СТАНДАРД life
ПРЕТПРИЕМАЧ

Димоски: Сегашното ниво на цени може да претрпи натамошни промени, за жал во нагорна линија

Ценовните шокови не само што бргу нема да се стабилизираат, туку и ќе добивааат на сила. Во исклучително деталната анализа на причините поради кои поскапуваат речиси сите производи и услуги, националниот менаџер и управител на филијалата на транспортната компанија „Гебрудер Вајс“, Сашо Димоски, меѓу основните ги посочува повисоките транспорните трошоци.

„Сосема е логично дека во ситуација кога транспортните услуги учествуваат со зголемен процент во крајната цена на чинење на единица производ, тогаш зависно од самата ценовна категорија на производот, зголемувањата можат да бидат значителни”, образложува тој во интервју „Стандард“.

Проблемот според Димоски дополнително го усложнува нарушениот континуитет во снабдувањето, не само кај трговците, туку и кај производителите, со што додатно се зголемуваат производствените трошоци.

Споредувајќи ги нивоата на цените, карактеристичен пример идентификува во една позната македонска компанија. „Еден од најпознатите и клучни производи на таа компанија во малопродажба чинеше 12 денари по парче, сега е 44 денари!“, вели Димоски.

Според него, промените кои го зафатија светот се екстремно интензивни а пандемијата е само врвот на ледениот брег или еден од „производите“ на глобалните трговски и технолошки текови.

„Инфлација, раст на цени, да секако, но транспортот можеби и најмалку придонесол за ова, внатре има се, инвестиции, развој на ресурси итн“, анализира Димоски.

Работите според него добиваат уште посложен тек ако се има предвид постојаната војна со клиентите и нивните барања за (по)ниски цени, наспроти моменталните светски трендови и цени на фосилните горива.

Во очекување парламентот да ја прифати одлуката на Владата да се воведе еколошка такса, транспортерите не ја исклучуваат можноста од протести бидејќи според нивните пресметки, новата давачка ќе им ги зголеми трошоците за 4,13 денари по литар гориво. Дали и како оваа новина ќе се одрази на транспортот и шпедитерските услуги?

– Долги години по ред, македонските транспортни провајдери „одолеваат“ на флуктуациите на цената на горивото, можеби поради фактот дека тие флуктуации всушност сеуште значат најефтино гориво во Европа, ако не ги земете предвид земји како Русија, Украина, Белорусија.

Секој сериозен логистички и транспортен провајдер, во структурирањето на цените на своите услуги предвидува и дизел калкулатори/ флоатери, кои го опфаќаат влијанието на цената на дизелот во крајната цена на транспортот, така да зголемувањата (за жал само зголемувањата во последно време) се нормална појава, барем во нашиот поглед на нештата, инаку да- протести не би исклучил, во постојаната војна со клиентите и нивните барања за (по)ниски цени, наспроти моменталните светски трендови и цени на фосилните горива, тие работи едноставно не одат заедно, што сеуште не го перцепирале и транспортерите и клиентите.

НБРМ потврди дека инфлацијата која ја одбележа пандемијата допрва ќе се подгрева. Какви се состојбите во шпедицијата? Дали растат трошоците за транспорт споредено со годините пред пандемијата и на што се должи тоа?

– Транспортните трошоци растат во линија со општите инфлаторни движења, но не се одлучувачки за висината на инфлацијата, ниту некој екстремно важен катализатор, но како и да е ке си го земат својот дел од инфлациониот колач. Директните причини се зголемените цени на горивата (овде не ги потенцирам причините и намерите на Владата, ниту начинот на кој тие средства ќе се искористат), кои пак индиректно се одраз на т.н. зелени енергии и тенденции, преку постепено напуштање на фосилните горива, во корист на обновливите извори, се е нормално и познато, но тоа се технологии кои некој ќе мора да ги плати, на ваков или онаков начин.

Класичен пример е автомобилската индистрија, каде кризата започна многу пред пандемијата, напливот на технологии, е-мобилност и автономија, 5Г технологијата, електро погон, работи што се многу „скапи„ и консументите на овој или некој друг начин ги платија и ги плаќаат прегу евидентно зголемена цена на производот- автомобилот на пример.

Истото се случува и во транспортот, ако приметивте големите бродски компании веќе ги заменуваат класичните дизел агрегати со течен гас најпрво, потоа со водород, веќе се работи на прекуокенаски електро бродови, со соларни колектори, во копнениот транспорт, веќе одамна во метрополите, во тесните градски подрачја ние провајдерите користиме возила на електро или алтернативен погон, но сето ова чини пари, големи пари. Технологиите се се само не ефтини, така да наречетого зголемени цени на горива, повисоки транспортни трошоци, инфлација.., тоа е тоа, цената која ја плаќаме за технолошкиот напредок. И повторно, не одат заедно со (по)ниски цени на услугите.

