СТАНДАРД life
ПРЕТПРИЕМАЧ

Трајкоска: Да се воведе еколошка такса во услови кога стопанството заживува во пандемијата од Ковид-19 не е добар потег

Да се воведе еколошка такса во услови кога стопанството заживува во пандемијата од Ковид-19 не е добар потег и  индиректно ќе предизвика зголемување на цените на сите производи на пазарот, изјави во интервју за „Стандард“ првиот човек на Организацијата на работодавачи на Македoнија, Владанка Трајкоска.

Сепак посочува таа дека „доколку оваа еколошка такса директно биде аплицирана во фондовите за инвестиции на обновливи извори на енергија, а компаниите имаат отворен пристап до овие средства и адекватно користење на истите, работодавачите ќе можат да ги амортизираат трошоците предизвикани од оваа давачка”.

Дополнителен проблем за кој малку се зборува според Трајкоска е рапидниот раст на цените на суровините на светските пазари.

„Производните системи се соочуваат со  сериозен дефицитарен проблем. Цената на готовиот производ во кој овие материјали учествуваат како суровина е зголемена во зависност од неговото учество од 10-30%, што е сериозен економски шок”, смета таа.

Во однос на одлуката неделата да биде неработен ден, ОРМ е со став дека за да се излезе во пресрет на синдикатот, законодавецот ќе има врел костен во рацете.

И досега не беше проблем работењето туку плаќањето на дневницата.Мора да ја имаме на ум кревката економија на оваа држава. Овој период на стопанисување во услови на пандемија, сметам дека не е поволен за донесување на еден ваков закон,вели Трајкоска.

Извесна резерва има во однос на тоа  како ќе функционира стопанството од есен, но помош од државата вели мора да има  бидејќи „економската криза нема да заврши во истиот момент кога и здравствената.Помошта треба да дојде пред компаниите да навлезат во криза и долгови”.

Како нов претседател на ОРМ, Трајкоска ветува дека организацијата ќе продолжи транспарентно да ги застапува интересите на работодавачите и гласно да ги кажува ставовите во однос на економската политика која с еводи во државата.

Од први јули се воведува еколошката такса што значи 3,5 денари повеќе за сите видови нафтени деривати. Дали и колку тоа ќе влијае на услугите што ги нудат вашите членки?

-Во услови на заживување на стопанството од пандемијата  на ниво на Европа и воведување на вака висока давачки по разни основи мислам дека не е добра потег. Тоа значи дека индиректно ќе доведе до зголемување на цените на производите на пазарот, бидејќи нафтата е сериозен учесник во формирањето на цената на еден производ. Истовремено, нашите членки кои се занимаваат со превоз се серизно ставени на тест по однос на нивниот опстанок. Се соочуваат со мнигу предизвици во овој период, бариери и забрани за движење, зголемени трошоци за запазување на ковид мерките, а ова е секако дополнителен удар.

Од друга страна јасна е пораката од Европа дека се повеќе треба да размислуваме за алтернативни извори на енергија. Ние сме сиромашна економија и се уште сме далеку зад земјите со висок ГДП. Сепак доколку оваа еколошка такса директно биде аплицирана во фондовите за инвестиции на обновливи извори на енергија, а компаниите имаат отворен пристап до овие средства и адекватно користење на истите, ќе можеме да ги амортизираме трошоците предизвикани од оваа давачка.   Треба да имаме во предвид дека во исто време, Владата најави намалување на ДДВ-то за електрична енергија од 18% на 5%, што пак директно ќе ги намали трошоците за струја и на индустриските објекти, но и на граѓаните.

Ги чувствува ли стопанството последиците од рапидниот раст на металите на светските пазари?

-Она што е навистина сериозен проблем, но за што многу малку се дискутира е енормното зголемување на цената на суровините (бакар, железо, алуминиум). Уште повеќе заживувањето на економиите после пандемијата и побарувачката на овие суровини доведува до нивна голема побарувачка. Производните системи се соочуваат со  сериозен дефицитарен проблем. Цената на готовиот производ во кој овие материјали учествуваат како суровина е зголемена во зависност од неговото учество од 10-30%, што е сериозен економски шок. Сето ова се јавува како резултат на шпекулациите кои ги прави кинеската економија, но и постепено намалување на капацитетот на овие индустриски суровини.

Здружението Гласен текстилец најави дека измените на законот со кој недела се прогласува за неработен ден, за одредени дејности, ќе го оспори пред Уставен суд.Кој е ставот на ОРМ по ова прашање? Како може неделата како неработен ден, од една страна ќе ги заштити правата на работниците а од друга интересите на работодавачите?

