СТАНДАРД life
КОМПАНИИ

Амазон го „ПОБЕДИ“ работничкото движење: Вработените гласаа ПРОТИВ синдикатите

Вработените во магацинот во Алабама гласаа против формирање на првиот синдикат на работници на „Амазон“ во САД. Американскиот синдикат RWDSU најавува жалба затоа што „Амазон“, наводно, незаконски влијаеле на резултатот од гласањето.

Само добра половина од 5.800 вработени учествуваа на гласањето, 1.798 гласаа „против“ и 738 „за“ влез во синдикатот, додека 505 гласачки ливчиња се спорни, пренесе „Гардијан“.

Поразот на синдикатот завршува со повеќемесечни расправии и дискусии за работните услови во „Амазон“, кој со повеќе од 800.000 вработени (по „Валмарт“) е втор по големина приватен работодавач во САД.

Гласањето привлече големо внимание низ Соединетите држави, па дури и претседателот Џо Бајден го нарече „витална одлука“ минатиот месец.

Синдикатите се надеваа дека ќе ги добијат првите членови од магацините на „Амазон“ во Алабама и ќе започнат нов бран активизам на работниците.

Идејата беше поддржана и од бројни демократи предводени од Берни Сандерс, како и неколку републиканци.

Сепак, поразот ја истакна слабоста на работничкото движење во САД, а акциите на „Амазон“ по поразот пораснаа за дополнителни 0,8 проценти.

„Амазон“ ги негира обвинувањата

Напорите за формирање на синдикат на работници во „Амазон“ започнаа од Американскиот синдикат за трговија на мало и трговија на големо (RWDSU), кој најавува жалба во врска со тоа дека компанијата создава атмосфера на „конфузија, принуда и страв“ како резултат на гласањето за синдикат.

„Амазон“ ги негираше обвинувањата, велејќи дека „работи напорно за да ги сослуша загриженоста и напредокот“, пренесе „Би-Би-Си“.

„Амазон“ отсекогаш тврдел дека повеќето вработени не сакаат синдикат, ниту им треба никаков синдикат. Компанијата веќе вели дека им обезбедува на работниците бројни поволности и минимална плата од 15 долари.

„Работничкото движење е живо“

И покрај поразот, претседателот на RWDSU, Стјуарт Еплбаум проценува дека кампањата сепак е важна за движењето на синдикатите. „Му вдахнавме живот на работничкото движење и ја отворивме вратата за организирање во „Амазон“, рече тој за „Ројтерс“.

„Тоа беше само искра што ќе предизвика пожар низ САД. Работничкото движење е живо“, рече оптимистички работникот во „Амазон“, Емит Ешфорд.

Од основањето во 1995 година, „Амазон“ постојано беше критикуван дека ги држи вработените под постојан надзор и ги притиска да ги исполни тешко достапните квоти.

Продажбата на Интернет се зголеми за време на пандемијата Ковид-19, а основачот Џеф Безос е најбогатиот човек на Земјата четврта година по ред.

Поврзани вести

Дигиталната трансформација во Европа не може да се случи без отворен пазар

Влатко Зорба

Најбогатиот човек во Чешка загина во хеликоптерска несреќа на Алјаска

Влатко Зорба

Која нафтена компанија се претстави најдобро во 2020 година?

Влатко Зорба