СТАНДАРД life
АНАЛИЗИ

Нечистите алишта на модната индустрија

Разгледувањето на модната и текстилната индустрија одблизу открива шокантни и загрижувачки вистини за нивните значајни негативни влијанија врз животната средина и општествената праведност.

Од материјалите што се користат во производството на нашата облека, алармантно високите нивоа на емисии на јаглерод поврзани со индустријата, зголемениот проблем со отпадот и прекршоците на работничките права, ја прават оваа индустрија општествено и еколошки неправедна.

Денешниот систем за облека (Извор: Ellen Macarthur Foundation)

Производство и емисии

Текстилната индустрија троши скоро 100 милиони тони необновливи материјали секоја година, вклучувајќи нафта за производство на синтетички влакна, хемикалии за боење и ѓубриво за одгледување на култури како памук.

Понатаму, таа е неизмерно водоинтензивна и користи близу 100 милијарди кубни метри вода на годишно ниво, предизвикувајќи хаос во некои региони за одгледување памук кои ионака веќе страдаат од недостиг на вода. Всушност, оваа индустрија е втор по големина потрошувач на вода во светот. За произведување на една памучна кошула се употребуваат околу 2 650 литри вода, што е доволно едно лице да пие 8 чаши вода секој ден во времетраење од три и пол години. Слично, потребни се околу 7 570 литри вода за да се направат фармерки. Со оваа количина на вода, едно лице може да ги пие истите осум чаши вода дневно во текот на 10 години!

Модната индустрија е еден од најголемите придонесувачи во емисиите на стакленички гасови на глобално ниво. Додека во моментов е одговорна за емитување на 10% од сите емисии на јаглерод на човештвото, се проценува дека таа ќе потроши повеќе од 26% од нашиот јаглероден  буџет за останување под 2°C до 2050 година ако не направи некои големи промени. Ова е дури 0,5°C потопло отколку што препорачуваат научниците.

Опасни материи и загадување со пластика

Голем број опасни хемикалии и супстанции се користат при производството на облека. Истите се влеваат во околината, уништувајќи ги екосистемите и земјоделските површини а се штетни и за фабриката и за текстилните работници кои ја изработуваат облеката, како и за нас, крајните корисници.

Голем дел од облеката содржи пластични микро влакна кои на крајот завршуваат во морињата, придонесувајќи за продлабочување на проблемот со загадувањето на океаните. Половина милион тони пластични микрофибри од текстил како полиестер, најлон и акрилик се фрлаат во морињата секоја година – еквивалентно на 50 милијарди пластични шишиња.

Брза мода

Како и секоја друга голема индустрија, модната индустрија рапидно расте во последните неколку децении. Од 2000 година, производството на облека е двојно зголемено. Во 2014 година, луѓето купија 60% повеќе облека отколку во 2000 година. Сепак, најголем дел од ова не се сведува на зголемување на побарувачката, туку на намалување на времето за чување на облеката, особено во побогатите земји како САД.

Извор: Euromonitor International Apparel & Footwear 2016 Edition (трендови на продажба во обем 2005–2015); Светска банка, Светски индикатори за развој – ГД (2017)

Ова првенствено се должи на феноменот „брза мода“ – ефтина облека произведена од големи корпорации поттикната со намерно многу побрзо менување на модните трендови. Традиционално кажано, модните компании предходно произведуваа две колекции годишно – пролет / лето и есен / зима. Во Европа, многу од овие компании сега лансираат пет колекции годишно, а за некои, како Зара, се знае дека издаваат до 24 колекции секоја година.

Додека производството на облека е двојно зголемено, користењето облека (количината на облека) се намалува рапидно. Во просек, користењето облека се намали за 36% помеѓу 2000 и 2015 година. Земјите со ниски примања имаат многу повисоки стапки на искористеност во споредба со побогатите земји. Стапката на САД е четвртина од глобалниот просек, а пак во Кина користењето облека се намали за 70% за 15 години. Повеќе од половина од брзата мода што се става на полиците се фрла за помалку од една година.

Отпад и рециклирање

Што се случува со парчињата облека кои бргу излегуваат од мода и се фрлаат? Само 1% од материјалот што се користи за производство на облека се рециклира во нова облека, а останатите 85% од целиот текстил одат директно во депонија секоја година. Дел од „рециклирањето“ што се случува со фрлениот материјал е повторно да се користи за друга намена, како што е на пример неговата употреба за топлење и изолација, крпи за бришење и за полнење душеци.

