СТАНДАРД life
ПРЕТПРИЕМАЧ

Илијевски: Измените на законот за игри на среќа ќе стават крај на легалното спортско обложување

Асоцијацијата на спортски обложувалници не отстапува од најавите дека ќе излезат на протести доколку измените на законот за игри на среќа бидат изгласани во предложената форма.

Тврдат дека предлог измените „ќе стават крај на легалното спортско обложување, а на улица ќе остават 3500 вработени во обложувалниците или 8000 луѓе во целата стопанска гранка”.

Предлогот за физичка дистанца на објектите 500 метри подалеку од образовните институции според претседателот на Асоцијацијата на спортски обложувалници, Влатко Илијевски, ќе значи отворање на диви обложувалници, затворање на над 98 % од објектите, а државата ќе загуби повеќе од 250 милиони евра колку што влегуваат во буџетот од оваа дејност.

Потсетува дека поостоечкиот закон за игри на среќа строго го регулира пристапот и учеството на малолетниците во игрите на среќа.

„Согласно член 20 од Законот лицата под 18 год. не можат да учествуваат во игрите на среќа“, објаснува Илиевски во интервју за „Стандард“.

Илиевски потсетува дека во двата месеца кога заради пандемијата вратите на обложувалниците беа затворени, не е отпуштен ниту еден вработен, а платите и придонесите биле редовно исплатувани.

„Ние без задршка кажуваме дека вакво законско решение е „убиствен“ предлог кој ќе ја клекне економијата на колена. Во услови на економска криза, кога стопанството работи со преполовени капацитети и скратено работно време заради ковид мерките, ваквите експерименти се недозволиви и може да бидат многу опасни по домашната економија и вработувањата”, додава тој.

Асоцијацијата бара стопирање на целиот процес на носење на предложениот закон, вклучување на сите страни во подготовка на ново решение по европски терк и транспарентна дискусија.

За најголемиот дел од јавноста, особено за родителите на малолетни деца не е многу разбирливо вашето несогласување со предлог измените во законот за игри на среќа, кој предвидува деловните простории на приредувачите на игри на среќи да бидат најмалку на 500 метри од основните и средните училишта. Какви се регулативите во однос на оваа дистанца во европските земји?

-Постоечкиот Закон за игри на среќа строго го регулира пристапот и учеството на малолетници во игрите на среќа. Согласно член 20 од законот „лицата под 18 години не можат да учествуваат во игрите на среќа“ и дополнително со став 3 од истиот член „на лицата помлади од 18 години не им е дозволен влез во простории во кои се приредуваат игрите на среќа“. Спортските обложувалници целосно ги почитуваат овие законски одредби и во однос на ова, нема компромис. Новите законски измени, кои наводно би требало да превенираат учество на младите во игрите на среќа, всушност ќе направат многу поголема штета, затоа што од една добро регулирана, игрите на среќа ќе прераснат во нерегулирана гранка каде државата ќе нема никаква контрола врз малолетниците.

Вакви радикални законски решенија кои водат кон забрани и затворање на пазарот на игрите на среќа, многу брзо ќе создадат бројни социјални негативни ефекти и огромни финансиски загуби за државата. Ние постојано укажуваме дека ваквиот закон ќе отвори сива економија, а носењето на овој закон ќе создаде контраефект. Прво, ја отвора можноста за отворање на диви обложувалници, проблем кој сега не постои и со сегашниот закон е целосно ставен под контрола. Најлошо што може да се случи за нашите млади и за нас како општество е да дозволиме да се развие сива економија и да ги оттурнеме нашите граѓани да бараат алтернативни начини за играње. Од друга страна, ниту една развиена европска земја не размислува за ограничувања од ваков вид.  Затоа што до денес, никој не утврдил какво било влијание на позицијата на објектите за игри на среќа во однос на образовните или други институции.

Според долгогодишните искуства на развиените земји, вклучувајќи ја и ЕУ, единствената ефективна заштита на малолетниците е целосна забрана за пристап до објекти во кои се приредуваат игрите на среќа и високи казни за прекршителите, а ние веќе имаме такво законско решение кое се спроведува ефикасно и во целост.  Според нас, она на што треба да се размислува не се рестрикции туку кампањи за свесност, програми за едукација и сл. Токму во тој контекст, неодамна под слоганот „Играј Одговорно“ започнавме кампања за одговорно спортско обложување. Кампањата има за цел подигнување на свесноста за одговорно спортско обложување и едукација на играчите дека спортското обложување е начин за игра и забава, а не нешто од кое треба да се очекува заработка и егзистенција. И ние ќе продолжиме така да делуваме, конструктивно и во насока на унапредување на игрите на среќа и заштита на играчите.

