СТАНДАРД life
АНАЛИЗИ

Економското закрепнување забавува поради тешкото ширење на вакцините (инфографик)

Светската економија во 2021 година се соочува со потежок почеток отколку што се очекуваше, бидејќи се зголемуваат случаите на Ковид-19 и потребно е време да се започне процес на помасовна вакцинација, пишува „Bloomberg“.

Иако глобалниот раст е се уште на пат да се опорави брзо од минатогодишната рецесија, тоа може да потрае подолго отколку што беше претходно предвидено. Светска банка веќе ја намали прогнозата за раст од 4% во 2021 година овој месец, а Меѓународниот монетарен фонд исто така се очекува да ја ажурира проценката оваа недела.

Сега се очекуваат двојни рецесии во Јапонија, еврозоната и Велика Британија, бидејќи се воведени нови ограничувања за запирање на ширењето на вирусот, наведува „Блумберг“. Рекордниот број случаи во Соединетите држави ја поттикнаа администрацијата на претседателот Џо Бајден да подготви дополнителни фискални стимулации вредни 1,9 трилиони долари.

Само Кина успеа да постигне обновување во облик на V, откако претходно успеа да го ограничи ширењето на вирусот. Но, дури и таму, потрошувачите остануваат загрижени за новите мерки против пандемијата.

Индикаторите со висока фреквенција, следени од „Bloomberg Economics“, покажуваат загрижувачки почеток на годината.

„Ова е одраз на тажната вистина дека враќањето во нормала е малку веројатно пред широко распространетата вакцина“, рече Том Орлик, главен економист во „Bloomberg Economics“.

Мрачните предвидувања се факт и покрај фискалната поддршка од вкупно 12 трилиони долари и трилиони помош од централните банки, кои така и не беа во можност да го забетонираат закрепнувањето.

Но, и покрај тоа што економските прогнози се влошуваат со напредокот на 2021 година, финансиските пазари цветаат заради оптимизмот дека владините стимулации и вакцинацијата ќе доведат до закрепнување. Минатата недела донесе и нови рекорди на меѓународните пазари.

Разликите во перформансите меѓу земјите најверојатно ќе се рефлектираат во говорите на светските лидери – вклучувајќи ги кинескиот претседател Си Џнпинг, неговиот француски колега Емануел Макрон и германската канцеларка Ангела Меркел, како и други кои ќе зборуваат за време на електронското издание на Светскиот економски форум од 25-29 јануари.

Светската здравствена организација се очекува во понеделник да ги предупреди богатите нации дека нивните економии можат да страдаат и доколку не им помогнат на земјите во развој со своите програми за вакцинација, се вели во извештајот на Меѓународната трговска комора.

Според него, богатите земји може да изгубат и до 4,5 трилиони долари ако не успеат да им обезбедат пристап на вакцините на земјите во развој.

„Иако има светлина на крајот од тунелот, сè уште ни претстои долг и тежок пат“, рече Ерик Нилсен, главен економист на Unicredit SpA. „Сè додека пандемијата продолжува да опфаќа дел од светот, нормалноста нема да се врати никаде“, рече тој.

Оптимистичките предвидувања се засноваат на сценарио во кое властите успеваат да ја дистрибуираат вакцината во значителен обем до средината на годината и да ја неутрализираат заканата од полесно пренослив вид на вирус. Продолженото олеснување на монетарната политика и надежите дека владите нема да престанат прерано да ги поддржуваат, исто така, треба да имаат корисен ефект.

Поврзани вести

Вистината за тоа кој заработува пари на короната

msp-admin

Големата разлика меѓу богатите и сиромашните во Кина претставува закана за идниот раст

Влатко Зорба

Г20: Историски договор за преструктуирање на долгот во коронакриза

msp-admin