Данска денеска објави дека планира да развие дигитален пасош поврзан со коронавирусот што ќе овозможи патување во странство и отворање на општеството.
Пасошот ќе им овозможи на Данците да сведочат дека биле вакцинирани против Ковид-19 за време на службени и други патувања во странство, соопшти Министерството за финансии.
Претставниците на Конфедерацијата на данската индустрија, Данската стопанска комора и културниот сектор се поканети да се приклучат на проектот.
Според планот, луѓето ќе можат да се најават на веб-страницата и да го проверат својот статус во однос на вакцинацијата против Ковид-19 веќе на крајот на февруари.
Веројатно ќе бидат потребни дополнителни три до четири месеци за да се развие дигитален пасош и придружната апликација.
Веќе неколку месеци, Данците можат да прикажат и печатат документ кој покажува дека неодамна биле тестирани и негативни на коронавирус.
„За нас е клучно да можеме повторно да го отвориме данското општество и компаниите да можат повторно да работат. Многу дански компании имаат глобална природа“, рече министерот за финансии Мортен Бодсков.
„Ова е светло на крајот од тунелот за голем број компании“, вели Брајан Микелсен, шеф на Данската стопанска комора.
Пасошот може да го користат и луѓе кои сакаат да посетуваат ресторани, конференции, музички фестивали и спортски настани.
Бројни сектори на данското општество остануваат затворени до 28 февруари, додека аптеките, продавниците за храна и трговските центри се отворени.
Баровите, кафулињата и рестораните се ограничени на понуда на храна и пијалоци надвор.
До 29 јануари земјата вакцинираше околу 184.000 луѓе од вкупно 5,8 милиони жители со првата доза на вакцината.