Девизниот курс на денарот останува стабилен и нема да има промени во неговото ниво, изјави, гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска, по одржувањето на седницата на Комитетот за финансиска стабилност.
– Заштедите на граѓаните во банките и штедилниците се сигурни и безбедни. Депозитите и сите други услуги што ги нудат овие финансиски институции, и натаму се достапни како и досега, вели гувернерката.
Претходно, по одржувањето на седницата на Комитетот за финансиска стабилност, Народната банка и Министерството за финансии, заеднички соопштија дека банкарскиот систем е отпорен на потенцијалните шокови што е и гаранција за одржувањето на финансиската стабилност во земјата. Ангеловска-Бежоска и во изјавата за МИА напоменува дека тој е здраво и стабилно јадро во домашната економија.
Во текот на денот се огласија и од Македонската банкарска асоцијација со потврда дека услугите на нивните членки – банките и штедилниците, за клиентите се достапни и по прогласувањето вонредна состојба.