СТАНДАРД life
ПРЕТПРИЕМАЧ

Јаневски: По пандемијата ќе има недостиг на храна во светот, а Македонија е целосно зависна во секој сегмент

Препознатлив по визинерскиот дух во водењето на бизнисите, Светозар Јаневски на нему својствен начин и без задршка, за „Стандард“ ги искажува предвидувања за економската состојба по завршувањето на пандемијата.

„По пандемијата ќе има недостиг на храна во светот, а нашата држава е целосно зависна во секој сегмент – од месо до житарки и млеко. Затоа веднаш треба да размислуваме како ова да го промениме“, вели Јаневски.

План според него мора да имаме и во случај доколку земјите од ЕУ не почнат да ги симнуваат ограничувањата пред почетокот на летото.

„Ако набрзо вкупната потрошувачка на пазарите во ЕУ не почне да се враќа на нивото пред почетокот на пандемијата, тогаш голем дел од нашите компании кои извезуваат на овие пазари нема да добијат нови нарачки и ќе мора да се преориентираат на други пазари, пред се на кинескиот пазар кој според сите предвидувања и оваа година ќе забележи сериозен економски раст”.

Навремена и доследна акција според него треба да имаме и во насока на достигање на стандардите за квалитететен живот кои важат во земјите во ЕУ и НАТО, а која е според него единствен начин да се заборават проблемите во евроинтегративните процеси.

Меѓународниот успех на Тиквеш и на М6 само ги заокружуваат принципите по коишто тој се води, а кои подразбираат многу работа но и храборост да се споредуваме со подобри од нас.

Избран сте за извршен директор на Бизнис клубот на Евро-Атлантскиот совет на Македонија кој е невладина организација која ги покрива евро-атлантските интеграции и ги промовира евро-атлантските идеи и вредности во нашето општество. Во овој период се чини дека се забележуваат првите пукнатини во инаку безрезервната поддршка на граѓаните на овој пат, најмногу поради случувањата во релација со Бугарија, но и начинот на распределба на вакцините. Колку е објективно возможно да се задржи мотивираноста покрај искушенијата од овој тип?

-Евро-Атлантскиот совет на Македонија е невладина организација во која членуваат истакнати поединци кои имаат постигнато значајни резултати во различни општествени сфери, вклучувајќи го и бизнисот. Оттаму изборот за извршен директор на Бизнис клубот кој делува во рамките на оваа организација за мене преставува голема чест. Мисијата на оваа организација е да и помогне на нашата земја полесно да се интегрира во развиениот дел од светот кој во голем дел го сочинуваат земјите членки на ЕУ и НАТО. Тој процес секако е тежок и исполнет со големи предизвици и премрежија, но тоа не треба да не обесхрабрува.

Ако правилно и доследно работиме да ги достигнеме стандардите што одамна важат за земјите во ЕУ и НАТО, а кои овозможуваат квалитетен живот на граѓаните и одржлив развој на нивните економии и општества, тогаш ние брзо ќе заборавиме на проблемите со кои сега се соочуваме, колку и тие да ни изгледаат тешки, а некојпат и неправедни и нефер.
Основните цели на клубот се зајакнување на бизнисот и неговото влијание во градењето на политиките кои треба да овозможат просперитет на земјата. Ова се и насоките од НАТО, за што треба и државата да биде подготвена. Преку овој клуб ќе се поттикнува економијата и ќе се реализираат активности за борба против сиромаштијата, против корупцијата, како и за зајакнување на демократските процеси.

ЕУ има свои проблеми, наметнати поради последиците од корона кризата. Во долгорочна насока се одвива планот за закрепнување на европските економии. Како човек од бизнисот, имате ли барем начелни анализи за последиците по нашата економија ако го имаме предвид фактот дека околу 70% од трговијата на РСМ е со земјите од ЕУ?

– Убеден сум дека економијата на ЕУ и покрај големата цена што ја плаќа, е доволно силна и финансиски моќна да ги поднесе сите проблеми и последици предизвикани од пандемијата. Единствена непозната во оваа равенка останува само факторот – време, што зависи од крајот на пандемијата и кој засега никој не може со сигурност да го предвиди. Од начинот и динамиката со која ЕУ ќе заздравува од оваа криза во многу нешта ќе зависи и опоравувањето на македонската економија и на целиот наш регион кој во голем дел е зависен од пазарот на унијата, затоа што најголем дел од својот извоз го остварува токму со членките на ЕУ, а од нив најмногу со Германија, кои во моментов сеуште не планираат да ги симнат сите ограничувања наметнати заради заштита на здравјето и спречување на ширењето на пандемијата.

