СТАНДАРД life
ЕКОНОМИЈА

Бајчевски, СУТКОЗ: Работодавачите да почнат да го ценат фактот дека Владата речиси цела година ја покри со пакети мерки

Генералната оценка на Синдикатот на работниците од угостителството и туризмот за шестиот пакет економски мерки е позитивна.

„Ќе биде инјекција што ќе овозможи почеток пред старт на туристичката сезона и пред се мотив до сите кои работат во овој сектор“, вели за „Стандард“ потпретседателот на СУТКОЗ, Саше Бајчевски.

Нивниот оптимизам е сепак со задршка, имајќи ги предвид досегашните искуства кога работодавачите не им ги исплатија средствата на сметка на вработените.

„За жал, Владата се уште ги толерира и не презема казнени мерки преку државните институции кои се задолжени за тоа“, посочуваат во СУТКОЗ.

Голема надеж немаат ниту во Договорот кој синдикатот го потпиша со Туристичко угостителската комора при ССМ, бидејќи како што велат, кај голем број работодавачи вработените не само што се уште не се синдикално организирани, туку постојано се соочуваат со можноста да бидат отпуштени.

Време е, велат во синдикатот, работодавачите да почнат да го ценат фактот дека Владата речиси цела година ја покри со пакети мерки, а не само да се фокусираат на добивката.

„Како пример ќе ја наведам дилемата, колку од фирмите ја поделиле дивиденда од досегашните успешни туристички сезони со оние кои ја создаваат таа дивиденда? Речиси ниедна, со ретки исклучоци“, констатира Бајчевски .

Што велат вашите првични анализи за најавениот шести пакет економски мерки?Дали е ова вистинскиот пакет што ќе му помогне на угостителскиот и туристичкиот сектор? Колку од работодавачите навистина ќе можат да аплицираат и добијат финансиска помош?

– Па дали ќе биде вистински и дали ќе даде ефект тоа ќе покаже времето, меѓутоа ќе биде инјекција што ќе овозможи почеток пред стартот на туристичката сезона и пред се мотив до сите кои работат во овој сектор. Што се однесува до тоа дали сите работодавачи ќе можат да аплицираат, да, и би требало до овој пакет да дојдат сите оние кои досега од петте претходни пакети го испочитувале сето она што беше договорено на економско-социјалниот совет.

Во неколку наврати досега синдикатот се сомневаше дали парите од помошта ќе стигнат на вистинското место.Дали стравувате дека и овој пат ќе се повтори истата ситуација?

-Да, секогаш кога постои сомнеж, затоа што постојат неразумни работодавачи кои средствата од првиот или четвртиот пакет не им ги исплатија на своите вработени. Како ССМ упатуваме апел и сугестија до Владата, секој пакет мерки почнувајќи од исплата на 14.900 ден. а сега 15.200 ден. па се до 21.000 ден. да бидат директно префрлани на транскациските сметки на вработените. За жал, Владата се уште ги толерира и не презема казнени мерки преку државните институции кои се задолжени за тоа. Како Синдикат секаде каде што имаме синдикални организации, за сите тие за кои ни беа пријавени злоупотреби, ние доставивме пријави до Државниот инспекторат за труд и поголемиот број од нив позитивно се решија.

Повторно ќе нагласам дека имавме случаи каде се интервенираше со дупли пријави затоа што се појавуваа два различни записници од инспекторатот…нормално првиот направен во интерес на работодавачот. Имавме доста забелешки околу исплатата на субвенциите како и на исплатата на регресот за годишен одмор т.н К-15. Беа потпишани спогодби помеѓу работодавачите и синдикатот, но сепак, многу работодавачи ги злоупотребија. Што се однесува до фирмите во кои нема синдикат, таму очигледно се е во рацете на работодавачите бидејќи вработените се под притисок или други казнени мерки, како отказ доколку истото го пријави. Заради сето ова крајно време е Владата да размисли, а ние како синдикат поднесовме барање, да се даде можност овој проблем да се реши со закон, секоја компанија или фирма, во зависност од бројот на вработени, задолжително да има синдикално здружување, со што сметаме дека ќе се спречат злоупотребите од т.н несовесни работодавачи.

Потребата да се најде најдоброто решение со кое ќе се спасат работните места и максимално ќе се искористи владината помош, за прв пат ве стави на иста страна со работодавачите.Дали договорот што го потпишавте со туристичко-угостителската комора ги оправда вашите очекувања за одбранана правата на вработените во овие сектори?

-Да, сметавме дека би било добро да имаме коректен однос со работодавачите за да на некој начин се минимизираат сите вакви злоупотреби а вработените да си ги задржат своите работни места. Сметаме дека кога настапуваме заеднички до Владата, секое барање би имало поголема тежина. Така што и со овој договор начелно се договоривме да овозможат нивните вработени синдикално да се организираат но за жал, со мал број на исклучоци, тоа до денеска не се спроведува. Причината ја знаат самите, но од сознанијата што ние како синдикат ги имаме, е дека работодавачите тоа не го дозволуваат, а бројот на вработени постојано се менува.

