СТАНДАРД life
АНАЛИЗИ

Скоро 2 трилиони евра и многу прашалници

Комесарот за буџет на ЕУ, Јоханес Хан, во интервју за ДВ го нарече буџетот „револуција“. Износот од 1,8 трилиони евра е убедливо најголемата сума која некогаш се нашла во бриселската каса во период од седум години.

Бидејќи, покрај редовниот буџет од 1,1 трилиони, има и 750 милијарди евра во „фондот за обнова“ на економиите кои беа погодени од кризата за време на пандемијата.

Не само во однос на расходите, имаше вистински пресврт, туку и во однос на приходите. Тие дополнителни 750 милијарди евра не ги плаќаат, како и обично, земјите-членки, туку за прв пат Европската комисија се задолжува независно на финансискиот пазар.

До избувнувањето на пандемијата, заедничките долгови беа незамисливи за многу влади, вклучувајќи и за германската канцеларка. Но, галопираната економска криза ја принуди Ангела Меркел да се премисли. Долговите во име на ЕУ одеднаш беа одлично решение, пред се затоа што на прв поглед во следните седум години нема да чини скоро ништо и нема да ги оптеретува националните буџети.

Нови извори на приход за ЕУ

Тие долгови треба да ги отплати Унијата до 2058 година. За таа цел, Брисел планира да воведе нови даноци за пластика, финансиски трансакции, емисии на стакленички гасови, како и нов еколошки данок за производи од трети земји.

Овие даночни овластувања исто така ја зајакнуваат моќта на седиштето на ЕУ во Брисел. Така треба да се зголеми влијанието на претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лeјен, бидејќи таа сега седи на огромни вреќи со пари.

Комисијата оптимистички го нарече Фондот за реконструкција „Следната генерација на ЕУ“. Овие пари треба да се користат првенствено за финансирање инвестиции во согласност со заштитата на климата и дигитализацијата на економијата.

„Европскиот зелен договор ќе се финансира со повеќе од една третина од тие средства. Тој зелен план е стратегија за раст на Европа “, вети Фон дер Лeјен во говорот пред претприемачите во декември.

Кој плаќа на крајот?

Долговите ќе ги отплаќа следната генерација во Европа, смета Франк Шоркоф, експерт за европско право од Универзитетот во Гетинген. Тој во германското списание Цицерон објасни дека отплатата на заемот до 2058 година ќе биде преку придонесите на членките и дека граѓаните на ЕУ „ќе ги плаќаат тие европски трошоци индиректно преку национални даноци“.

Шоркоф, исто така, гледа и можен судир со пресудата на германскиот Уставен суд за границите на политиката за европска интеграција. Можно е овој суд да утврди дека заедничките европски долгови и даноци ги надминуваат тие граници, посочува овој професор, пренесе ДВ.

Европскиот буџет, по долгата блокада на Полска и Унгарија, беше усвоен дури во средината на декември, па исплатата на првите транши од фондот за наплата ќе следи подоцна од планираното. Земјите кои имаат огромна потреба од исплата, како што се Италија и Шпанија, го забрзаа процесот.

Но, Рим и Мадрид ќе мора да бидат трпеливи до средината на годината, изјави Аугусто Сантос Силва, шеф на дипломатијата на Португалија, која е претседавач на ЕУ во првата половина на 2021 година.

„Се надеваме дека во првата половина од годинава ќе постигнеме чекори што ќе овозможат исплата на првите десет проценти од Фондот за помош”, изјави Силва за новинската агенција „Луса“.

Пред да бидат исплатени парите, 27-те парламенти на земјите-членки мора да го ратификуваат овој модел на финансирање. Покрај тоа, сите земји мора да достават инвестициски планови кои покажуваат како тие се во согласност со еколошките барања во тие инвестиции.

Италија е нетрпелива

Италија, која е силно погодена од пандемијата и која и онака веќе беше презадолжена, особено се радува на паричниот подарок од Брисел. Таа земја ќе добие поголем дел од колачот. Треба да се инвестираат дури 64 милијарди евра во италијанската економија и здравствен систем.

Владејачката коалиција во Рим веќе со недели расправа за тоа како да се распределат и искористат парите. Малиот коалициски партнер „Италија Вива“ дури се заканува дека ќе ја собори владата на Џузепе Конте. Италија сè уште не доставила план за расходи што треба да го одобри Европската комисија.

Буџетот е историски затоа што, за прв пат, плаќањата се условени од владеењето на правото во земја-членка на ЕУ. Полска и Унгарија, земји кои според мислењето на Европската комисија и парламентот го поткопуваат владеењето на правото, жестоко се побунија против тој услов.

Сега, по договорот со овие две земји, има компромис во законот, кој, сепак, прво мора да го провери Судот на правдата на ЕУ.

Поврзани вести

Вистината за тоа кој заработува пари на короната

msp-admin

Дали мерките на Демократите ќе го променат 30-годишниот тренд на пораст на нееднаквоста во САД?

Влатко Зорба

Кои се предизвиците со кои се соочуваат жените на идниот пазар на трудот?

msp-admin