СТАНДАРД life
ПРЕТПРИЕМАЧ

Беџети: Бизнисите „вриштат“ и ја критикуваат државата кога не им оди, но кога им е добро не покажуваат спремност да и помогнат

За академикот Абдулменаф Беџети нема едноставни, ниту пак лесни одговори во однос на очекуваните ефекти од петиот пакет економски мерки.

Анализирајќи ја севкупната состојба од едногодишната „затворена економија“, заедно со сите досега превземени чекори и стратегии тој, во интервју за Стандард, вели: „Бизнис заедницата е крајно истоштена, а владините институции веќе немаат маневарски простор за креирање политики кои многу би помогнале“.

Оттука, не многу оптимистички заклучува дека „овој, па евентуално и следните пакети ќе бидат се побледи по форма и по содржина“.

Ваквата ситуација според него не е различна со оние во најмоќните западни економии, а како пример ја наведува Австрија која веќе не дава субвенции бидејќи едноставно нема од каде.

Како не толку лошо го оценува потфрлањето од само 12-13 % од првобитната проекција на основниот буџет за 2020 година, но затоа не штеди зборови на критика на сметка на бизнис заедницата и нивниот како што го нарекува „преголем песимизам“.

„Јасни ми се мене бизнис навиките, менатилитетот па и културата кои секогаш кога не им е добро „вриштат“ и ја критикуваат државата но кога им е добро не покажуваат спремност да и помогнат на државата“, вели Беџети.

Како пример ги посочува критиките на бизнис заедницата во однос на повисокиот даночен товар, кои според него не биле оправдани бидејќи е меѓу најниските во регионот.

„Ги натераа властите да го суспендираат, со што сметам дека се направи огромна грешка и покрај тоа што мене лично тоа решение многу ме погодуваше“, заклучува Беџети.

Во однос на економскиот раст и рецесијата, за Беџети се најрелевантни проекциите на ММФ. Смета дека земјава нема да биде во рецесија на годишно ниво но можна е вели рецесија во првото тримесечје.

По долгиот период на подготовка и стопанствениците и работниците се вo oчекување на на петиот пакет Владини економски мерки.Каков е вашиот став за ваквите мерки за спас на економијата во услови на пандемија, ако се знае дека најавите како новиот сет ќе биде структуриран, веднаш предизвика незадоволство кај дел од бизнис секторот и создаде скепса дека и овој пакет како и претходните,ќе се реализира и ќе го даде очекуваниот ефект?

– Во однос на петиот пакет на анти-ковид мерки, условно кажано и „двете страни се изморени“! Бизнис заедницата, посебно во поедини сектори кои беа најмногу погодени (угостителство и туризам, текстилна индустрија, услуги од оператори за патување, уметност, масовен спорт и спортски активности…) е истоштена и разбирливо дека се соочуваат со огромни проблеми не само за трошоците за плати, кирии, енергија и сл. туку и проблеми во врска со ликвидноста на обврските према доверителите и банките. Но истовремено и владините институции, повеќе немаат маневарски простор за креирање политики и мерки кои би помогнале многу тука.

Оваа состојба веќе заокружува една година во „затворена економија“ и нормално, состојбите се веќе критични. Овој, па евентуално и следните пакети, ќе бидат се побледи како по форма така и во содржина. Ниту најмоќните западни економиии кои последните шест недели се потполно затворени (Австрија на пример) веќе не субвенционираат бидејќи нема од каде. Петиот пакет со четири видови на мерки, веројатно ќе помогне во двата сегмента-исплата на загарантирани плати и поддршка на ликвидноста кај најпогодените компании, кои ќе чинат над 50 милиони евра. Кумулативно петте пакети, ќе достигнуваат (номинално) над 1,2 милијарди евра, што сепак ќе достигне (барем во релативен однос), над 10% од БДП, приближно како најразвиените земји на ЕУ.

Дали владата соодветно ги креира економските мерки или вие би сугерирале акцент да се стави на нешто друго? Може ли со вака креирани економски мерки да закрепне економијата? Кои се пропустите кои му ги забележувате на владиниот економски тим?

– Јас, како и некои други мои колеги од академската заедница, до третиот пакет мерки бевме и директно вклучени, консултирани за приоритетите, областите, инструментите и извори на средствата за поддршка на стопанството и најпогодените слоеви на општеството. Третиот пакет беше и најобемен но и содржински најразличен. Кога и тие пакети во примена покажаа слаба ефикасност (барем според оценките на бизнис заедницата), лично не очекувам многу последниот (петти) пакет да има поинаква судбина. Не е до желбата и волјата на институциите туку до нивниот капацитет. Толкав ни е капацитетот на институциите генерално, а специфично да не зборуваме. Ова се два збора и лесно звучат, но тоа е толку комплексно прашање што бара максимален фокус на врвните власти за да се подобрува и тоа не е можно за година или две. За овие аспекти веќе сме изморени од укажување. Затоа и во однос на специфичната структура на овој пакет и очекуваната ефикасност, не можам да очекувам повеќе од институционалната моќ.