-Прашање кое беше многу дискутирано, полемизирано, а за што ОРМ на состаноците на ЕСС кога беа овие законски измени на дневен ред во неколку наврати го изнесуваше својот став. Ни малку не е едноставно да се направи еден ваков исчекор, а уште повеќе истиот да ги усогласи сите закони кои ќе бидат засегнати (ЗРО, Законот за трговија, Законот за безбедност и здравје при работа). И во постојните законски решенија не беше проблем работењето, туку беше проблем плаќањето на зголемената дневница за работа во недела или за празник. Се уште мислам дека за да се излезе во пресрет на Синдикатот , Законодавецот ќе има врел костен во своите раце. Доколку овој закон биде сериозно применлив, ќе биде добро придвижување кон западните размислувања. Но, мора да ја имаме на ум кревката економија на оваа држава. Овој период на стопанисување во услови на пандемија, сметам дека не е поволен за донесување на еден ваков закон. Период кога сите се трудат да создадат нормални услови за работење и да ги задржат работните места. Многу западни економии многу одамна го користат овој закон. Работењето на одредени дејности во недела и нивно дефинирање согласно класификацијата е сериозен предизвик. Да се дефинираат сите оние дејности кои не можат да бидат опфатени со овој закон заради природата на работата е навистина обемна работа. Сепак метам дека треба да му дадеме шанса на законот, па согласно искуствата истот би претрпил измени.

Одлуката со ребалансот на буџетот да се одвојат пари за исплата на К -15 за администрацијата, која главно работеше од дома , предизвика лавина реакции бидејки ќе се однесува само на тие кои имаат потпишано колективен договор.Зошто оди бавно процесот на склучување колективни договори? Зошто работодавачите избегнуваат регулирање на односите на овој начин?

-Како што кажа и Премиерот, јавната администрација годинава ќе го го добие таканаречениот К-15 (регрес за годишен одмор) и за таа намена се алоцирани дополнителни 230 милиони денари. Тоа е обврска од потпишаните колективни договори. Она што е уредено со Закон или со Колективен договор мора да биде испочитувано, во спротивно би се соочиле со кршење на одредба од Колективен договор, а со тоа и со реперкусии. Што се однесува до темпото со кое се склучуваат колективните договори, навистина сте во право. Меѓутоа, колективното договарање е многу сензитивна категорија. Само со постигнување на компромис може да се има успех од договарањето. Отстапки мора да има од двете страни, а кога тоа изостанува, нема договор. Затоа сметам дека е комплетно погрешна констатацијата дека работодавачите го избегнуваат колективниот договор како регулатор на односите од работењето. Напротив, колку повеќе се дефинирани и прецизирани уловите во кои ќе има нормални услови за остварување на правата од работење од двете договорни страни, толку има подобра клима за работа.

Пандемијата полека стивнува. По шесте економски мерки на владата се сумираат ефектите од истите врз компаниите кои добија некаква помош.Дали сметате дека помошта сепак треба да продолжи до крајот на годинава и во каков обем?

-Навистина се чувствува намалување на бројот на заболени, како во Европа, така и кај нас. Но економската криза нема да заврши во истиот момент кога и здравствената.  Она што со сигурност не го знаеме е како ќе се одвива целата оваа ситуација од есен. Она што е особено важно е дека мерките се олабавени, но да видиме дали на есен ќе почне нормално да функционира образованието и здравството. Приватниот сектор и компаниите треба да се ориентираат кон преземање иницијативи, нови зафати, проекти, како и кон преземање ризик, а не да чека што ќе даде државата. Помошта од државата секако мора да има и во иднина, но во каков облик ќе треба час поскоро да се одлучи, бидејќи помошта треба да дојде пред компаниите да навлезат во криза и долгови. За македонската економија е неопходно работодавачите да бидат во можност да укажат на економските последици од разновидните решенија за надминување на здравствената криза.

Можеби една од мерките би требало да биде и помош во делот на ослободување од парафискалните давачки, одложено плаќање на ДДВ при увоз на стоки за производните системи, финансирање во делот на доусовршување на вработени, финансирање на сертифицирање на компаниските активности и најважното стимулирање на извозните и инвестициските активности. Сето ова ќе доведе до попродуктивни и поконкурентни производи на пазарите во Европа, но и подобри услови за работа сите вработените, но и едуциран кадар.

Постковид економија- ќе се вратат ли сите работници на своите работни места, ќе се вратат ли странските пазари, ќе излезе ли робата од магацините, ќе се врати ли идејата и желбата за инвестирање?

-Сите овие прашања си ги поставуваме секојдневно и бараме одговор на истите. Согласно испитувањата направени изминатиов период од страна на Организацијата на работодавачи врз своите членки во деветте најпогодени сектори од кризата предизвикана од Ковид-19 пандемијата се: услужните дејности, особено оние поврзани со храна и пијалаци, секторот на транспортот и складирањето, преработувачката индустрија, особено производството на прехранбени производи и градежништвото. Дури 43% од компаниите во овие сектори, особено микро и малите претпријатија, пријавиле пад на приходите за половина или повеќе, а 11% привремено прекинале со работа. Околу половина од анкетираните компании од малопродажба изјавиле дека нивната компанија нема да го „преживее” третиот квартал.

Мора да бидеме оптимисти и да се надеваме дека многу набрзо ќе успееме да се вратиме во економска нормала. Дека работниците ќе се вратат на своите работни места онака како што функционираа и претходно. Европските бизниси очекуваат дека ќе се соочат со многу тешка економска ситуација во 2021 и 2022 година. Доколку земјите во кои Македонија е најголем извозник започнат да ги активираат своите капацитети во целост, ќе можеме да очекуваме и заздравување на нашата економија, зголемување на оптимизмот и личната потрошувачка. Заздравувањето нема да оди така лесно и брзо. Ќе ни треба многу време да ги вратиме производните капацитети на нивото од 2019 година, а секако ќе треба да покажеме и поголема храброст во исчекор кон инвестициски активности.

