СТАНДАРД life
ПРЕТПРИЕМАЧ

Димитриоски: Цените на рекламирање кај нас се исклучително ниски, а вкупната вредност на пазарот за огласување е очаен

Цените на рекламирање кај нас се исклучително ниски, а вкупната вредност на пазарот за огласување е очаен, со сума помеѓу 30 и 35 милиони евра за сите огласувачки платформи годишно (ТВ, радио, интернет, печат, надворешно рекламирање). Споредено со регионот, во Србија се троши шест пати повеќе, во Словенија четири пати повеќе, а Хрватска е лидер со околу 340 милиони евра!, изјави во интервју за „Стандард“ директорот на маркетинг агенцијата „Еден на еден“, Жарко Димитриоски – Жаре.

Вели дека кризата не ја одмина неговата агенција и дека ова е криза „во која на површина излегуваат сметките од минатото“.

– Оние кои претходно не работеле домаќински, сега истото го плаќаат скапо. За среќа, отсекогаш финансиски сме биле многу дисциплинирани, па тоа ни овозможи годината да ја пребродиме со цел тим, цели плати, а дупките ги пополнивме од претходно заштедени резерви, смета тој.

Смета и дека нема успех преку ноќ, ниту во личното живеење, ниту во тимот како колектив, ниту во државата како заедница.

-До успех се доаѓа со посветеност и истрајност, особено кога е ситуацијата тешка како оваа нашата. А кога сме кај успехот, голем успех е голем успех секаде и истиот не е лесно да се оствари ниту дома, ниту во странство. Од двете работи што ги посочи во прашањето, секогаш ќе одберам голем успех дома, изјави Димитриоски.

Имаш сопствена продукција и маркетинг агенција. Раскажи ни го накратко патот како од актер и новинар до претприемач?

-Мајка ми ја подготвувала медицинската специјализација додека сум бил бебе. Тоа значело многу време поминато со неа во кое за жал или среќа, друштво ни правеле само нејзините книги, па многу рано сум научил да ги читам и пишувам буквите, што од друга страна ме направило доста нетрпелив и немирен ученик во прво одделение. Учителката Тинка беше таа која на моите им предложи да ме однесат на аудиција во Детското Драмско Студио на МРТВ, кое за голема жал на земјата веќе не постои и во кое секоја смена на генерации доаѓаше по селекција од 500 и повеќе пријавени дечиња. Имав чест да ме примат, таму останав од 6-тата до 15-тата година и играв во многу ТВ серии и програми, водев радио емисии, учев од прекрасни луѓе меѓу кои и раководителката на студиото, Софија Гогова Врчаковска и се заљубив во сето ова што до ден денеска го работам.

Патот низ неколку телевизии ме доведе до А1 каде добив неверојатна шанса да бидам уредник на забавната редакција на само 20 годишна возраст и каде ја почнав емисијата „Еден на Еден“. Основањето на продукцијата со мојот брат беше само логична последица на затворањето на А1, а набрзо потоа едноставно имавме среќа да познаваме луѓе на кои им требаа услуги кои бевме во можност да им ги понудиме за фирмата полека да се претвори во комплетна маркетинг агенција која веќе речиси 10 години расте и работи со многу љубов и пасиониран тим посветен на нашите клиенти.

Значи, ништо од ова не би било ако мајка ми не запишала медицина.

За оние кои се образуваат и сакаат да навлезат во овој бизнис, како се станува успешна маркетинг агенција во Македонија?

-Не верувам баш во „формули за успех“, но отсекогаш ме фасцинирале туѓи приказни и искуства од кои сум учел, а ако некој го реплицира моето, тоа е просто.

Прво, многу љубов и желба нешто да научиш. Второ, премногу посветено време и труд за да можеш со уште пар други луѓе да креирате работи за кои вообичаено е потребна бројка од барем три пати повеќе. Тоа подразбира сам да пишуваш, сам да креираш, сам да монтираш, да дизајнираш, да продаваш, да се мотивираш кога е тешко итн.

Во тоа помагаат десетици и десетици книги од областа на маркетинг, бизнис, продажба и уште повеќе биографии и автобиографии на луѓе кои оставиле белег со својата работа, а кои треба да ги читаш пасионирано.

Сето ова помножено со 10 години, имање на партнер во мојот брат со кого комплетно се надополнуваме (она што се негови силни страни се мои слаби и обратно), имање на прекрасен тим професионалци и еден куп среќа по патот, резултира со една компанија која денеска продуцира ТВ емисии, има чест да е маркетинг агенција на некои од најголемите домашни и странски брендови, но и компанија која се развива во полиња за кои искрено не сум ни замислувал. Сето ова ме прави многу среќен и исполнет.

Пред речиси две години го основа Форумот за иновации во медиумите, првиот настан за професионално поврзување на луѓето од медиумската и маркетиншката област во земјава. Како оди оваа приказна и успеа ли во првичната замисла?