Дали и како високите цени за транспорт ќе се одразат на работата на компаниите? Дали може да предизвикаат некои компании да престанат да тргуваат или да ги скратат синџирите на снабдување на одредени локации?

– Преку пример од пред некој ден, вест од медиумите, дека одреден европски производител на микро чипови, кои од минатата година се страшно дефицитарен производ, ре-отвара фабрика во Европа, со намера да ја избегне зависноста од Хонконшките и Тајванските производители.

Моето дамнешно лично мислење дека преселбата на производните капацитети на американските и западноевропските високотехнолошки (па и ниските технологии) продукти во Азија е грешка, се покажува за жал вистинита и која сега кога низ разни форми ќе пробам да ја дефинирам како сајбер-нео-капиталистичка војна (Кина е во „социјализам“, да не заборавиме…), се враќа назад како Дамоклов меч. На многу места ќе сретнете податок дека кинеската економија е веќе број 1 во светот, надминувајќи ги САД како долгогодишен доминатор и истата позиција инстантно веќе ја користат, на овој или оној начин. Повеќекратното зголемување на цените на транспортните услуги во авио и контејнерскиот транспорт се само еден ноторен факт и нус-производ на ваквата„војна„ ако така ја нарекуваме, или можеби …змејот го возвраќа ударот…и во буквална смисла на зборот.

На потег е западниот свет, кој засега немо ја набљудува ситуацијава, кој свет мора да реагира, инаку змејот од истокот (во комбинација со Индија, Русија….) ќе стане опасен гео-политички играч, а всушност веќе е… Реструктуирањето на ланците на снабдување не е така лесно, не од транспортен аспект.За нас секоја релација е можна и лесна, одамна постојат алтернативни копнени решенија на морскиот транспорт од истокот, но зборуваме и за суровини, работна сила итн.

Дали се оправдани стравувањата дека зголемените трошоци за транспорт ќе се одразат и на цените на мало? Треба ли потрошувачите да очекуваат повисоки цени на сите производи, од храна,облека, играчки и мебел, до делови за автомобили?

– Сосема е логично дека во ситуација кога транспортните услуги учествуваат со зголемен процент во крајната цена на чинење на единица производ, тогаш зависно од самата ценовна категорија на производот, зголемувањата можат да бидат значителни. Поголем проблем се нарушувањата на континуитетот во снабдување, не само кај трговците, туку и кај производителите, што додатно ги зголемува производствените трошоци, кое зголемување и ефект е поинтензивен отколку оној од транспортните трошоци.

Не треба да сте гениј да ги согледате нивоата на цени споредено со пред 2-3 години на пример. Еве повторно пример од една успешна македонска компанија која постојано бележи раст, инвестиции…Еден од најпознатите и клучни производи на таа компанија чинеше 12 денари по парче во малопродажба, сега е 44 денари! Инфлација, раст на цени, да секако, но транспортот можеби и најмалку придонесол за ова, внатре има се, инвестиции, развој на ресурси итн. Јас во шега коментирам, ако ја зголемиме цената на нашите услуги за 3,5 пати, нема да бидеме само лидер на пазарот, многу повеќе од тоа.

Какви се вашите очекувања во однос на тоа колку долго ќе трае растот на цените и потешкотиите во синџирот на снабдување?

– Растот на цените на логистичките услуги временски тешко би го ставиле во рамка, претпоставувајќи можеби дека во 2022 год. би се нормализирале тековите, како што повеќето бизниси најавуваат, но се плашам дека воопшто нема да биде така, туку напротив, сегашното ниво на цени може да претрпи натамошни промени, за жал во нагорна линија. Промените кои го зафатија светот се екстремно интензивни, пандемијата е само врвот на ледениот брег или еден од „производите“ на глобалните трговски и технолошки текови.Така што сето погоре наведено апсолутно нема да придонесе за намалување на било кои услуги или производи.

К.В.С.

Поврзани вести

Пљаковска-Аспровска: 82% повеќе трансакции кај виртуелните ПОС терминали во првиот квартал од 2021 година во однос на лани

Влатко Зорба

Бановски: Инвестициите во нови технологии ги намалија трошоците на производство и ја зголемија безбедноста на работниците

Влатко Зорба

Наумоски: Само со заедничко делување на државните апарати и стопанството ќе им помогнеме на граѓаните помалку да го почувствуваат економскиот удар на пандемијата

Влатко Зорба