Кога очекувате овој пакет мерки да стане ефективен ако се земе предвид искуството со досегашните мерки а особено со доцнењето на петиот сет мерки?

– Се надеваме дека рестриктивните мерки во наредните месеци ќе попуштат, вакцинацијата ќе се одвива со добар одзив на граѓаните, а со тоа и резервациите и новите „букинзи” ќе овозможат добар старт на сезоната. Морам да нагласам дека минималната плата е 15.200 ден. и затоа големи се реакциите на сите што работат во овој сектор. Од друга страна имаме солиден број на несовесни работодавачи. Епилог од сето ова е бегање на младата работна сила во други земји за поголема заработка. Затоа ССМ и СУТКОЗ бараат зголемување на минималецот за 60% од нето просечната плата, со што минималната плата би изнесувала 16 900 денари.

Дали овој сет мерки ќе биде доволен за покривање на трошоците и загубите што ги имаат хотелиерите, сопствениците на кафеани и ресторани, турситичките агенции?

– Дали ќе се покријат сите трошоци тоа ќе го кажат самите менаџери на хотели. Досегашните сезони беа успешни, но притоа треба да ги имаме предвид сите предуслови: поради големите маржи и добивки профитот во туризмот и угостителството е неколкупати поголем во однос на другите дејности, но од друга страна, работодавачите секогаш работат со минимум работна сила, а на вработените им исплаќаат минимала плата. Со оглед на фактот дека Владата речиси цела година ја покри со пакети мерки (без јули, август и септември), сметам дека работодавачите треба да се коректни и тоа да го ценат а не да гледаат само на добивка. Како пример ќе ја наведам дилемата, колку од фирмите ја поделиле дивидендата од досегашните успешни туристички сезони со оние кои ја создаваат таа дивиденда? Речиси ниедна, со ретки исклучоци.

Ако се сумира првата година живот во пандемија, колки работници од вашиот сектор останаа без работа, колку бизниси ставија клуч на врата, колкумина се испратени на принуден одмор?

– Таму каде што имаме синдикат т.е синдикално здружување, се почитуваат одредбите од Законот за работни односи. Тоа значи дека таму каде што има договори на непределено работно време досега нема менување на вработени од неопределено на определено работно време, се почитуваат додатоците за личен доход (минат труд, државни празници, ноќна работа и др.), но за жал повторно ќе констатирам дека во фирмите во кои нема синдикат, не се исплаќаат додатоци на плата, вработените се осигурани на половина работно време иако работат полно време и редица други негативни појави кои не се дел од колективниот договор за угостителство и туризам и од Општиот колективен договор. Сите овие негативни појави, државните институции треба брзо да ги решат бидејќи секоја злоупотреба врз работниците од овој сектор, ни се враќа како бумеранг затоа што истите ја напуштаат државата незадоволни и од работодавачот и од институциите кои требале да реагираат и тоа да го решат.

Како благодарност за солидарноста на Србија при вакцинирањето на нашите граѓани, одлучено е српските туристи да не плаќаат патарина при транзит низ земјава, а веќе има најави и з апопусти при престој во нашите туристички центри.Имате ли и други предлози во однос на тоа како да се привлечат српските туристи во Македонија? Како да се зголеми нивниот интерес за летување во Македонија?

– Мислам дека ова е релативно добар потег пред се бидејќи српските гости традиционално беа и се добродојдени кај нас и како гости и како потрошувачи, не споредувајќи ги на пример со холандиските туристи. Секој пакет аранжман кој ќе биде разумно пласиран, без да се оди со голема заработка и максимален профит, ќе донесе позитивен ефект, во спротивно ќе добиеме контра ефект, ќе останеме транзит туризам и сите ќе заминуваат во Грција. Затоа повторно ќе се навратам на одговорните и неодговорни работодавачи кои ова треба да го изменаџираат и максимално организираат за да на крајот, тие туристи што ќе дојдат, да успееме да ги придобиеме и за следната година.

Каков е вашиот став во однос на протестите на ТУК што се одржуваат пред Министерството за финансии? Дали сметате дека се оправдани?

– Ние како синдикат секогаш даваме поддршка на тие што го почитуваат Законот за работни односи, колективниот договор за угостителство и туризам и Општиот колективен договор. На сите вработени без разлика што не се наши членови, синдикатот, правните служби на ССМ и СУТКОЗ им стојат на располагање и ги повикуваме да ја пријават секоја неправилност во работењето. Ние потоа истата ќе ја пријавиме до надлежните инспекторати и институции кои се должни да ги санкционираат неодговорните работодавачи. Со тоа сите ќе помогнеме државата да си го наплати својот дел, ќе се спречат многу злоупотреби и ќе ги задржиме младите луѓе да не заминуваат од државава.

К.В.С.

Поврзани вести

Тутунарите и натаму се незадоволни од откупот на тутнот, иако тој се одвива непречено

Влатко Зорба

Министерство за економија: Има доволно резерви на пченица, нема неконтролиран извоз во Косово

Народната банка започнува со објавување нови статистички податоци од доменот на картичното работење