СТАНДАРД life
ЕКОНОМИЈА

Банките очекуваат зголемена побарувачка за кредити од компаниите

Во текот на третото тримесечје, банките очекуваат нето зголемување на кредитната побарувачка од страна на компаниите, стои во Анкетата за кредитна активност на Народна банка.

Во вториот квартал на 2020 година, банките укажуваат на натамошно нето намалување на вкупната побарувачка на корпоративни кредити, но послабо во однос на претходната анкета. Според податоците од Анкетата, околу 35% од банките укажуваат на делумно, односно значително зголемување на побарувачката за корпоративните кредити, наспроти малиот процент во претходната анкета (0,6%). Истовремено, околу 38% од банките укажуваат на делумно, односно значително намалување на кредитната побарувачката (9,7% во претходната анкета). Нето намалувањето на побарувачката во вториот квартал е спротивно од очекувањата на банките од претходната анкета за нето зголемување на побарувачката.

Според анализата на факторите коишто влијаат врз побарувачката на корпоративните кредити, во рамките на групата фактори “потреби од финансирање“, сите три фактори (инвестициите во основни средства, инвестициите во залихи и обртен капитал и преструктурирањето на долгот) и понатаму придонесуваат кон нето зголемување на побарувачката, но послабо во однос на претходната анкета. Ова, како што се наведува, е резултат на поголемиот процент на банки коишто укажале дека дел од овие фактори придонесуваат и за намалување на побарувачката.

Во рамките на факторите од групата “употреба на алтернативно финансирање“, кај факторот заеми од останати банки се забележува мал придонес кон нето зголемување на побарувачката за кредити, наспроти нето намалувањето во претходната анкета. Кај факторите интерно финансирање и издавање сопствени хартии од вредност, исто така, се забележува мал придонес кон нето зголемување на побарувачката, наспроти непроменетоста во претходниот период.

Нето олеснувањето на условите за одобрување корпоративни кредити продолжи и во вториот квартал на 2020 година, но значително посилно во споредба со претходното тримесечје. Во оваа анкета, забележано е зголемување на процентот на банки коишто укажале на делумно, односно значително олеснување на кредитните услови (околу 50% од банките наспроти 14% во претходната анкета), при намалување на процентот на банки коишто укажале на непроменети кредитни услови. Нето олеснувањето на условите за кредитирање на претпријатијата во вториот квартал од годината е посилно во споредба со очекувањата на банките дадени во претходната анкета за истиот квартал.

За третиот квартал од 2020 година, банките упатуваат на натамошно нето олеснување на кредитните услови за одобрување корпоративни кредити, но послабо во однос на остварувањата во вториот квартал.

Согласно со овозможената поголема флексибилност за банките при промена на договорните услови за отплата на кредитите, во полза на клиентите, во вториот квартал поголемо нето олеснување е забележано кај достасувањето на заемите, за разлика од претходно, кога главно тоа беше поизразено кај каматната стапка. Така, според согледувањата на банките за поединечните услови за кредитирање на корпоративниот сектор, најголемо нето олеснување во вториот квартал се забележува кај достасувањето на заемите, коешто во последните четири години беше главно непроменето. Кај каматната стапка се забележува понатамошно нето олеснување, но послабо во однос на претходната анкета. Нето олеснување е забележано и кај некаматните приходи, наспроти нивното мало нето заострување во претходната анкета. Кај големината на заемот и барањата за обезбедувањето е забележано нето заострување, поизразено во однос на претходниот период.

Во поглед на факторите коишто делуваат врз условите за одобрување корпоративни кредити, во рамките на групата “трошоци на финансиските средства и ограничувања на билансот на состојба“, факторите пристап на банката до пазарно финансирање и ликвидносна позиција на банката и понатаму придонесуваат за нето олеснување на кредитните услови, но посилно кај првиот фактор во однос на претходната анкета.

Од факторите кај групата “притисоци од конкуренцијата“, конкуренцијата од други банки и понатаму е водечки фактор којшто придонесува за олеснување на кредитните услови. Во оваа насока делува и конкуренцијата од пазарното финансирање, но поумерено во однос на претходната анкета. Што се однесува до групата фактори за “согледување на ризикот“, се забележува значително зголемување на согледувањето за ризик од страна на банките. Ова може да се објасни со тоа што Анкетата беше спроведена во период кога негативните ефекти од брзото ширење на вирусната инфекција Ковид-19 врз домашната економија беа најизразени. Трите фактори од оваа група: очекувања за вкупната економска активност, очекувања за перспективата на гранката на која ѝ припаѓа претпријатието како и ризик од неизвршување на обезбедувањето придонесуваат за нето заострување на кредитните услови, наспроти нето олеснувањето во претходната анкета.

Поврзани вести

Pinterest стана трета социјална мрежа по големина во САД

Никола Поповски

Дали е потребно ново одложување на кредитите?

Берта Китинска

Бесими: Четвртиот пакет на мерки ќе почне да се спроведува после усвојување на ребалансот

Никола Поповски