Предлагате продолжување на лиценците за приредување игри на среќа во обложувалниците и тоа од сегашните три на шест години. Кое е образложението за ова барање?

-Главната цел на ова барање е еднаков третман и изедначување на времетраењето на лиценците кај сите приредувачи на посебните игри на среќа. Казината и автомат клубовите добиваат лиценца во времетраење од 6 години, а само спортските обложувалници, кои иако спаѓаат во истата категорија на приредувачи на игри на среќа, добиваат лиценца на 3 години со што се ставени во нерамноправна положба. Ако се прифати нашиот предлог и спортските обложувалници добиваат лиценца на 6 години и компаниите и државата ќе имаат бенефит од тоа, попрецизно планирање на инвестиции и развој на среден рок.

Не се согласувате со предлог измената за воведување „минимален праг“ од 900 евра по уплатно –исплатно место на месечено ниво, на веќе постоечката месечна давачка во висина од 20%. Според Вас, станува збор за нереално висока сума?

-Податокот дека просечните 20% Посебна давачка која ја плаќаат обложувалниците во РСМ се движи околу 500 евра месечен бруто-приход (годишен просек кај различни Приредувачи) сам по себе ја негира предложената сума за минимален праг. Доколку постои минимален праг, тој навистина треба да биде во склад со статистиката и математиката, а тоа е помала вредност од просечното плаќање на правните субјекти низ минатите години, но не поголем од 500 евра. Во пракса, ова ќе значи дека минималниот праг ќе биде дури и повисок од посебната давачка што ја плаќаат најголемите организатори на игри на среќа во обложувалница. Исто така и при отсуство на позитивен резултат меѓу примените уплати и исплати, сепак ќе треба да се плати оваа голема давачка од 900 евра по уплатно-исплатно место, иако приредувачот не остварил добивка.

Обложувањето на спортски натпревари е проследено со големи осцилации на месечна основа, во зависност од сезоната на различните првенства или актуелноста на некој шампионат, што во превод би значело: во подобрите месеци, а тоа се малку месеци, ќе се плаќа процентуално 20%, но во останатите месеци со помала профитабилност или за месеци со минусно салдо, ќе се праќа паушал 900 евра по објект, односно Приредувачите би плаќале и при загуби. Напоменуваме, ако интенцијата на Регулаторот била да се зголемат приходите на државата, истиот мора да ја земе во предвид фактот дека тие средства едноставно не можат да се наплатат. Обратно, тие само ќе се намалат, бидејќи во случај на нерентабилност, ќе следи забрзано затворање на уплатно-исплатни места и губење на работни места на илјадници граѓани. Непресушен извор на средства не постои.

Влатко Илијевски, АСОМ

Според предлог законот, приредувачот на игри на среќа не смее да има помалку од 300 вработени, како и да остварува годишен приход не помалку од 10.000.000 евра како услов да добие лиценца. Која од овие две точки е според вас проблематична?

-Бројот на вработени лица од 300 е превисок и е потребно, според нас, истиот да се намали на 100 вработени. Притоа сметаме дека  за Министерството за финансии е доволна гаранција што еден приредувач на игри на среќа најмалку 12 месеци претходно е лиценциран и има најмалку 100 вработени, за да Министертсвото му издаде  лиценца за интернет игри на среќа. Што се однесува до 10-те милиони евра приход како услов за добивање на лиценца, бараме целосно да се избрише, пред се заради можноста од непрецизно толкување на ставката приход. Но и заради тоа што со ваквиот предлог, иако еден приредувач кој ги исполнува првите два услови – 12 месеци лиценциран приредувач и најмалку 100 вработени, доколку не остварува приход од 10 милиони евра, нема да биде во можност да приредува интернет игри на среќа, а тоа ги става во нерамноправна позиција приредувачите.

Доколку бидат усвоени предлог измените на Законот, најавивте и протести, со образложение дека на улица ќе останат 8000 вработени и дека ќе се отвори пат за нелегално обложување.Има ли слух кај предлагачот на измените за вашите барања? Дали веќе се подготвувате за протести?

