СТАНДАРД life
ПРЕТПРИЕМАЧ

Пљаковска-Аспровска: 82% повеќе трансакции кај виртуелните ПОС терминали во првиот квартал од 2021 година во однос на лани

Промените во навиките на купувачите кои под влијание на пандемијата се  насочија кон online купувањето се одлучувачки фактор за порастот од  дури една третина  на просечниот месечен број на виртуелни ПОС терминали во однос на првиот квартал од претходната година,открива за „Стандард“, Филомена Пљаковска – Аспровска директорка на Интернационалниот Картичен Систем АД Скопје, КаСис.

Покрај фактот дека скоро сите чинители се адаптираа за време на кризата, Пљаковска- Аспровска како значајана придобивка ја посочува и  зголемената доверба во е-трговијата.

„ Ние како компанија, ги исполнуваме сите глобални стандарди во платежната индустрија за да обезбедиме безбедни е-плаќања за нашите е-трговци и нивните клиенти’’, вели таа.

Во насока на задоволување на потребите на корисниците е и широката  мрежа за процесинг на картичните трансакции бидејќи системите на КаСис се директно поврзани со картичните мрежи на Visa, Mastercard, Diners International, процесори и банки од регионот.

„Ова овозможува реализирање на трансакции односно прифаќање на картичка која е издадена од банка-клиент на КаСис, насекаде во светот’’, вели Пљаковска-Аспровска.

Во 2020 година беше регистрирана експанзија на електронските плаќања и забрзан развој на е-трговијата, што се должи на пандемијата и ограничувањата што таквата состојба ги наметна низ светот. Што покажуваат трендовите за оваа година? Колкав е бројот на е-трговци и регистрирани клиенти?

-Во услови на пандемија настанаа промени во многу сегменти од секојдневието. Многу луѓе ги направија своите први online нарачки и плаќања на производи и услуги. Дојдоа до израз предностите и придобивките кои ги нуди електронската трговија, од комоцијата на домот да се искористи можностa за порачка и плаќање на широк спектар на производи и услуги без физичко присуство, и нивна достава до домашна адреса. Корисниците на овој начин на плаќањe увидоа дека онлајн плаќањата се едноставни, брзи и безбедни, наспроти досегашните искуства со чекање на шалтер и непотребно изложување на здравствен ризик.

Како што констатирате, евидентна е експанзија предизвикана од пандемијата. Минатата година забележавме рапиден раст на обемот на електронските плаќања и на бројот на е-трговци. Овој тренд продолжува и во тековната година. Доколку направиме споредба се забележува пораст од 36% на просечниот месечен број на виртуелни ПОС терминали во однос на првиот квартал од претходната година, односно споредено со периодот пред пандемијата да земе замав. Во системот за е-трговија на КаСис бројот на е-трговци веќе надмина 900 и 30,000 регистрирани клиенти, што претставува удел повеќе од 70% од вкупниот македонски пазар.Кај виртуелните ПОС терминали во првиот квартал од 2021 година просечниот месечен број на трансакции во однос на истиот период претходната година забележан е пораст од 82%.

Зошто кај нас за разлика од високоразвиените земји имаме помал обем на електронска трговија? Како да се зголеми довербата во безбедност на електронските плаќања?

-Придобивките и предностите за сите учесници се големи. За трговците ова е дополнителен канал за пласман на производите и услугите, побрза и полесна комуникација со клиентите и освојување нови пазари и клиенти. Кај некои трговци е-продавницата е и единствен канал, што во новото дигитално време е многу ефикасен и успешен пристап. За купувачите и клиентите, пристапот до производи и услуги 24 часа на ден, можноста да се плати и купи од дома и без ограничувања, високата безбедност се предности со кои е-трговијата предничи во однос на традиционалните начини и канали за плаќање.

Зголемениот обем на купувања се должи на повеќе фактори, меѓу кои и на зголемената доверба во е-трговијата. Ние како компанија, ги исполнуваме сите глобални стандарди во платежната индустрија за да обезбедиме безбедни е-плаќања за нашите е-трговци и нивните клиенти. Континуирано работиме на подобрување на инфраструктура отпорна на сајбер закани, идентификување и имплементирање на соодветни решенија за заштита, промовирање на култура за информациона безбедност, со цел сеопфатно разбирање, градење и унапредување на потребните капацитети за заштита, зајакнување на капацитети за превенција, истражување и идни ризици, и соработка и размена на информации на национално и меѓународно ниво.

Развојот на технологијата, барањата на купувачите за различни видови и можности при плаќањата се двигатели да постојано ја збогатуваме понудата на функционалности и опции кои е-трговците би ги интегрирале во своите е-продавници. Зголемениот број на функционалности, олеснетата интеграција на е-продавниците со системот и зголемената понуда на производи и услуги резултираат во зголемен обем и зголемено задоволство кај купувачите.