Значи, последиците врз македонската економија од затворањето на пазарите на ЕУ секако дека се големи и ќе бидат уште поголеми доколку земјите од ЕУ не почнат да ги симнуваат ограничувањата пред почетокот на летото. Ако набрзо вкупната потрошувачка на пазарите во ЕУ не почне да се враќа на нивото пред почетокот на пандемијата, тогаш голем дел од нашите компании кои извезуваат на овие пазари нема да добијат нови нарачки и ќе мора да се преориентираат на други пазари, пред се на кинескиот пазар кој според сите предвидувања и оваа година ќе забележи сериозен економски раст. Но, се разбира, ваквото преориентирање не оди лесно и не се случува преку ноќ и затоа треба да бидеме подготвени за можноста дека пред да стане подобро, ќе биде можеби уште полошо.

Во овој дел, моите сугестии се дека сите мора да размислуваме и да се однесуваме како да сме во воена ситуација, состојба со исклучително тешки последици и вонредни услови за реализација на деловните активности. Во една таква ситуација, со огромно ниво на штети и неизвесност, мора да помогне државата со соодветни мерки.

Мерките не треба да претставуваат социјална помош, како до сега. Мора да има критериуми како се доделуваат средствата, за навистина да им се помогне на компаниите кои стратешки се подобро поставени за забрзување на излезот од кризата. Некои компании, барајќи излез, побрзо се движат и можат да им помогнат на останатите, кои не се толку флексибилни и адаптабилни. А ваквите компании воопшто не добиваат поддршка. Неопходно е да бараме излезни решенија.

Но едно е сигурно, по пандемијата ќе има недостиг на храна во светот а нашата држава е целосно зависна во секој сегмент – од месо до житарки и млеко. Затоа веднаш треба да размислуваме како ова да го промениме.

Последната анализа за степенот на корупција во нашето општество беше проследена со изјави во оваа насока од страна на американскиот и холандскиот амбасадор. Во изминатите години токму владите на САД и на земјите членки на ЕУ обезбедуваа значителни износи средства за борба против корупцијата .Како да ги надминеме предизвиците од овој тип кои се објективна пречка во нашиот евро-интегративен процес?

– После објавувањето на најновите податоци и анализи за перцепцијата за степенот на корупција во нашата земја, на сите би требало да им стане јасно дека за вистинска борба против корупцијата не е доволно само да имате добра волја. Времето на пишување стратегии заврши, неопходна е конкретна акција која ќе ги опфати сите и од која нема да биде поштеден никој. Доколку ова не се случи наскоро и не се одвива паралелно со останатите реформи на виталните системи на земјата, како што се правосудниот систем, образованието, здравството, економијата и политичкиот систем, тогаш Македонија ќе продолжи забрзано да се празни, затоа што ниеден млад човек не можете повеќе да го убедите да остане во ваква земја играјќи единствено на картата на патриотските чувства.

По ланската, исклучително тешка година за лозарството, Владата вели дека нашла начин како да се надминат проблемите со откупот на грозјето и тоа преку воведување на планско одгледување на грозјето. Што мислите за ваквите најави на министерот Хоџа? Дали е ова вистинскиот начин за решавање на децениските проблеми во винарството и лозарството?

-Нема едноставно решение за, како што велите, децениски проблеми. Да имаше, до сега ќе беше пронајдено. Јас излезот го гледам во долгорочна стратегија за развој на лозарството и винарството. Но, и по толку години, ние не успеваме да изградиме една заедничка стратегија, на чија имплементација систематски би се работело и својот дел би го исполниле сите засегнати страни.

Се согласувам дека треба да има план и дека грозјето треба да се одгледува со примена на мерки кои ќе овозможат повисок квалитет. Винарската визба „Тиквеш“ ваквата пракса ја воведе многу одамна и ја применуваме доследно со сите наши кооперанти кои се подготвени да ги следат нашите совети за одгледување на грозјето, со цел да се постигне повисок квалитет. Ние го наградуваме квалитетот со тоа што исплаќаме повисоки цени и бонуси за поквалитетно грозје.

