СТАНДАРД life
ЕКОНОМИЈА

Алексовска, ТУК: Поддршка од 5.000 евра не е доволна за една година

Ковид-кризата наметна ограничени услови за работа, во која прометот е намален над 80 отсто. Државната поддршка е неопходна за туристичко-угостителскиот сектор да може да опстане и издржи до крајот на кризата. Треба или да ставиме клуч на врата или уште еднаш јавно на протест да предупредиме, ако се сака туристичко-угостителскиот сектор да опстане треба да му се помогне, вели во интервју за „Стандард” Ана Марија Алексовска, член на Управниот одбор на Туристичко угостителската комора.

Во однос на нивните барања, Алексовска вели дека туристичките агенции побарале грантови за опстанок, за да се покриват тековните трошоци.

-Туристичките агенции побараа грантови за опстанок со кои треба да ги покријат тековните трошоци и да опстанат ликвидни во 2021 година, бидејќи тоа е неопходно за одржување на активноста на правниот субјект, вели Алексовска.

Таа истакна дека не се знае по кој критериум ќе бидат распределени парите од петтиот и шестиот пакет економски мерки.

– Вклучени сме во шестиот пакет, но се уште не знаеме по кој критериум тие средства ќе бидат распределени и кога тоа ќе се случи. Важно е и да се каже дали доколку ситуацијата продолжува и немаме приходи економските мерки ќе треба да продолжат во континуитет додека да се создадат услови за да може да работиме. Нагласуваме дека за една агенција со четворица вработени, бројка која е неопходна за да се има лиценца за работа, поддршка од 5.000 евра не е доволна за една година, истакнува Алексовска.

Посочи дека од понеделник протестите продолжуваат пред Влада, а остануваат на улица сè додека Владата не ги исполни нивните барања.

Протестот кој го организира Туристичко-угостителската комора наидува на поддршка од разни организации од оваа дејност. Задоволни ли сте од досегашниот одзив?

-Заглавени во безизлезна состојба, меѓу ограничувачките услови за работи кои ги наметна ковид-кризата, во која прометот е намален над 80 отсто, и непостоењето на државна поддршка за да може да опстанеме и издржиме до крајот на кризата, треба или да ставиме клуч на врата или уште еднаш јавно на протест да предупредиме, ако се сака туристичко-угостителскиот сектор да опстане треба да му се помогне. Протестот кој го организира Туристичко-угостителската комора наидува на поддршка, не поддржаа туристичките водичи и придружници, игротеките, балетските и танцови студија и сите други кои за жал се наоѓаат во истата ситуација како ние. Задоволни сме од одзивот и поддршката од многу сектори,  земајќи ја предвид ситуацијата со вирусот, во која има многу луѓе кои се во изолација и се ранлива категорија и се плашат да излезат на улица.

Кои се барањата кои ги имате доставено до Владата и дали се разгледани во целост?

-Туристичките агенции побараа грантови за опстанок со кои треба да ги покриеме тековните трошоци и да останеме ликвидни во 2021 година, бидејќи тоа е неопходно за одржување на активноста на правниот субјект. Второто барање се однесува на ваучерите што ќе бидат дадени во рамките на економската мерка „Дома си е дома“. Сметаме дека овие ваучери треба да се реализираат исклучиво преку туристичките агенции, бидејќи само така ќе може на корисниците да им се испланира најдобро патување во кое квалитетна услуга ќе добијат од сите сегменти, хотел, транспорт, туристички водич и се друго што се потребно. Така и оние кои ги користат ваучерите ќе бидат задоволни, а и ние ќе добиеме некој стумул за работа. Третото барање се однесува на ваучерите издадени од туристичките агенции според Одлуката на Влада за нереализираните патувања во 2020 година. Бараме рокот за реализација кој сега е до 31.12.2021, да се продолжи уште една година односно до 31.12.2022, бидејќи за жал не знаеме дали оваа година ќе се стабилизира ситуацијата и ќе се реализираат ваучерите.

Од она до сега го имаме како информација првото наше барање е земено во предвид во шестиот пакет мерки, но чекаме истиот да биде дефиниран под кои услови и методологија ќе се распределува. За другите две  мерки поврзани со ваучерите, засега немаме информација дека воопшто се разгледани.

За поддршка на дејностите кои беа целосно затворени, Владата ги донесе петтиот и шестиот сет економски мерки. Дали сте целосно опфатени со новите антикризни мерки и дали е доволна понудената помош?

-Како што кажав погоре вклучени сме во шестиот пакет, но се уште не знаеме по кој критериум тие средства ќе бидат распределени и кога тоа ќе се случи. Важно е и да се каже дали доколку ситуацијата продолжува и немаме приходи економските мерки ќе треба да продолжат во континуитет додека да се создадат услови за да може да работиме. Нагласуваме дека за една агенција со четворица вработени, бројка која е неопходна за да се има лиценца за работа, поддршка од 5.000 евра не е доволна за една година. Ова го истакнуваме заради тоа што прометот во туристичките агенции е скоро 0, а неизвесноста на ситуацијата, рестриктивните мерки, големиот број на заболени, немањето вакцини не дава многу оптимизам за работа до крајот на годината. Во петтиот сет сме вклучени само со мерката за поддршка за исплата на плати за месец февруари и март исто како сите компании што имаат пад над 30%, иако нашиот  пад на промет е над 80%. Парите се уште не се исплатени, поддршка за другите трошоци нема, а и помошта не само што е задоцнета туку ќе треба и да ја вратиме зошто такви се условите за нејзино добивање.

Вицепремиерот за економски прашања, Фатмир Битиќи вели дека државата нуди онолку колку што може, има ли скриени намери во носењето на новите антикризни мерки?

-За да имаме економски мерки кои се дадат најдобри резултат треба да бидат креирани согласно реалните потребни на оние за кои се наменети. Затоа и ја акцентираме потребата да бидеме консултираат, за да ги знаат во предвид реалните состојби, загубите, проблемите со кои се соочуваме. Важно е да имаме предвидливост, да знаеме дека надлежните институции ја следат ситуацијата и доколку нема подобрување ќе обезбедат континуирана помош. Потсетуваме дека не секогаш нашите барања се поврзани со финансиска помош. Има мерки кои не бараат ангажирање на дополнителни средства, а може да бидат корисни, како што е онаа со ваучерите од „Дома си е дома“. Исто така треба да се работи повеќе и на сузбивање на нелојалната конкуренција, како и на намалување на парафискалните давачки, се сериозно оптоварување на малите бизниси.

До кога туристичко-угостителската комора останува на улица?

-Протестите нема да ги прекинеме, како што веќе реков ситуацијата ни е безизлезна, нема избор. Од понеделник ќе се преселиме пред Владата со надеж дека така можеби ќе бидеме посериозно сфатени. Туризмот е стопанска гранка која може да даде инпут за серозен економски раст и развој што е важно за во периодот по завршување на кризата. Држава со мала и отворена економија како нашата не треба да си дозволи, да затворат лиценцираните и професионални туристички агенции. Затоа и треба да ни се помогне сега, за да може да вратиме многу повеќе во наредниот период. Остануваме на улица до целосно остварување на нашите барања.  Од понеделник се префрламе пред Влада.

А.Р.

Поврзани вести

„Виз ер“ ги укинува летови од скопскиот и од охридскиот аеродром

Берта Китинска

Гошев: Акционерите и менаџерите имаат вина за пропаѓањето на Еуростандард банка

Александар Петровски

Стопанска комора: Да не се става приватниот сектор во политички контекст

Ангела Веселиновска