Многумина кои долго време се лекувале од КОВИД-19, дури и шест месеци по инфекцијата, не биле во можност да работат со ист капацитет како порано, покажува истражување цитирано од „Гардијан“.
Субјектите во глобално истражување пријавиле 205 симптоми во 10 системи на органи по инфекцијата.
Иако првично се сметаше дека КОВИД-19 е претежно респираторна болест од која повеќето луѓе би се опоравиле во рок од две или три недели, како вопандемијата се зголеми бројот на луѓе кои се заразиле, се појавија различни симптоми во повеќе органи – од срце до мозок.
Во една од најголемите студии досега, во која учествувале КОВИД пациенти, кои исто така се истражувачи, биле испитани 3.762 лица, на возраст од 18 до 80 години. Испитаниците имале симптоми во просек во девет органи во телото.
Анализата била ограничена на субјекти кои имале коронавирус повеќе од 28 дена и чии симптоми се појавиле пред јуни минатата година, со што се овозможило истражување на симптомите во просек за шест месеци.
Главоболки, проблеми со меморијата, несоница
Приближно 65 проценти од испитаниците изјавиле дека симптомите траат најмалку шест месеци. Најверојатни симптоми кои траат после шест месеци се замор, омалаксаност по напор, когнитивна дисфункција („мозочна магла“), невролошки проблеми, главоболки, проблеми со меморијата, несоница, болки во мускулите, палпитации, отежнато дишење, проблеми со вртоглавица / рамнотежа и говорни и јазични проблеми.
Скоро 86 проценти од испитаниците имале релапси, најчесто предизвикани од физичка активност, стрес, вежбање и ментална активност.
Меморијата и когнитивната дисфункција, искусена од повеќе од 85 проценти од испитаниците, беа најчестите и најупорни невролошки симптоми. Тие биле подеднакво чести на сите возрасти и имале значително влијание врз работната способност на испитаниците, откриле авторите.
Околу 45 проценти од испитаниците изјавиле дека им треба намален распоред на работа во споредба со периодот пред болеста, додека приближно 22 проценти не работеле во моментот на истражувањето заради здравствени состојби.