Пандемијата на коронавирус значително ја зајакна пазарната моќ на доминантните компании, што може да го задуши растот на среден рок и да ги задуши иновациите и инвестициите, покажа неодамнешното истражување на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ). Клучните индикатори ја сигнализираат растечката моќ на пазарот на големите компании, соопшти ММФ, истакнувајќи го растечкиот јаз меѓу продажните цени и трошоците за производство на стоки и услуги и концентрацијата на приходите меѓу четирите најголеми играчи во еден сектор.
Ова делумно може да се припише на поголемиот број на банкроти во пандемијата, што ја намалува конкуренцијата, пишуваат експерти од ММФ.
„Проценуваме дека поради пандемијата, оваа концентрација може да се зголеми во развиените економии барем колку што се зголеми за 15 години до крајот на 2015 година“, напиша на блогот извршната директорка на ММФ, Кристалина Георгиева, коментирајќи го истражувањето.
„Доминантните играчи се меѓу најголемите добитници дури и во оние сектори кои профитираа од кризата, како што е дигиталниот сектор“, истакнуваат експертите од ММФ.
Тие не ги именуваат компаниите, истакнувајќи го само технолошкиот сектор меѓу оние со најдраматична концентрација на пазарна моќ, имајќи го предвид двојно поголемиот пораст на разликата во цените отколку во економијата како целина во изминатите 20 години. Новите, иновативни компании кои ги заменија основаните компании пред две децении, денес не се соочуваат со истиот притисок во конкуренцијата од потенцијалните нови, иновативни играчи, се вели во студијата.
Зголемената употреба на модели на вештачка интелигенција и цени базирани на податоци, дополнително ја концентрира пазарната моќ и создава потешкотии за регулаторите, соопшти ММФ. Регулаторите треба да бидат сигурни дека потрошувачите можат да користат повеќе платформи затоа што „платформите со значителна моќ на пазарот можат да ја злоупотребат доминантната позиција на штета на корисниците на едната или на двете страни на пазарот, како и на потенцијалните нови иновативни играчи“, се вели во студијата.
Тие исто така предупредуваат дека спојувањата и превземањата се движечки фактор во концентрацијата на моќта на пазарот, предлагајќи регулаторите внимателно да ги следат.
Анализата на преземања и спојувања до денес може да обезбеди поефикасна заштита на конкуренцијата, сугерираат тие, предлагајќи забрана за „киднапирање“ на работници и клиенти меѓу водечките компании.