СТАНДАРД life
ЕКОНОМИЈА

АСОМ: Ќе ги преземеме сите мерки спорниот Закон за игрите на среќа да не се донесе

Денеска пред Владата на РС Македонија, Асоцијацијата на спортски обложувалници на Македонија (АСОМ) одржа прес конференција, на која ги изнесе своите ставови во врска со предлог измените на Законот за игрите на среќа и забавните игри, кои се поставени на ЕНЕР. Од АСОМ побараа од Владата добра волја да не ги имплементира измените и да воведе квалитетен закон со кој ќе се постигнат низа позитивни промени и предупредија дека ќе ги искористат сите расположиви средства, вклучително и протести за да спречат ваквиот закон да се донесе.

Претседателот на АСОМ, Васко Илијевски информираше дека членките на асоцијацијата, но и бројни вработени во оваа индустрија поставија преку 250 коментари на законот, спротивставувајќи се на низата нелогичности и ограничувања кои ги содржат овие предлог измени.

„Доколку се донесе предлог законот во оваа форма, одговорно тврдиме дека се става крај на легалното спортско обложување, а на улица остануваат повеќе од 8.000 вработени во оваа стопанска гранка. Сакаме јасно да порачаме дека предлогот за воведување на физичка дистанца на објектите на игри на среќа од образовните институции е целосно неприфатлив и на таквиот закон остро ќе се спротивставиме. Предлогот од 500 метри значи затворање на над 98% од објектите, согласно нашите прецизни анализи кои ги правевме целиот изминат период.“ – изјави Илијевски и додаде дека физичката дистанца нема никаков ефект врз навиките на играње, а никаде во светот истата не се практикува бидејќи ниту една студија не го докажала спротивното.

Илијевски изрази сомневање дека зад овој предлог, де факто, стои интерес за целосна забрана на легалното обложување и затворање на објектите, но можеби и други скриени интереси.

„Она што сигурно не е целта на ваквиот предлог е унапредување на индустријата, заштита на играчите или пак зголемување на приходите во буџетот. Ваквиот предлог закон тоа нема да го постигне бидејќи ќе се затворат објектите, даноците ќе ги нема, а буџетот ќе изгуби над 250 милиони евра по сите основи, со кои игрите на среќа придонесуваат во државниот буџет. Без задршка кажуваме дека ова е убиствен предлог кој ќе ја клекне економијата на колена. Во услови на економска криза, кога стопанството работи со преполовени капацитети и скратено работно време заради Ковид мерките, ваквите експерименти се недозволиви и може да бидат многу опасни по домашната економија и вработувањата. Само за илустрација, од оваа гранка директно и индиректно имаат редовни примања 54.000 луѓе. Цели семејства ќе останат без приходи. Ваквиот закон директно ќе ја зголеми младинската невработеност и ќе остави без перспектива многу млади луѓе.“ – потенцираше Илијевски.

Законот е целосно контрадикторен, економски неиздржан и очигледно е дека е правен без соодветни економски анализи на импликациите од него. Апсолутно е нелогично да се зголемуваат давачките, а да се гаси цела гранка. Тоа нема никаква логика ниту ќе има некаков економски позитивен ефект, напротив ќе се случи економско цунами, заклучуваат од АСОМ.

„Од целиот предлог закон, единствено го поздравуваме предлогот за он-лајн обложување кој е прифатлив, но само доколку и останатите аспекти на овој спорен закон се прилагодат и променат согласно европските закони и пракси. Потсетуваме дека АСОМ е сериозна организација која има направено темелни анализи на сите ЕУ закони од каде би требало како држава да ги влечеме регулативите и најдобрите практики. Ваков рестриктивен и самоубиствен закон никаде во Европа нема“- нагласи Илијевски и порача дека без добро осмислен, европски закон нема никаде да напредуваме. Со овој закон, Валдата свесно или несвесно ќе отвори пат за црн пазар, диви обложувалници, небезбедно играње и сива економија.

И покрај бројните укажувања на АСОМ до Владата, испратените готови анализи и предлози за унапредување на индустријата, слух од Владата немаше, велат од АСОМ.

„Од денес натаму започнуваме многу посилно да делуваме до конечно носење на европски, ефикасен и добро осмислен закон кој ќе биде во интерес на играчите, индустријата и буџетот на земјата. Таков закон може да се направи многу лесно и од истиот да имаат придобивка сите, но за тоа треба искрена волја која во мометов отсуствува кај Владата.“ – прачуваа од АСОМ.

На прес конференцијата АСОМ конкретно ги испорача своите барања кои се однесуваат на отстранување на спорните точки од предлог измените на Законот- физичката дистанца од 500 метри на деловните објекти на спортските обложувалници од образовните институции и сведување на давачките на разумно ниво.

„Итно отстранување на физичката дистанца од законот со цел превенирање на затворање на оваа стопанска гранка и поставување на нов коригиран закон на ЕНЕР. Дистанцата од 500 метри е целосно неприфатлива и непреговорлива. Понатаму, сведување на давачките на разумно ниво со цел економска исплатливост за приредувачите. Предложените давачки се целосно нелогични и високи. Да потсетиме, во моментов во Македонија приредувачите на игрите на среќа плаќаат највисоки давачки во Европа кои Владата сака уште повеќе да ги зголеми.“ – порача Илијевски.

Од АСОМ посочија дека до Владата многу пати се доставени конкретни предлози за разумно покачување на даноците, заштита на играчите, зголемување на казните и низа други измени со кои може да се унапреди Законот за игрите на среќа и побараа итно да бидат земени во превид овие предлози кои се изработени по европски терк и докажано ефикасни модели на регулација.

„Ние како Асоцијација сме подготвени самите да се до-регулираме што ја потврдува нашата професионалност и сериозност во работењето, како и целосниот интерес за добра правна регулатива. Но, никогаш нема да прифатиме паушално изработени закони кои немаат никаква економска оправданост, а очигледно се носат за други цели. Бараме јавна дебата со претставниците на Владата кои го предлагаат овој спорен закон, а кои никогаш не излегуваат во јавност да го образложат овој предлог и да се соочат со претставници од нашата индустрија. Доста е веќе од молчење, бараме јавна комуникација и дебата, па да оценат и јавноста и медиумите што точно се случува.“ – коментираше Илијевски.

Доколку Владата не покаже добра волја да не ги имплементира измените и да воведе навистина квалитетен закон со кој ќе се постигнат низа позитивни промени, ќе ги преземеме сите мерки и сите расположиви средства ваквиот закон да не се донесе. Последно нешто што би сакале е преку протести и други форми на делување да ги решаваме проблемите, но доколу сме приморани ќе го направиме и тоа, порачаа од АСОМ.

Поврзани вести

ТУК: Континуирана финансиска поддршка за опстанок на туристичкиот сектор

Влатко Зорба

Граѓани, компании и институции од пријавени штети лани наплатиле четири милијарди денари

Влатко Зорба

Угостителските работници бараат да бидат пријавени со полно работно време, К-15 и бенифициран стаж