Пандемијата ги натера бизнисите да се прилагодат на новите состојби и да бараат нови решенија за продажба на нивните производи и услуги.Каква беше вашата улога во тој процес?

-Во ситуација на пандемија голем број македонски бизниси мораа привремено да ги затворат своите физички продажни објекти. Освен тоа и голем број на компании воведоа работа од дома, потоа изолација, полициски час, што влијаеше навиките на купувачите да се променат, односно да се насочат кон online купувањето. Овие настани беа мотив за многу бизниси и продавници да се свртат кон е-трговијата и да ги искористат предносите во новонастанатите услови на живот, побрзо да се прилагодат и побезболно да ја пребродат пандемијата.

Како компанија посветено и континуирано го следиме македонскиот пазар, барањата и потребите и  трендот на пораст на бројот на виртуелни ПОС терминали и зголемениот број на трансакции.КаСис спремно одговори на предизвиците и потребите на корисниците на е-трговија, со воведување на промотивни периоди за финансиски олеснувања за нови трговци заедно со банките со кои ја нудиме оваа услуга. Овозможивме и технички функционалности за едноставно и брзо интегрирање на електронската продавница со системот за е-трговија на КаСис, што значително влијае на скратување на времето за отпочнување со продажба.Бевме и сме фокусирани на е-трговците и нивните клиенти да им обезбедиме максимална поддршка и во процесот на интеграција, но и потоа во текот на оперативното работење. Нашата цел е зголемено задоволство и подобрено искуство во е-трговијата.

Како компанија која ги следи новите технологии во картичната индустрија кои проекти ги планира Процесинг центарот во сегментот на дигитализација на сервисите за да се постигне корисничко искуство кое ќе биде брзо, модерно, сигурно и достапно во секое време?

-Кога станува збор за зголемената транзиција од традиционално кон дигитално купување, грижата и вниманието кое се посветува на купувачите е од огромно значење. КаСис и банките со кои работиме во светот на е-трговијата континуирано прават напори за модернизирање и поедноставување на е-трговијата. На е-трговците им овозможуваме трансакцијата да биде направена во неколку едноставни чекори а притоа да бидат запазени сите безбедносни протоколи. Во последнава година може да се констатираат неколку факти:

  • Е-трговија бележи континуиран раст во нашата држава;
  • Има потенцијал за меѓугранична е-трговија особено со земјите од Западен Балкан;
  • Скоро сите чинители се адаптираа во времето на кризата.

Од друга страна за да населението ја прифати дигиталната транформација на финансиите, потребно е да има финансиска и дигитална писменост. Генерално, треба постојано да работиме на едукација и на населението, да настојуваме да го зголемуваме квалитетот на образование кон новото време и да ги задржиме младите во економијата, бидејќи тие се нашиoт иден потенцијал за економски раст.

КаСис не случајно беше и главен спонзор на организираниот виртуелен Хакатон во рамки на Асоцијацијата на Е-трговија. За мене беше особена чест и задоволство во улога на ментор да ги насочам студентите преку својата професионалност кон успешни концепти за нивните иновативни решенија. Неодамна започнавме и со едукација на широката популација во доменот на електронски плаќања, безбедно користење на платежни картички, безбедно купување на интернет и бенефитите од поттикнување на растот на е-трговијата преку серијал текстови објавени на најчитаните македонски портали.

Дали бранот на новитети ќе го опфати и делот на мониторинг и превенција на сомнителни трансакции и злоупотреби со платежни картички?

-Системот за е-трговија на КаСис и целата инфраструктура во континуитет е во согласност со стандардите и регулативите на Mastercard, Visa, PCI DSS, ISO, и Законот за лични податоци за безбедност на податоците. КаСис континуирано е во тек со најновите достигнувања за унапредување на безбедноста. Имплементиравме стандард за безбедна е-трговија (3D Secure) за интернет купување со зголемена безбедност кој е веќе достапен на македонскиот пазар за имателите на картички издадени од македонските банки-клиенти на КаСис. Новиот стандард за имателите на платежни картички овозможува највисоко ниво на безбедност преку дополнителна автентикација и воедно обезбедува софистицирано и подобрено корисничко искуство. Овој стандард (3D Secure) дава можност во блиска иднина за воведување на автентикација со биометриски податоци.

Истовремено, КаСис управува со систем за мониторинг и превенција на ризични и сомнителни трансакции во реално време и истиот го користат дел од нашите Банки. Разрешувањето на вакви настани е постојано во соработка со банките и релевантните институции.

До каде се протега мрежата за процесинг на картичните трансакции?

-Мрежата за процесирање на картичните трансакции има целосна глобална покриеност. Системите на КаСис се директно поврзани со картичните мрежи на Visa, Mastercard, Diners International, процесори и банки од регионот. Ова овозможува реализирање на трансакции односно прифаќање на картичка која е издадена од банка-клиент на КаСис, насекаде во светот. Секако важи и обратно, банките-клиенти на КаСис и нивните трговци може да прифаќаат трансакции со платежни картички издадени во странство.