Но, „Тиквеш“ иако е значаен двигател на винската индустрија, не е единствен учесник во неа, ниту може самостојно да биде решение за наталожените проблеми. Во процесот на преориентирање кон повисок квалитет и воведување стандарди, кои лозарството и винарството ќе ги подигнат на повисоко ниво, треба сите да ја понесат одговорноста и товарот од свој аспект. За исплатливо производство на квалитетно грозје неопходно е да се окрупнат површините што поединечните лозари ги поседуваат, да се промени структурата на сортите, да се промени начинот на одгледување.

Винарниците пак треба да бидат подготвени да платат за повисок квалитет и да го организираат производството и пласманот на флаширано вино, кое има повисока цена. За ова е потребна многу поголема поддршка од државата во процесот на промоција на македонското вино. Треба да работиме на обезбедување на географското потекло на виното и идентификација на карактеристиките на винските региони. Така што, ова е сложен процес и треба време за вакви промени, но најважно е да започнеме со нив. Само ако почнеме, можеме да се надеваме на позитивен исход после извесен период. Без работа, нема резултати.

За вакви систематски и стратешки прашања потребно е винарниците да се здружат, најпрво меѓу себе, а потоа и со институциите и заеднички да работат и вложуваат во препознатливоста на земјата и регионот. Преку здружението „Вина од Македонија“ работиме токму на овие проблеми. Целта е да го изградиме имиџот на Македонија како производител на квалитетно вино.

Неопходно е да донесеме цврста одлука дека сакаме да бидеме глобално препознаена винска земја. Виното е производ со кој можеме да се натпреваруваме со сите светски производители и така треба да се третира и поддржи развојот на оваа индустрија. За начинот на кој поддршката ја обезбедуваат некои наши соседни земји, во Србија на пример, со стратегијата за развој на винарството се вложуваат милионски суми за остварување на оваа цел. Само илустративно, Србија за интернационална промоција одвојува 3,5 милиони евра, додека кај нас тој износ е 200 – 300.000 евра годишно.

Како ковид-кризата се одрази на производството и консумацијата на вино, на извозот и на залихите, особено ако се земе предвид дека поради пандемијата и редиците мерки за намалување на бројот на заболени, не се одржуваат свадби и веселби, нема патувања и посети на винарници, а ХОРЕКА продажбата значително се намали наспроти продажбата на овие пијалаци по маркетите? Колкави се штетите во оваа индустрија?

– Ковид-кризата на економијата во глобални рамки ѝ наметна услови кои се без преседан во поновата историја. Во некои индустрии тие може да се оценат и како апокалиптични. Винската индустрија е една од нив. Во периодите на спроведуван карантин, продажбата на виното бележеше пад и од 80%. Од друга страна, кризата наметна пазарна несигурност и непредвидливост какви што не познава современата економија. Дополнително, ова предизвика и тектонски промени во целиот пазарен синџир на производство на вино, но и во неговата побарувачка. Консументите нагло ги променија своите навики и во изборот на производи и во користењето различни канали на продажба.

Сепак, во целата оваа ситуација, некои заклучоци се извесни. Негативните последици кај најпогодените индустрии, вклучително и винската, ќе траат многу подолго од самата здравствена криза и бараат активно и креативно учество и слух од креаторите на националните економски политики, зашто погодени се сите во синџирот на производство, дистрибуција и продажба. Од друга страна, можност за своевидно „враќање“ имаат само оние што во кризата, колку и да е голема, гледаат шанса, а тоа значи „читање“ и на најмалите сигнали што ги испраќаат пазарот и консументите, брзо прилагодување на новите услови и храбри и инвентивни одлуки.

По завршувањето на пандемијата се очекува голем економски шок. Македонија мора да се преориентира и систематски да работи на зголемување на производство на храна. Во овој сектор засега имаме трговски дефицит. Зголемен е увозот на храна, а се покажа дека оние земји кои имаат свое производство поефикасно се справија со кризата на економски план.

М6 е една од ретките домашни компании која има бизнис во друга држава, во случајов винарница во Франција. Можете ли да направите паралела колку Франција ја помага винската индустрија, а како тоа го прави Македонија?

– Секогаш е добро да се споредувате со подобри од вас. Да, некогаш боли, па дури и фрустрира, но доколку ја надминете суетата, тоа соочување ќе ве направи и вас подобар. Всушност, тоа е нашиот прв бенефит од „француската приказна“. Уште при подготовката за овој чекор станувавме подобри, тука дома, затоа што само така можевме да се впуштиме во овој потег. И сѐ уште учиме, се разбира. Вториот бенефит од инвестицијата во „Chateau de Gourdon“ е што таа многу подиректно ги отвора вратите на глобалниот пазар.

