СТАНДАРД life
ЕКОНОМИЈА

ЕИБ ќе продолжи да инвестира во општествениот и економски развој на С. Македонија

Европската инвестициска банка (ЕИБ) ќе продолжи да инвестира во општествениот и економски развој на Република Северна Македонија со поддршка на проектите за побрзо закрепнување на економијата од последиците од пандемијата со КОВИД-19 со посебен фокус на малите и средни претпријатија, како и за проекти од Зелената агенда за инвестиции во обновлива енергија, енергетска ефикасност и дигитализацијата како дел од програмата што произлегува од Економскиот инвестициски план за Западен Балкан.

Ова е заедничкиот заклучок од средбата на претседателот на Владата на Република Северна Македонија Зоран Заев и министерот за финансии Фатмир Бесими со претседателот на ЕИБ Вернер Хојер и со потпретседателката на банката Лилјана Павлова.

ЕИБ е подготвена да ја прошири својата успешна соработка со Владата на Северна Македонија и понатаму да придонесе кон остварување на европските стандарди за конкурентност на македонската економија, да поддржи големи инфраструктурни проекти и транзиција кон позелен и поодржлив економски модел. До денеска, ЕИБ инвестираше близу 970 милиони евра во 29 проекти во Република Северна Македонија, поддржувајќи клучни сектори на економијата – инфраструктурата, енергијата, транспортот и малите и средните претпријатија.

„Владата на Северна Македонија неодамна го одобри Зеленото сценарио за структурен развој на секторите за транспорт, енергија, животна средина и климатски промени. Имаме амбициозна агенда која ќе биде поддржана со значителни инвестиции, како придонес за иднината не само на Северна Македонија, туку и на Европа како целина. Ние веруваме дека Европската инвестициска банка може да биде наш клучен партнер во овој потфат и очекувам блиска и успешна соработка во следните години”, истакна премиерот Заев на средбата со првите луѓе на ЕИБ.

На работниот состанок на владината делегација со ЕИБ беше нагласено дека традиционалното партнерство во претстојниот период со поддршка за спроведување на двата клучни проекти во моментов во Северна Македонија за кои земјата аплицираше на последниот повик за инвестициски грантови во рамките на Инвестициската рамка за Западен Балкан – Пречистителната станица во Скопје и третата фаза од железничкото поврзување по Коридорот 8, источното крило кон Бугарија.

„На претседателот Хојер му ја пренесов нашата заинтересираност за подобра соработка во спроведување на нашата инвестициска агенда презентирана преку Единствената листа на проекти, за што го поканивме ЕИБ да отвори свое претставништво во Северна Македонија. Сè на сè, одличен почеток на работната посета на Луксембург, со охрабрувањето што го добивме од врвот на банката за сите наши планови во пост-ковид периодот и за нашиот план за ре-старт на економијата и за враќање на развојните трендови кои Европската инвестициска банка ги препозна и ќе ги поддржи и во иднина”, изјави премиерот Заев.

Претседателот на ЕИБ, Вернер Хојер од своја страна рече дека приоритет на банката е да ја поддржи Северна Македонија што побрзо да се опорави од пандемијата КОВИД-19 и да напредува на својот пат за пристапување во ЕУ.

„Подготвени сме да ја поддржиме транзицијата на земјата кон позелена, поинклузивна и поодржлива економија со финансирање и технички совети. Премиерот Заев и јас споделуваме европска визија и посветеност кон економски силен регион на Северна Македонија и Западен Балкан и сакаме да видиме поголеми придобивки за Северна Македонија од Економскиот инвестициски план на Европската Комисија. Како климатска банка на ЕУ, ЕИБ ја поздравува силната посветеност на премиерот Заев за поддршка на распространувањето на Зелената агенда и јас сум задоволен што гледам напредување на зелените инвестиции за Северна Македонија”, потенцираше претседателот на ЕИБ Хојер.

Потпретседателката на ЕИБ, одговорна за Северна Македонија, Лилјана Павлова, додаде дека фокусот на Европската инвестициска банка во наредниот период е насочен кон можностите утврдени во Економскиот и инвестициски план како кон брзото закрепнување на КОВИД-19, создавање на посилен регионален пазар и подобра клима за инвестиции.

Амбасадорот Дејвид Гир, кој како шеф на Делегацијата на ЕУ по повод одржувањето на состанокот, изјави дека Европската Унија и Владата на Северна Македонија градат партнерство кое се стреми кон повеќе и дека заеднички ги развиваат најдобрите решенија за промовирање на Зелената агенда, промовирање на поврзаност и зајакнување на трговијата во рамките на Заедничкиот регионален пазар при што Економскиот инвестициски план во овој контекст има клучна улога за нивна реализација.

Како дел од целокупните напори на ЕУ во рамките на Тим Европа за ублажување на економскиот пад од пандемијата КОВИД-19, ЕИБ инвестираше 20 милиони евра за поддршка на македонските мали и средни претпријатија во 2020 година со што им овозможи на локалните компании пристап до нови извори на финансирање за надминување на ограничувањата на ликвидноста и за зачувување на работните места за време на пандемијата.

На средбата во Луксембург на владината делегација со ЕИБ најавени се нови значителни финансиски средства за македонските мали и средни претпријатија во 2021 година.

Поврзани вести

Битиќи: 700 илјади граѓани добија пари како помош од државата

Влатко Зорба

Договор со Светска банка со кој се обезбедуваат 70 милиони евра за локални патишта во 80 општини

УЈП ја заокружи исплатата на ДДВ на физички лица за второто тримесечје од годинава