Годинава ја стартувавте со инвестиција во нова машина за персонализација на платежните картички. Какви се досегашните искуства и колку се покажа како исплатлива ваквата активност?

-2021 година КаСис ја започна со инвестицијата во нова производствена линија – машина за персонализација на платежни картички со дополнителни модули за персонализација на стикери и можност за автоматско пакување на картичка во коверт. Наш императив е континуитетот на деловните процеси, висок квалитет и можност за иновативни услуги. Растот на бројот на персонализирани картички, како и бројот на нови клиенти, ја наметна потребата од оваа инвестиција со цел зголемување на капацитетите и квалитетот, и континуитет на услугата. Планираме и дополнителни инвестиции со цел понатамошно зголемување на капацитетите и стабилноста на системите, модернизирање на системот за електронска трговија cPay на КаСис, и воведување нови иновативни услуги.Со девизата да се работи напорно и посветено, веруваме во позитивни резултати.

Дали е потребна и дали веќе се подготвува нова законска регулатива за персонализација на картичките која ќе даде поголеми можности за развој на оваа услуга?

-Регулатива е неопходна. КаСис работи согласно меѓународните стандарди на Мастеркард и Виза. Секоја година Друштвото е контролирано од овластени компании од меѓународните мрежи, и исход на овие редовни контроли е обновен сертификат во континуитет.Во однос на улогата на КаСис како оператер на платни системи го поздравуваме Нацрт-законот за платежни услуги и платни системи. Во него се интегрирани голем број на директиви и регулативи на Европската Унија во сферата на плаќањата, со што очекуваме дека ќе има значајни промени во однос на проширувањето на листата на даватели на платежни услуги и сетот платежни услуги.Овој закон го отвора пазарот на платежни услуги, отвора многу можности за понуда на нови иновативни платежни решенија, но и предизвици во однос на довербата и безбедноста.

Колку е застапена услугата за издавање сертификати кај платежните институции и трговци и зошто се тие нужно потребни?

-Сертификатот издаден од релевантна институција или стандардизационо тело, е повеќе од потпис и печат. Сертификатот е потврда за усогласеност и почитување на глобални стандарди, потврда за континуирано вложување и инвестиции во обезбедување безбедни и квалитетни услуги, потврда за високо-стручен и квалитетен тим кој управува со компанијата. КаСис, посветено и напорно вложува и работи на одржување на сите потребни сертификати поврзани со работењето. За клиентите, нашите сертификати освен погоре кажаното, едноставно кажуваат дека успешно ја вршиме нашата работа, и истите влеваат доверба и сигурност за користење на нашите услуги. Можам слободно да кажам, дека сме на исто ниво со најголемите глобални понудувачи како Amazon, Ebay, AliExpress, ASOS.

Пандемијата со КОВИД се одрази на сите сегменти од економијата освен на банките а КаСис е главниот поддржувач токму на дел од банкарскиот сектор. Дали отежнатите услови за работа и ограничувањата што ги наметна пандемијата се одразија на вашето работење?

-Пандемијата се одрази во сите сегменти од економијата. Работењето од далечина, и посветеноста за обезбедување континуираност на сервисите од една страна и зачувување на здравјето на нашите вработени, беа  еден дел од отежнувачките услови.Како развојно ориентирана компанија, фокусирани сме кон остварување на долгорочна соработка со Банките и финасиските компании, и понудивме многу нови сервиси насочени кон своите клиенти во сегменти на дигитализација на сервисите од една страна, кои придонесуваат кон зголемување на вработеноста, економски развој на земјата и раст на нивото на конкуренција.

Континуирано ги следиме светските трендови за картичното работење и планираме инвестирање во нови дигитални технологии, вложуваме во унапредување на квалитетот на нашиот кадар и во секој чекор ги инкорпорираме нашите корпоративни вредности: транспарентност, култура на отворена комуникација, општествена одговорност и толеранција, високи професионални стандарди и висок степен на личен интегритет и посветеност.

Нашата компанија учествува на работилници и едукативни настани, и безрезервно сме подготвени да го даваме својот придонес каде и да е потребно. Посветено ќе продолжиме да овозможуваме и развиваме сигурни, современи и достапни решенија во доменот на картичните и дигитални плаќања.

К.В.С.

 

Поврзани вести

Деспотовски: Македонија ќе им посака добредојде само на инвеститори со висок квалитет

Влатко Зорба

Арсовска: Излезот од кризата ќе се случи побрзо доколку одлуките на институциите одговараат на потребите на граѓаните и стопанството

Влатко Зорба

Петров: Мора макотрпно и брзо да работиме на имплементирање на глобалните трендови

Влатко Зорба