Едноставно, во винска смисла, светот е многу поблиску кога тргнувате од Франција. Притоа, преку оваа инвестиција, светот станува поблиску и за нашите македонски вина, особено за тероарите од домените Барово, Бела вода и Лепово. Токму затоа и ги групиравме, заедно со вината од „Chateau de Gourdon“ во бренд-платформата „Tikves Chateaux & Domaines“, која, прераснува во синоним за премиум вина на домашниот пазар, но и препознатлив вински бренд на странските пазари.

Инаку, од односот на француските институции, и локалните и државните, можеме навистина само да учиме. Системот и стандардите се функционални и поставени така што му помагаат на инвеститорот да се развива и да станува сѐ подобар, а со тоа да учествува во целокупниот имиџ на француското винарство. Сѐ е насочено кон мотивирање и задржување на инвеститорот, а вклучени се агенцијата за инвестиции, туристичката организација, организацијата од областа на лозарството, па сѐ до локалната самоуправа. Откако инвестицијата ќе се комплетира, на располагање се различни стимулации и поддршки за учество на саеми, претставувања и промоции, но и за нови инвестиции.

Верувам дека можеме да се движиме во тој правец и тука, во нашата земја и затоа континуирано се ангажираме и не ја штедиме енергијата во сѐ што е насочено кон развој на македонското винарство и во промовирањето на стандардите на една винска земја.

М6 Групацијата ја зема под закуп БИП но по две години го прекинавте договорот. Тогаш рековте дека не се повлекувате и наговестивте нови проекти во Србија. Можете ли да ни откриете кои се и до каде се планираните проекти?

– Ние сме присутни во Србија во континуитет. Имаме формирано посебна компанија со цел да работиме поинтензивно на присуството на вината на „Тиквеш“ на овој пазар. И во овој проект постојано вложуваме. Кога ќе идентификуваме можности кои се комплементарни на нашата дејност и сметаме дека можат да придонесат кон поголем развој на бизнисот, подготвени сме дополнително да инвестираме, затоа што веќе покажавме дека „Тиквеш“ не го гледаме само во рамките на нашата земја, туку многу пошироко.

Кризата е период во кој дел од бизнисите едвај преживуваат но дел од бизнисмените токму во вакво време инвестираат. Откако во време на пандемија ги исполнивте обврските кон лозарите, инвестиравте во нови лозови насади. Дали сметате дека е ова вистинското време за инвестиции?

– Лозарите се еден од клучните фактори во нашата визија за „Тиквеш“ како значаен и конкурентен играч на глобалниот пазар на вино, кој нуди висококвалитетно вино и ја промовира Македонија како винска земја и дестинација. Една од основите на секое партнерство е и исполнувањето на меѓусебните обврски и ние сме задоволни што можеме да ги извршуваме и во услови кога не сите наши коминтенти се во состојба да ги извршат кон нас. Токму затоа сиве овие години го промовираме пазарниот принцип на соработка, кој единствено отвора реални можности сите во процесот да ги исполнуваат своите обврски.

Инвестициите во нови лозови насади се исто така дел од нашата долгорочна стратегија за обезбедување иден развој и подигнување на квалитетот на виното. Во минатите 2 години инвестиравме близу 2,5 милиони евра во подигнување на нови насади.

Кризата, колку и да трае, ќе заврши и не нѐ обесхрабрува во исполнувањето на нашата визија, но и во обезбедувањето развој за вработените, соработниците и за заедницата. Напротив, сигурен сум дека од неа ќе излеземе посилни, поподготвени да се натпреваруваме и на љубителите на вината на „Тиквеш“ да им понудиме уште многу нови изненадувања и уживања.

Уште еден доказ за кризата како поттик е и отворањето на on-line продавницата на „Тиквеш“, која прераснува во значаен канал за достапност на нашите вина. Паралелно, имплементиравме и други процеси на дигитализација на нашето внатрешно работење, што нѐ направи поефикасни и поподготвени да одговориме на новите предизвици.

Минатата година отворивме и нов современ магацински простор со имплементирани нови технологии во Охрид, кој создаде услови нашите вина да бидат многу подостапни во овој туристички регион од земјата.

