СТАНДАРД life
ЕКОНОМИЈА

Комора на сметководители: Итна неодложна измена на роковите за поднесување на завршни сметки

Процедурите за имплементација на економските мерки за поддршка на стопанството содржани во петтиот пакет е неопходно да се едноставни и да не претставуваат дополнително оптоварување на правните субјекти, со што потенцијално се ризикува наместо заздравување на економијата да се предизвика нарушување на и така кревката ликвидност на деловните субјекти и да се одрази на дополнителна загуба на работни места. Затоа Комората на сметководители бара при подготовка на законското решение за мерката Финансиска поддршка за исплата на плата, месец јануари 2021 година да се изземе од периодот за споредба.

„Во фазата на имплементација на мерките постојано се комплицираат состојбите и се ризикува успешната реализација што би било на штета на стопанството и економијата. Конкретно, во мерка за финансиска поддршка за исплата на плати за вработените, како основа за пресметка се земаат месеците ноември и декември 2020 година и јануари 2021 година, кои се споредуваат со ноември и декември 2019 година и јануари 2020 година. Тоа значи дека за да може да ја спроведеме оваа мерка во пракса, целокупната документација заклучно со 31.01.2021 година треба да биде предадена од деловните субјекти и да биде обработена, сметководствено евидентирана, анализирана и споредена со пропишаниот период. Останува не јасно зошто за споредба се зема и јануари 2021 година, во услови кога поради пандемијата имаме сериозни потешкотии квалитетно и навремено да ги обработиме дури и податоците за 2020 година“, изјави Драган Митковски, претседател на Комората на сметководители.

Комора на сметководители бара овие ограничувачки услови веднаш да бидат отстранети, односно да се изземе јануари 2021 година од споредбениот период. Сметководството е единствената врска меѓу државата и стопанството, и занемарување на оваа професија, наместо вистинско залагање за нејзино издигнување, во иднина ќе доведе до сериозни потешкотии во извршување на сите економски процеси во државата.

Комората на сметководители предупредува и за последиците од игнорирањето од страна на институциите, а особено на Министерството за финансии, на барањето за продолжување на роковите за поднесување на финансиски извештаи и завршни сметки, со што во континуитет сметководителите се ставени во состојба на неизвесност под притисок на рокови кои се недостижни сред пандемија и се ризикуваат бројни грешки кои можат да бидат штетни по деловните субјекти на долг рок. Комората на сметководители во повеќе наврати реагираше до ресорните министерства и бараше навремено пролонгирање на роковите за доставување на годишни сметки и финансиски извештаи, но досега истото е без реализација со што неизвесноста продолжува.

„Со оглед на фактот дека се наближуваме до крајните рокови, а до Комората на сметководители секојдневно пристигнуваат реакции од колеги кои биле или се уште се заболени или во изолација, повторно се обративме до Министерството за финансии и Министерството за економија и побаравме пролонгирање согласно законските можности. Имено, во членот 477 од Законот за трговски друштва е пропишано дека годишната сметка се поднесува во рок од 2 месеци од завршување на календарската година, освен ако надлежниот орган истиот не го продолжи на три месеци. На овој ист член се повикаа минатата година кога на 13.03 добивме продолжување, но, нас ни треба ваква одлука час поскоро и да биде соодветно продолжувањето на состојбите кои се критични, со цел непречено работење и зачувување на здравјето и дигнитетот на професионалците од оваа дејност, а не тоа да биде во последен момент“, изјави Ана Тасевска, потпретседател на Комората на сметководители и упати апел Министерството за финансии и Министерството за економија, да ги искористат своите надлежности и согласно актуелните можности во Законот за трговски друштва да ги пролонгираат роковите за годишни сметки и финансиски извештаи.

Комората на сметководители потсетува дека споредбено со Европа во нашата земја имама најкратки рокови за поднесување на годишните сметки и апсолутно смешни се оправданијата дека некакви статистички податоци за Европската Унија зависат токму од нас, а уште помалку дека истите треба да се ставаат пред здравјето на граѓаните.

Поврзани вести

НУК: Комплетно обесштетување, ако се донесе одлука за целосен локдаун

Ангела Веселиновска

Исплатата на пензиите започнува на 26 мај

Занаетчиската комора изрази загриженост поради доцнењето на петтиот пакет мерки

Влатко Зорба