СТАНДАРД life
ЕКОНОМИЈА

Балканска патент иницијатива – нов проект на Националната асоцијација на пронаоѓачи на Македонија

Националната Асоцијација на Пронаоѓачи на Македонија (NAIM) го претстави својот нов проект „Балканска патент иницијатива“, кој е поздравен од сите национални асоцијации на пронаоѓачи во регионот и пошироко. Овој проект ќе им обезбеди на пронаоѓачите во регионот поголеми олеснувања при пријавувањата на нивните патенти, пред сè во соседните држави, но и пошироко, како во административна така и материјална смисла, велат оттаму.

Законот за патенти на РСМ, но и Европската патентна конвенција предвидуваат пријавувањето на домашен патент во друга држава да се врши преку овластен застапник, со што на пронаоѓачите им се зголемуваат трошоците и им се усложнува административната постапка. Со ова пред сè, се погодени иноваторите во својство на физички лица. Ваквата ситуација целосно го блокира протокот на патенти посебно помеѓу државите од бившите ЈУ простори, што е евидентно и лесно проверливо. За среќа, Законот за патенти како и Европската патентна конвенција дозволуваат билатерални државни спогодби, што овој проект го прави лесно остварлив.

Од тие причини NAIM неодамна оствари работна средба со Премиерот Зоран Заев. Беше преставена идејата за овој проект и начинот на неговата реализацијата. Премиерот изрази голем интерес и подршка на проектот, со што би се оплеменила и идеата за „мини Шенген“ кој на сите вклучени држави би им донел голем бенефит во секоја, а посебно во економска смисла.

На оваа работна средба од страната на пронаоѓачите изнесени се и предлози за подобрување на ситуацијата врзана за реализација на домашните патенти. Во светот општо, патентите даваат висок придонес во домашните економии. Укажано е дека стапката на нашите реализирани домашни патенти, во однос на развиените земји е безначајна. За подобрување на ваквата ситуација потребна е поголема комуникација со државните институции од кои некои од нив, се недоволно наклонети кон домашните патенти, или воопшто не покажуваат интерес кон оваа дејност која во развиените држави завзема високо место. Исто така потребна е и меѓусебна комуникација помеѓу институциите по однос на подршката при реализација на патентите, се вели во соопштението на NAIM.

Институции кои помалку или повеќе имаат поврзаност со патентите се: Фондот за иновации и технолошки развој, Стопанската комора на Р.С. Македонија, Министерство за економија, Министерство за образование, Државниот завод за Индустриска сопственост и др. Комуникацијата помеѓу овие институции по однос на домашните патенти е на многу ниско ниво, така што пронаоѓачите се принудени да талкаат од една до друга институција. Освен со Државниот завод за заштита на индустриска сопственост со кој NAIM има одлична соработка, со другите институции речиси и да нема комуникација, пред сè заради нивната незаинтересираност за домашните патенти и иновации.

Заев изрази полно разбирање и спремност за подршка на NAIM и домашните иноватори.

Поврзани вести

Групација за обновливи извори на енергија: Малите хидроелектрани се иднината, како најефикасен и најзначаен обновлив извор на енергија

Влатко Зорба

Граѓаните реагираат: „Во земја ќе пропаднат од срам газдите Немојте толку сурово УЈП“

Google Workspace сега е бесплатен за сите корисници

Stefanija Kuzmanovska