Во предвечерието на петтиот пакет мерки, кои се вашите оценки за досега донесените четири сета? Дали тие беа вистинските и најпотребните за секторите што ја влечат економијата напред? Анализирајќи го досегашниот начин на водење на економската политика имате ли чувство дека постои консензус меѓу сите чинители за тоа што им е потребно на граѓаните и на стопанството?

– Мојот став за вакви сериозни кризи, како што е пандемијата, е дека треба да се даде што поголема поддршка и да се обезбеди што поголема помош на економијата, на приватните субјекти особено преку создавање на соодветна клима за работа на компаниите, брзо адаптирање на законски промени и соодветни мерки кои ќе бидат обмислени и целисходни.

Мора да се мисли на инвеститорите и на компаниите кои по завршувањето на кризата ќе можат да ја повлечат економијата напред, така што значајно е да се поддржат инвестициите и сите позитивни чекори на инвеститорите со кои се овозможува економски развој и просперитет. Ваквите компании со своето работење врзуваат голем број други компании и се двигатели на развојот, но и обезбедуваат многу работни места. Затоа, нивното успешно работење во голема мера го детерминира успехот на целокупната економија, односно нивниот спас во кризата е спас на економијата и функционирањето на државата.

Јасно е дека не постои консензус во однос на потребите. За жал, сведоци сме на недостаток на вистинско лидерство, на широко и далекусежно размислување, на ставање на страна на тесните интереси и водење грижа за пошироките интереси на целокупното општество. Така што, нема простор за постигнување консензус за она што е потребно за граѓаните и за стопанството, што само ја продлабочува кризата.

Отсекогаш сте предизвикувале големо внимание во македонската јавност како по типот на функциите што сте ги извршувале, така и по успесите што ги постигнувате. Па така во јавноста Ве препознаваат како “крал на пијалаците”, “најуспешен македонски бизнисмен”, “главен инвеститор” во земјава, “бизнис лидер на столетието”… По една година живот во пандемија, можете ли да резимирате што научивте Вие лично од кризата? А што требаше да научиме како држава а не го сторивме тоа?

– Мислевме дека сé сме виделе. На просторот на кој живееме, во нашиот животен век, имало војни, егзодуси, се распаднале држави, имало ембарга. Но, дури и ние, на некој начин „исчеличени“ од ваквите искуства, бевме затечени од она што го донесе пандемијата. Ни покажа колку сме ранливи. Но, и колку сме цврсти. Затоа што и ова ќе го преживееме и надминеме. Ни покажа дека нема комоција и ароганција во бизнисот, затоа што дури и кога најмалку очекувате може да дојде удар. Ни потврди дека секогаш има нешто ново да се научи и совлада, и постојано треба да бараме излез и да се менуваме. Да ги менуваме и прилагодуваме моделите на работење. Само така може да се опстане и да се продолжи да се живее и работи.

Од друга страна, испуштивме шанса за обединување околу една закана која подеднакво нé погоди сите. Испуштивме да ја надминеме поделеноста по различни основи – политички, етнички, економски, и да се фокусираме на заедничкиот, на општиот интерес и конструктивно сите да придонесеме за изнаоѓање заеднички решенија. Да се потпреме едни на други и да ги ставиме во функција капацитетите и способностите што секој од нас ги поседува за да дадеме придонес во една ваква состојба, како и да размислуваме за подобра и попросперитетна иднина на сите, не водејќи се од личните партиски или бизнис интереси.

Потребно е да се дефинира стратегија на државата која ќе значи грижа за долгорочните интереси и обезбедување егзистенција за секој поединец. Но, не преку социјална поддршка, туку преку проекти кои ќе значат долгорочно одржливо управување и можности за личен, професионален и деловен развој. Тоа треба да биде фокус на државата и начин со кој ќе се спречи одливот на мозоци, ќе се намали незадоволството и сиромаштијата.

Оваа лекција не сме ја научиле, а од неа зависи сé.

К.В.С.

Поврзани вести

Арсовска: Излезот од кризата ќе се случи побрзо доколку одлуките на институциите одговараат на потребите на граѓаните и стопанството

Влатко Зорба

Јоновски: Владата може да поддржува, но тоа почесто е проблем, а не решение

Влатко Зорба

Илијевски: Измените на законот за игри на среќа ќе стават крај на легалното спортско обложување

Влатко Зорба