Американскиот интернет гигант Google ќе инвестира 25 милиони евра во новосоздадениот Европски фонд за медиуми и информации, чија цел е борба против лажните вести.
Пребарувачот го презема овој потег како одговор на критиките дека технолошките корпорации не прават доволно за да се справат со дезинформациите преку Интернет, пренесe Ројтерс.
Пандемијата КОВИД-19 и претседателските избори во 2020 година во САД предизвикаа бран лажни вести на социјалните мрежи. И во многу земји, вклучително и во Европа, регулаторите размислуваат за засилени контроли врз информациите што се шират низ различните канали.
Европскиот фонд за медиуми и информации е основан оваа година од португалската добротворна фондација Калуст Гулбенкијан и Eвропскиот универзитетски институт.
Неговата цел е да им помогне на истражувачите и невладините организации да ги проверат своите информативни канали и да пријават ширење лажни вести.
„Во позадина на целата неизвесност и предизвици на кои бевме сведоци во текот на минатата година, поважно е од кога и да е луѓето да имаат пристап до квалитетни и точни информации и да можат да разликуваат факт од фикција“, рече Мет Бритин, кој раководи со деловниот оддел на Google за Европа.
Засега, фондот се очекува да работи во рок од пет години. Европската опсерваторија за дигитални медиуми, која работи под покровителство на Европската комисија, има тим истражувачи кои ќе избираат и оценуваат проекти финансирани од фондот.