не е уставно туку претставува и единствен ваков пример во регионот и во Европа.
Воедно, Македонија е и едиствената земја на Европскиот континент и пошироко која нема предвидено надомест за загубените депозити на правни лица при пропаѓање на банка. По однос на правните лица, ние сме и УНИКАТЕН ПРИМЕР за рушење на ТЕМЕЛНИТЕ ВРЕДНОСТИ на уставниот поредок на државата. Јавноста треба да знае дека ниту едно од 2.000 правни лица депоненти на банката не доби ниту денар обештетување од Фондот за осигурување на депозити. Многу од нив се на работ од опстојување, некои веќе се банкротирани, вработените оставени на улица. Тоа е сосема спротивно од заложбите за повеќе инвестиции, странски и домашни вложувања. Правните лица своето работење по сила на закон треба да го вршат преку банка, нивните трансакции во готовина се лимитирани ако не се преку банкарска сметка. Згора на тоа, како долевање масло на огнот, во случај на стечај на банка, Фондот за осигурување на депозити има приоритет при наплата на побарувањата пред физичките и правни лица. Која е правната основа за ваквата поставеност на Фондот и зошто е тоа така досега никој не одговорил. Ние сме убедени дека и не може да одговори, бидејќи прашањето е многу едноставно. Зошто Фондот за осигурување на депозити има приоритет во стечајната постапка пред правните лица кога нив не ги обештетува со ниту еден денар? Кај правните лица е зголемена несигурноста на работа затоа што иако нивните депозити не се осигурени, Фондот за осигурување на депозити преку приоритетот за наплата во стечајната постапка ги зема нивните пари иако тие ништо не добиле од него.
Во одредени кругови кои се инволвирани во решавањето на прашањето за стечајот на Еуростандард Банка има размислување дека доколку се смени нешто во законската поставеност на Фондот за осигурување на депозити или се направат поинакви решенија во Законот за банки или други сродни закони, ќе дошло до нарушување на стабилноста на финасискиот систем или банкарскиот сектор. Ова е сосема неточно. Имено, доколку дојде до промена на редоследот на намирување во стечајната постапка за Еуростандард банка, тоа не значи дека Фондот нема да ги наплати своите побарувања. Напротив, ќе ги наплати и тоа во целост. Но, не со приоритет и преку дискриминација на сите останати.
Да резимираме. Одредбата од член 163 став 3 од Законот за банки со која Фондот за осигурување на депозити има приоритет при наплата на побарувањата од стечајната маса сме убедени дека е незаконска и неуставна, бидејќи сите во однос на Фондот се во подредена положба. Правните лица не само што не се еднакви, дури трпат и дискриминација. Со тоа, несигурноста на физичките и правните лица во финансискиот систем и банкарскиот сектор дополнително се стимулира, место да се намалува. Со стимулација на несигурност, се нарушува сигурноста во монетарната свера и банкарскиот сектор, што може да предизвика сериозно штетни последици во областа на финансискиот систем како целина.
Затоа, изборот е многу едноставен. На едната страна се несигурноста, нестабилноста и криминалот, додека на другата страна се владеењето на правото, уставноста и законитоста. На потег е Уставниот Суд!“, додаваат оттаму.