Германија ќе го поддржи подобрувањето на енергетската ефикасност на зградите во 2021 година со стимулации и субвенции во вкупна вредност од шест милијарди евра, објави во понеделникот министерот за економија.
Мерките што федералната влада ќе ги поддржи вклучуваат градежни програми за модернизација со подобра изолација и поефикасни системи за греење, рече Питер Алтмаер.
„Градежниот сектор е важен ако сакаме енергетската транзиција да биде успешна“, рече министерот на онлајн конференција организирана од неговото министерство.
Државната помош треба да му помогне на секторот за домување во најнаселената земја во Европа да направи значителен чекор кон зацртаната цел за неутралност на климата до 2050 година и со тоа да и овозможи да ги постигне пошироките цели за заштита на климата во следните три децении.
Модернизацијата може да ги зголеми трошоците за живот во Германија затоа што, според законот, сопственикот може да ги пренесе трошоците за инвестирање на закупецот со зголемување на закупнините, забележува Ројтерс.
Коалиционите партии во владата на канцеларката Ангела Меркел во моментов расправаат дали станарите треба да бидат заштитени од нагло зголемување на кириите со воведување на обврска за сопствениците да преземат одреден дел од инвестицијата во модернизација на објектите.