-Тоа е еден прекрасен проект кој беше дел од програмата на Macedonia Support Initiative, финансирана од УСАИД. Како некомерцијален проект, ја оствари целта во Скопје да ги донесе некои од водечките луѓе на исклучително големи компании од областа на маркетингот, видео продукцијата, сајбер безбедноста и други, притоа помагајќи им на внимателно одбрани домашни компании во остварување директни контакти и продажба надвор. Заедно со вториот дел од форумот, оној со панел дискусиите, на кои учество земаа домашни врвни имиња и токму овие странски гости, резултираше со незаборавни две изданија.

Верувам дека таков проект ќе продолжи да се организира под капата на телекомуникациски оператор или слична заинтересирана компанија во иднина.

Партнер и Креативен Директор си во компанијата „Еден на еден“. Дали корона-кризата влијаеше на компанијата и доколку да, со кои предизвици се соочи? Имаше ли можеби некаква помош од државата?

-Апсолутно. Намалени приходи, откажани кампањи и настани, кризата не го одмина овој дел од светот, а со тоа и „Еден на Еден“. Ова беше и се уште е криза во која на површина излегуваат сметките од минатото. Оние кои претходно не работеле домаќински, сега истото го плаќаат скапо. За среќа, отсекогаш финансиски сме биле многу дисциплинирани, па тоа ни овозможи годината да ја пребродиме со цел тим, цели плати, а дупките ги пополнивме од претходно заштедени резерви.

Ме радува што ситуацијата е подобрена, клиентите и компаниите јасно гледаат дека рекламирањето е исклучително важно, посебно во кризни периоди. Но, уште повеќе ме радува што се повеќе од нив сфаќаат дека не е работата само да се рекламираш туку и паметно и ефективно да го правиш истото. Ние го имаме и знаењето и можноста да им го овозможиме потребниот увид во овие работи и токму затоа сум голем оптимист за оваа година. Иако неизвесностите се присутни, верувам дека сме одлично позиционирани за тоа што не очекува.

Во првата фаза од кризата, немавме потреба за никаква финансиска подршка, напротив, дури и помогогнавме соодветно на нашите можности во државниот ковид фонд.

Понатаму аплициравме за оние Ковид кредити кои морам да признаам дека се исклучително поволни и верувам дека влеваат одредена самодоверба за периодот кој следува. Впечатокот ми е дека државата прави онолку колку што може и дека им се најде на погодените компании.

Долго работеше во медиуми, па како денеска ја оценуваш состојбата во нив? Што, според тебе недостасува за тие да почнат да наликуваат на некои светски познати медиуми?

-Недостигаат пари, се разбира.

Шегата на страна, ќе посочам неколку факти кои можеби ќе дадат појасна слика за состојбата.

Цените на рекламирање кај нас се исклучително ниски, а вкупната вредност на пазарот за огласување е очаен, со сума помеѓу 30 и 35 милиони евра за сите огласувачки платформи годишно (ТВ, радио, интернет, печат, надворешно рекламирање). Споредено со регионот, во Србија се троши шест пати повеќе, во Словенија четири пати повеќе, а Хрватска е лидер со околу 340 милиони евра! Притоа, ние имаме огромен број медиуми, речиси 50 субјекти со дозвола за емитување на телевизиска програма на државно, регионално или локално ниво!

Поради оваа состојба, квалитетот на програмите е на многу ниско ниво, и во најголем дел е составен од поевтини странски производи. Домашна продукција речиси и да не постои, а таа што постои е со незадоволителен квалитет.

Немањето на пари ги прави медиумите подложни на силно политичко влијание поради нерентабилноста на бизнисот, но и поради другите бизнис интереси на сопствениците на самите медиуми.

Потребно ни е отрезнување. Нов модел во кој овие аномалии и пречки ќе бидат отстранети преку анализа и стратешки проект во кој ќе дојдеме до конкретни заклучоци и акциски план околу иднината на медиумите во Македонија. И на крајот, да не заборавиме дека секаде во регионот во медиумскиот бизнис се влезени странски корпорации и инвестициски фондови, а истите засега го одбегнуваат нашиот пазар. Кога би се решиле за таков чекор, многу е веројатно дека природно „ќе се затресе тлото“.

Како автор на шоуто „Еден на еден“, раскажи ни каква е атмосферата додека се снимаат емисии со новите ковид-протоколи? Што се прави поразлично?

-Ништо не е останато исто, само водителот! За почеток, го променивме концептот за да овозможиме снимање надвор од студио и со драстично намален број на екипата. Сега на снимањето на една емисија присуствуваат помалку од 7-8 луѓе, а во студио бројката беше околу 25, не броејќи ја публиката која брои додатни 30-ина до 40 гости. Секако, правиме редовни тестирања како би биле позаштитени, мерките се почитуваат во целост, пробуваме ништо да не препуштиме на случајност.

Искрен да бидам, многу ми недостига стариот начин на снимање, но реалноста е различна. Ситуацијата со вирусот е крајно сериозна, јас како и сите други знам луѓе кои многу пропатија поради сето ова, познавам и такви кои не успеаја да се изборат со маката, еден куп видни и истакнати личности не се веќе меѓу нас и тоа ме прави исклучително тажен и бесен. Но, се фокусирам на она што можам да го направам, а во случајов тоа е ваков тип на емисија со надеж дека што побрзо ќе се вратиме дома, во нашето студио по кое со години сме препознатливи.

