На својата редовна 55-та седница што се одржа вчера, Владата ја разгледа и усвои информацијата за состојбите за откуп на тутун од реколта 2020 година и донесе заклучок да му се укаже на Тутунскиот комбинат Прилеп да ги преземе сите активности да се откупат дополнителни 700 тони тутун од вишокот од последната реколта.
Како доминантен сопственик на Тутунски комбинат Прилеп, Владата на Северна Македонија преку својот претставник во ова акционерско друштво ќе иницира постапка за реализација на овој заклучок на собранието на акционери на Тутунски Комбинат Прилеп.
На седницата Владата ја усвои и информацијата дека неколку откупни претпријатија изразија подготвеност да откупат уште околу 600 тони од вишокот тутун од реколтата 2020, како и информацијата дека Тутунскиот комбинат – Прилеп ја презема реализацијата на 785 договори од Далија табак – Делчево за откуп на тутун од производителите, бидејќи оваа компанија не ги обезбеди потребните средства за откуп на 455 тони предвидени со овие договори.