ОРМ доби нов претседател на местото на неколкугодишниот прв човек на оваа организација Ангел Димитров.При изборот напоменавте дека ОРМ отсега гласно ќе ги кажува своите ставови и размислувања во однос на економската политика што се води во државата.Дали мислите дека тоа досега не се правеше? Каква организација на работодавачи сакате да изградите?

-Организацијата на работодавачи на Македонија е единствена репрезентативна организација на работодавачи од приватниот сектор која преставува 15 сектори, има легитимитет да преговара и да склучува Општ колективен договор за приватниот сектор, која може да учествува во трипартитни тела за социјално партнерство (Работодавачи, Синдикат и Влада – Економско социјален совет), со што е рамноправен партнер во креирањето на економско социјалната политика во Република Северна Македонија. Kако долгогодишен член на оваа организација ми беше особена чест што на Седницата на Собранието на ОРМ бев избрана за нејзин претседател. Сепак, Господинот Ангел Димитров со своето искуство и визионерска стратегија на работење и е од голем помош на оваа организација, па од таа причина тој е назначен за Претседател на Собранието на организацијата на работодавачи.

Моите цели во мандатот ќе бидат пред се во насока транспарентно да ги застапувам интересите на работодавачите воопшто и посебно социјалното партнерство, колективното договарање, склучување и спроведување на Општиот колективен договор за стопанството во Република Северна Македонија и Колективните договори на ниво на дејности. Истовремено, напоменав дека во иднина ќе се стремам ОРМ да се издигне на уште повисоко ниво од сегашното и дека гласно ќе ги кажува своите ставови и своите размислувања во однос на социјалното преговарање и економска политика која се води во државата. Не сметам дека до сега Организацијата не била гласна и транспарентна во искажување на своите ставови, напротив како една од членките на Економско Социјалниот совет секојпат активно учествувала во носење на сите законски и подзаконски акти, измени во законите, активно учествуваше во креирањето на пакет мерките кои беа спроведувани од Владата на РСМ. За сето ова време, членките на организацијата континуирано се информирани и консултирани во однос на мерките кои ги спроведува Владата. Она што особено сакаме да го истакнеме е нашето несогласување со ставање на сите работодавачи „во ист кош”. Имено, многу гласно се зборуваше и се потенцираше неисплаќањето на платите  од страна на одредена изолирана група на работодавачи од средства добиени со пакетите на мерки кои ги одобруваше Владата. Секако, ние никојпат не застануваме на страната на несовесните, туку истите ги осудуваме. Она што сакаме да го нагласиме е дека не секој работодавач е несовесен и општествено не одговорен. Повеќето од овие компании имале сериозни проблеми со блокади и како такви, не биле во можност да ги исплатат средствата. Оваа ковид криза направи вистински поместувања во економските и социјалните движења.Многу компании не успеаа да се преструктуираат. За нив оваа криза предизвика навистина сериозни потешкотии во работењето.

Заедно со мојот тим – Членките на Организацијата на работодавачи на Македонија, Потпреседателите и Извршната Канцеларија и во непосредна соработка со претходниот претседател на Организацијата на работодавачи, а сега претседател на собранието на Организацијата на работодавачи г-динот Ангел Димитров, ќе работам да се креираат мерки и политики во кои Организацијата на работодавачи на Македонија ќе биде активен учесник, како и да се унапредува социјалниот дијалог со сите засегнати страни, со цел Република Северна Македонија да има развиена и одржлива економија.Со тоа ќе допринесам во вршење на функцијата и остварување на зацртаните цели- да бидеме респектабилен  социјален партнер достоен да го унапредува дијалогот со Синдикатите и со Владата, но и да ја интензивираме соработката со останатите партнери во земјата и во странство.

На што во моментов работи Организацијата на работодавачи? Кои се нејзините идни активности?

-Организацијата на работодавачи континуирано го следи работењето на своите членки, редовно на својата интернет-страница ги објавува сите информации, мерки и уредби на надлежните институции, обезбедува дополнителна асистенција и насоки за сите работодавачи за тоа како да се користат мерките за полесно да ја надминат актуелната криза.Тековно ОРМ работи на повеќе проекти, тука се преговорите за Општиот Коективен договор, Законот за работни односи и Законот за безбедност и здравје при работа. Во исто време работиме на неколку поголеми проекти, а тоа се: Истражување на плата, Е-платформа и Меѓугенерациски јаз.

К.В.С.

Поврзани вести

Миленковска: Многу граѓани, предводени од нивните политичари, не сакаат работите да се променат на подобро

Влатко Зорба

Крстевски: Најважно е да имаме клиенти кои се вакцинирани за да можат да патуваат

Влатко Зорба

Симуновски, експерт за криптовалути: Физичките фиат валути ќе исчезнат за 15 години

Влатко Зорба