Бавната реализација на вакцинацијата против корона вирусот и потфрлањето на клучните сегменти во буџетот кои треба да донесат стабилизација, го зголемија песимизмот кај стопанствниците. Очекуваат зголемување на невработеноста, раст на цените на производите…Дали сте оптимист дека ќе се реализира предвидениот раст на БДП или едвај ќе влезе во позитива?

– Да, навистина заостануваме со вакцинацијата дури и во регионот! Но мене лично ме зачудува преголемиот песимизам кој се влева од бизнис заедницата. Јасни ми се мене бизнис навиките, менатилитетот па и културата кои секогаш кога не им е добро „вриштат“ и ја критикуваат државата, но кога им е добро не покажуваат спремност да и „помогнат на државата“ На пример, не престанаа со жалење за голем даночен товар (што апсолутно не е вистина-имаме речиси најнизок товар во регионот, по Косово и Албанија) и ги натераа властите да го суспендираат, со што сметам дека се направи огромна грешка и покрај тоа што мене лично тоа решение многу ме погодуваше.

Состојбите ниту во буџетот не беа (се надевам и се уште не се) толку лоши- потфрлање од само 12-13 % од првобитната проекција на основниот буџет за 2020 година, а ребалансираниот се реализираше дури цели 99%, покажаа дека нема многу простор за песимизам. Првичните проекции во април 2020, веднаш по затворањето на економијата на 11 март, беа со три сценарија, најоптимистичкото предвидуваше пад од 20% на буџетските приходи, а најпесимистичкото пад од 40%. Се случи пад од само 12 %! Затоа не се состојбите такви за да се влева толкав песимизам, поготово кога и вакцините „кај и да е ќе дојдат“! За среќа, интензитетот на инфекцијата кај нас, во последните 5-6 недели и не е толку критичен и сметам дека половина од населението веќе го поминал (сега сме на бројка од околу 100.000 помножено со 10).

Од таму и прашањето дали рецесијата од 2020 година ќе се прелее и во 2021? Ако се знае дека сме „задолжени до гуша“, дали треба да се биде оптимист дека во буџетот ќе влезат доволно пари за да се покријат трошоците планирани за оваа година или спасот ќе се бара во новата еврообврзница? Дали требаше и дали можевме да бидеме поголеми „домаќини“?

– Сите проекции како на глобално така и на европско ниво, предвидуваат дека 2021 година ќе биде година на економска рекуперација. За мене лично, нема порелевантна институција од ММФ (па донекаде и СБ) за проектирање на економските состојби, бидејќи веќе поседуваат најдобра база на податоци покрај човечките капацитети. Пред три недели ММФ ги ревидираше своите предвидувања за глобалната економија на позитивно рамниште-го предвиде намалувањето на падот во 2020 година како и зголемување на растот во 2021-ва за околу 0,3 %. Сметам дека и ние (во регионот па и во земјава) нема да бидеме во рецесија на годишно ниво, но можна е рецесија во првото тримесечје. Впрочем, на вакви анализи и претпоставки се направени и проекциите за 2021 година и кај нас.

Владата најави дека ќе продава државно земјиште и непрофитни државни претпријатија. Дали е ова соодветниот начин за полнење на државната каса?

– Тоа беа најави, а дали ќе се случи треба да чекаме. Добро е што првпат во економската историја, во Министерството за финансии се креира т.н. сектор за „asset management“ на државата. Прво точно да се евидентираат (попишат) сите средства/ богатство на државата, а потоа како се стопанисува со нив. Среќен сум што идејата за ова решение беше моја, но уште посреќен сум што оваа потреба која ја наведов уште пред две декади, конечно стигна до вистинскиот човек! Лично сметам дека државата не треба да распродава (како што се случуваше до сега) но да стопанисува и да продава, зошто не?! Домаќинско водење на државата претставува основен атрибут на државност, впрочем и како во една компанија или пак фамилија.

Во една ваша колумна ќе речете дека лекцијата што треба Владата да ја научи е постапката и брзината на реализација на нејзините мерки. По една година живот во пандемија, што научи Владата?