-Доколку се донесе предлог законот во оваа форма, одговорно тврдиме дека, пред се, се става крај на легалното спортско обложување, а на улица остануваат над 3.500 вработени во спортските обложувалници, а повеќе од 8.000 во целата стопанска гранка. Предлогот за воведување на физичка дистанца на објектите на игри на среќа од образовните институции е целосно неприфатлив. 500 метри значи затворање на над 98% од спортските обложувалници, согласно нашите прецизни анализи кои ги правевме целиот изминат период.  Дополнително, се предлага заголемување на ионака највисоките даноци кои ги плаќаме во Европа заради зголемување на средства во буџетот. Едното со другото е целосно контардикторно. Ваквиот предлог закон тоа нема да го постигне бидејќи ќе се затвораат објектите, даноците ќе ги нема, а државата ќе изгуби над 250 милиони евра по сите основи, со кои игрите на среќа придонесуваат во државниот буџет. Ваквиот закон директно ќе ја зголеми младинската невработеност и ќе остави без перспектива многу млади луѓе.

Ние како АСОМ сите изминати месеци делувавме конструктивно и доставивме предлози за унапредување на сите аспекти на работењето на индустријата и во интерес на сите чинители. Нашите предлози беа токму во делот на покачување на приходите на државата од игрите на среќа преку ефикасни европски модели на оданочување, поголема безбедност за играчите, едукација, како и трикратно повисоки казни за приредувачите кои ќе ги прекршат законите. Дадовме целосно правно и економски издржани предлози за унапредување и подобрување на индустријата. Ништо од тоа досега не е прифатено. Досега за жал, и покрај барањата на АСОМ за средба во Владата и Министертсвото за финансии, нема одговор. Kрајно е нејасно зошто и покрај сите конструктивни обиди од наша страна да реализираме состанок со претставниците на Владата, а посебно Министерството за финансии не вродија со плод и зошто сме игнорирани земајќи предвид дека сме најголемата асоцијација која претставува 90% од сите обложувалници. Она што ние го бараме е стопирање на целиот процес на носење на овој предлог закон и вклучување на сите засегнати страни во подготовка на нов предлог закон по европски терк како и транспаренна дискусија што и доликува на земја со европски аспирации.

Доколку Владата не покаже добра волја да не ги имплементира измените и да воведе навистина квалитетен закон со кој ќе се постигнат низа позитивни промени, ќе ги преземеме сите мерки и сите расположиви средства ваквиот закон да не се донесе. Последно нешто што би сакале е преку протести и други форми на делување да ги решаваме проблемите, но доколу сме приморани ќе го направиме и тоа.

Дали и какви последици имаа обложувалниците и коцкарниците  за време на коронакризата? Според бројките во 2018  во државните и локалните буџети од работата на оваа индустрија,  се слеале 235 милиони евра  а биле вработени 40 % повеќе луѓе во однос на 2017.Какви се бројките за 2019 и 2020 година?

-Конкретно за 2020 година, анализите за работењето на спортските обложувалници се прават и веројатно многу скоро ќе знаеме како сме ја поминале тешката ковид година. Сепак вредно е да се спомене дека кога се соочивме со пандемијата, спортските обложувалници беа меѓу првите правни субјекти кои беа затворени со мерките на владата за превенција од Ковид. Не работевме цели два месеци, но и во такви тешки услови, спортските обложувалници не отпуштија ниту еден вработен, а компаниите редовно исплаќаа плати и придонеси за своите вработени. Игрите на среќа се силен импулс за државната економија. Ние без задршка кажуваме дека вакво законско решение е “убиствен“ предлог кој ќе ја клекне економијата на колена. Во услови на економска криза, кога стопанството работи со преполовени капацитети и скратено работно време заради Ковид мерките, ваквите експерименти се недозволиви и може да бидат многу опасни по домашната економија и вработувањата.

К.В.С.

Поврзани вести

Пљаковска-Аспровска: 82% повеќе трансакции кај виртуелните ПОС терминали во првиот квартал од 2021 година во однос на лани

Влатко Зорба

Муратовска: Посакувам во 2021 година да нема мито и корупција по главните транспортни коридори

Влатко Зорба

Антевски: Нашите пари од буџетот треба да ги трошиме во македонското производство, тоа го прави секоја нормална држава

Влатко Зорба