Кој од странските шоумени ти е омилен и која светски позната ѕвезда би сакал да гостува во твоето шоу? Има ли можеби некој од македонската сцена кој најмногу те инспирирал на професионален план?

-Мислам дека сечиј живот е фасцинантен и дека секој може да биде одличен гостин, без разлика дали е „селебрити“ или не. Немам неостварена желба или пак сон за одредена личност да седне спроти мене во „Еден на Еден“. А што се однесува до странските фаци за кои зборуваш, сум изгледал неброено многу емисии со Конан О’Брајан, Дејвид Летерман, Крег Фергусон и Хауард Стерн низ годините и тие би ги издвоил како странско влијание.

А од македонската сцена, имам чест што низ времето сум станал пријател со луѓе кои биле крајно несебични со своите искуства и со кои сум имал можност отворено да разговарам на еден куп теми. Игор Џамбазов, момците од К-15, Драган Вучиќ, Пере Нокаут, Трендо, Сашко Коцев, Браќата Тавитјан, Васко Ефтов итн.

Добитник си на наградата за најдобар Претприемач на 2017 година во Македонија, а беше избран и на престижниот список на Forbes 30 Under 30, како еден од најдобрите 30 претприемачи под 30 години во Европа од областа на медиуми и маркетинг. Иако само по себе е големо признание за твојата работа, ти отвори ли тоа повеќе врати во бизнисот?

-Двете признанија се секако огромни, двете ми значат многу и драго ми е што доаѓаат и од дома и од надвор. Но, користа од одредено нешто не доаѓа само со тоа што истото ќе ти отвори врата или некој ќе чукне на твојата само поради тоа. Конкретно, иако сум сигурен дека овие признанија ми отвориле многу врати како што велиш, најголемата придобивка од нив е што истите направија да научам да уживам во она што некој го нарекува успех. Како навистина уникатни признанија, не можеш да не застанеш и да си честиташ себеси на добро завршената работа, иако дотогаш бев навикнат да сум ужасен кон себе, никогаш не признавајќи дека нешто сум завршил доволно добро.

Токму затоа ми се допаѓа максимата дека животот не е заради целта, туку заради патот кон целта. Мора да уживаме во патот, за вистински и искрено да ѝ се израдуваме на целта кога ќе ја оствариме.

Дали би избрал голем успех дома, или просечен успех во странство? Многу „бистри умови“ ги пакуваат куферите поради неможност да се реализираат во оваа средина и често за тоа ја обвинуваат државата. Што според тебе треба да се смени, за да ги задржиме тука овие млади таленти, кои работат во секоја област?

-Најпрво, треба секој да го даде својот личен придонес. Една заедница од мравки или пчели е онолку добра и продуктивна колку што е добра и продуктивна секоја единка во целото. Не можеме да очекуваме чиста средина ако самите не сортираме отпад или да очекуваме големи општествени промени ако самите не сме подготвени да го кренеме гласот ни за најмала ситница. Нема успех преку ноќ, ниту во личното живеење, ниту во тимот како колектив, ниту во државата како заедница. До успех се доаѓа со посветеност и истрајност, особено кога е ситуацијата тешка како оваа нашата.

А кога сме кај успехот, голем успех е голем успех секаде и истиот не е лесно да се оствари ниту дома, ниту во странство. Од двете работи што ги посочи во прашањето, секогаш ќе одберам голем успех дома.

Што би ги посоветувал идните успешни претприемачи во државава?

-Не би ги посоветувал ништо што самите тие не го знаат. Само би им честитал што воопшто се нафаќаат да се обидат и станат претприемачи во државава. Дај боже да се такви што повеќе на број.

Претстојни планови на професионален план?

-Како пее Роби Вилијамс во Feel? I sit and talk to God, and he just laughs at my plans.

Тоа што кризава не научи дека плановите знаат да се избришат одеднаш, не значи и дека истите не треба да се прават. Напротив…

Како што вели и онаа позната бизнис аналогија дека треба секогаш да се трудиш да пливаш во синиот, чист океан, а не во црвениот океан каде се пикнати и големите и малите, каде секој секого гледа да изеде и постои крвава борба и за најмалиот плен, така и овде – во вакви времиња добрите планови носат најголеми резултати, токму поради тоа што малкумина ги прават, а уште помалку ги прават паметно.

С.К.

Поврзани вести

Илијевски: Измените на законот за игри на среќа ќе стават крај на легалното спортско обложување

Влатко Зорба

Садики: Претприемачите кои сакаат да почнат бизнис да не се двоумат, С.Македонија има многу голем потенцијал

Влатко Зорба

Беџети: Бизнисите „вриштат“ и ја критикуваат државата кога не им оди, но кога им е добро не покажуваат спремност да и помогнат

Влатко Зорба