– Ние сите учиме цел живот, па секако и Владата треба да учи, по можност не од свои грешки! Покрај сите предизвици и жртви од пандемијата, секако дека треба да зграпчиме и предности од неа. Ајде прво да почнеме со дигитализација. Знаете ли колку хартија се троши во државата за непотребно печатење? Знаете ли колкави подруми се исполнети со непотребна архивска граѓа и згора на тоа кои се негативните екстерналии од коа? Колку дрва и шуми треба да се исечат за да се произведе таа хартија? Да не бидам погрешно сфатен, јас и припаѓам на „традиционалната генерација“ и не мислам дека сето тоа треба да се сведе на нула – но да се редуцира, има огромен простор. Па зарем мора секој ден сите вработени во јавната и државна администрација да се појавуваат на работа со физичко присуство? Зарем не може поедини предмети во образованието да се реализираат од дистанца? Зарем не може да се поттикне „on-line“ продажба или рестораните да ја засилат дистрибуцијата на храна по „delivery system“… и да не бројам уште. Сите овие аспекти се растечка заштеда, ефикасност и економичност, а опаѓачка загаденост, хаос и стрес.

Абдулменаф Беџети

Стратегијата за развој на енергетиката иако донесена, се уште не е почната да се реализира, а камоли да се говори за некакви резултати особено во делот на гасификацијата, акумулациите, …Опозицијата обвинува дека се работи за стратегија на имиагинарни активности во енергетиката, но што сметате Вие дека ја кочи?

– Со право сте забележале дека сум изразито наклонет кон секторот енергија. За тоа се залагам веќе две декади. Земја со ваква теренска морфологија, водни и сончеви ресурси да увезува (околу) 30% електрична енергија секоја година, е за чудење. Го градевме „Скопје 2014“ со околу една милијарда евра, а 10 години ги влечкаме, по десет пати на меѓународни тендери, потенцијалите на ХЕ Чебрен и ХЕ Галиште. Ако малку ги опсервираме условите за комплементарност во потесниот регион (Албанија на пример) тоа уште повеќе зачудува.Тие секоја есен и пролет имаат поплави и вишок на електрична енергија, токму кога кај нас има лимитирачки фактори за ископ на јаглен. Ние цели 30 години не сме можеле да се поврземе со систем за пренос и размена на струја за само 15-20 милиони евра (!!!) инвестиција за далекуводот Вруток- Бурели. Што да зборувам повеќе?!

Минатата година Ви беше исклучително наклонета. Избран сте за надворешен член на Косовската Академија на науки и уметности и бевте споменуван и како можен иден премиер на РСМ. Дали во иднина се гледате себеси во политичките води? Дали некоја од партиите е блиска со вашите ставови и вредности?

– Минатата година, за среќа најпрво ми беше наклонета за здравјето, не само моето туку и на поширокото семејство, па ако сакате и целото институциално семејство (Универзитетот на ЈИЕ). Многу сум среќен што и покрај активностите со „hybrid“ форма на високо-образовните активности, немавме ниту еден случај со фатални последици, ниту кај студентите ниту кај вработените. Уште во минатиот оглас на Академијата на науките и уметностите на Р.Косово, пред три години бев од внатре кандидиран, ама предлогот за малку „не помина“.Впрочем слична судбина како и во нашата Академија. Па ако сакате, така беше и за позицијата Ректор!

Јас ретко во животот, „од прва“ сум ги добил нештата. Сметам дека оваа „судбина“ ме направи уште поцврст. Овој пат, повторно без моја апликација, или пак од внатре, ме избраа за надворешен член на Косовската академија, за што им се заблагодарувам за поддршката но и за дадената одговорност.

Одамна немам политички амбиции, од 2005 година кога ја напуштив ППД. Јас сум целосно посветен на Високото образование и науката. Мислам дека успевам да одржам прилична еквидистанца до сите политички субјекти, како кај албанскиот така и кај македонскиот блок. Знам дека тие не ме перцепираат баш како таков, но вистнината е таа. Јас сум многу отворен и критички настроен. Тоа што го мислам и го изнесувам, секој пат со аргументи и факти за кои секогаш сум бил и ќе останам отворен да дебатирам во било кое време и простор. Сета друга „вистина“ е перцепција.

К.В.С.

Поврзани вести

Наумоски: Само со заедничко делување на државните апарати и стопанството ќе им помогнеме на граѓаните помалку да го почувствуваат економскиот удар на пандемијата

Влатко Зорба

Симуновски, експерт за криптовалути: Физичките фиат валути ќе исчезнат за 15 години

Влатко Зорба

Садики: Претприемачите кои сакаат да почнат бизнис да не се двоумат, С.Македонија има многу голем потенцијал

Влатко Зорба