Пример за еквивалент на отпадот од производство на облека би било согорување на еден камион за смет полн со облека или испраќање на истиот на депонија секоја секунда.

Социјални неправди

Како што веќе споменавме, штетните хемикалии во производството на облека уништуваат земјоделско земјиште и се штетни за работниците, а одгледувањето култури како памук троши поголем дел од резервите на вода во одредени заедници.

Модната индустрија, особено брзата мода, е озлогласена по создавањето страшни, небезбедни и недоволно платени работни услови за своите работници. Исто така, има многу докази за тоа како некои работни средини во суштина практикуваат модерно ропство и детски труд.

Fashion Revolution Macedonia

Како одговор на сето ова, многу граѓански движења и организации се фокусираат на подигнување на свеста и бараат промена во индустријата. Едно такво движење е Fashion Revolution или „Модна револуција“, глобално движење кое се наоѓа во над 100 земји, вклучително и Северна Македонија. Fashion Revolution Macedonia се организира околу ова прашање на локално ниво од крајот на 2019 година. Тимот, кој се состои од модни дизајнери, ентузијасти и активисти, има организирано голем број настани и едукативни дискусии, вклучително и глобалната недела на модна револуција, која се одржува секоја година во Април.

За време на минатогодишниот Моден викенд во Скопје, тие заедно организираа работилница насловена „Одржливи практики: потрошувачи и бизниси“ и постојано работат со локалните училишта со цел да го внесат ова прашање во образовниот процес.

Освен ова, тие имаат за цел да ја инспирираат и поттикнат креативноста и иновативноста на модната заедница. Ова вклучува проекти како Haulternative – вдахнување живот во стара облека преку велосипедизам, размена или откривање на парчиња во продавници за облека од втора рака. „Со задоволство ги споделуваме овие примери со надеж дека ќе поттикнеме слична креативност во нашата заедница“.

Бидејќи тимот главно се состои од модни дизајнери, тие цврсто веруваат во практикување на она што го проповедаат. „Нашата цел е да водиме со пример. Ова значи дизајнирање облека без отпад, користење на органски ткаенини и потикнување на другите колеги да ги промовираат истите вредности како и нашите.“

И покрај тоа што Северна Македонија повеќе има распространета текстилна отколку модна индустрија, сепак е земја што забележува зголемување на производството на брза мода со пократок век на траење.

„Fashion Revolution Macedonia ќе остане посветена на исцрпно едуцирање, транспарентно информирање и непоколебливо отворање на важни прашања за сите засегнати страни во модниот ланец на снабдување“, рекоа Fashion Revolution Macedonia за The Climate Herald.

Подобра иднина за модата

Во извештајот Нова текстилна економија: Редизајнирање на иднината на модата, се дадени 4 предлози за изградба на нова и подобрена текстилна економија фокусирана на животната средина и социјалната правда:

  1. Отстранување на токсични материи од производството на материјали за текстилната индуструја и ставање крај на ослободувањето на микрофибер
  2. Трансформирање на начинот на дизајнирање, продажба и употреба на облеката за долготрајна употреба. Ова вклучува производство на облека со  подобар квалитет која покрај издржливоста ќе биде и долго време атрактивна и модерна и промовирање на индустријата за краткорочно изнајмување на облека
  3. Радикално подобрување на рециклирањето преку трансформација на дизајнот, собирањето и обработката на облеката. Ова значи земање во предвид на крајот-на-животот на облеката и потенцијалот за рециклирање во фазата на дизајнирање, развој на процеси за рециклирање насочени кон ефикасно рециклирање материјали со притисок за повеќе технички иновации и распространето собирање на облека
  4. Ефикасно искористување на ресурсите и префрлање на обновливи извори на енергија. Ова значи намалување на потребата за суровини заради зголемување на рециклирањето. Кога тоа не е можно, добивање на овие суровини од обновливи извори преку практики како регенеративно земјоделство и обновливи суровини.

Нормално, компаниите и владите играат голема улога во промовирањето и поставувањето на системи за примена на овие практики. Тимот на Fashion Revolution Macedonia „очекува компаниите и владините тела да бидат поискрени и потранспарентни во врска со овие прашања во иднина, особено затоа што земјата е на пат кон ЕУ интеграција.“

Извор: The Climate Herald

Поврзани вести

Електронско банкарство: Дигитална трансформација во Македонија

msp-admin

Додека работната сила заминува на Запад, отпадот доаѓа на Балканот

msp-admin

Кои се главните ризици за инвеститорите во Блискиот исток во 2020 година?

msp-admin