СТАНДАРД life
ЕКОНОМИЈА

Битиќи на седницата на УО на Коморскиот инвестициски форум за Западен Балкан: Преку дијалог и соработка до политики со кои ќе направиме конкурентен регион

Заменикот на претседателот на Владата задолжен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции, Фатмир Битиќи, на покана на ко-претседавачите на Коморскиот инвестициски форум (КИФ) за Западен Балкан, Марко Чадеж и Бранко Азески, денеска присуствуваше на седницата на Управниот одбор на КИФ, која се одржа во просториите на Стопанската комора на Србија во Белград.

На седницата, претседателите на шесте стопански комори од регионот и членови на КИФ (Стопанската комора на Северна Македонија, Унијата на стопански комори на Албанија, Надворешно – трговската комора на Босна и Херцеговина, Стопанската комора на Црна Гора, Стопанската комора на Србија и Стопанската комора на Косово) и вицепремиерот Битиќи, дискутираа за инвестициските политики во регионот на Западен Балкан, како и за потенцијалите за зголемување на атрактивноста на регионот како инвестициска дестинација.

Вицепремиерот Битиќи истакна дека политиката и политичарите треба постојано да бидат на служба на стопанството и граѓаните, стопанството е двигател на економијата и без меѓусебна соработка помеѓу стопанствениците и Владите, не може да се направат сериозни исчекори, кога станува збор за економскиот раст и развој на земјите и регионот на Западен Балкан. Воедно, вицепремиерот посочи дека уште на самиот почеток на кризата предизвикана од пандемијата на Ковид-19, се до денес потенцира дека е потребно да се создава конкурентен регион, наместо конкуренција помеѓу земјите од регионот.

„Уште од почетокот на економската криза заради Ковид 19, истакнав дека предизвикот кој стои пред нас е дали ние како земји од регионот треба меѓусебно да си конкурираме или да работиме на тоа да направиме конкурентен регион. Верувам дека иднината на земјите и на регионот на Западен Балкан е во интензивирање на меѓусебната соработка и создавање на поконкурентен регион во однос на глобалната економија. Еден голем предизвик се уште е Ковид-19 и пост-ковид периодот ќе биде клучен да ние како Влади креираме услови за развој на стопанството, и заедно со стопанските комори да направиме силен исчекор и да се приклучиме кон глобалните вредносни ланци за снабдување. Денеска, заедно со Коморскиот инвестициски форум сакам да иницирам еден широк дијалог за усогласување на политиките за привлекување на странските инвестиции во земјите на Западен Балкан, со кои наместо да си конкурираме, ќе создадеме една заедничка платформа и можност за привлекување на нови странски компании, но и овозможување да се создадат вредносни ланци на странските компании токму на Западен Балкан. Така ќе се даде можност и на најмалите, но и најголемите да бидат дел од глобалната економија и сите заедно да придонесеме кон развојот на регионот”, истакна вицепремиерот Битиќи на седницата на Управниот одбор на Коморскиот инвестициски форум.

Претседателот на Стопанската комора на Србија, Марко Чадеж и претседателот на Стопанската комора на Северна Македонија, Бранко Азески истакнаа дека на седницата се дискутираше за многу важни економски теми за регионот, со особен фокус на интензивирање на активностите за привлекување на инвестиции во регионот, промоција на регионот на Западен Баллкан како атрактивна инвестициска дестинација, како и промоција и стимулирање на извозот на производи од земјите од Западен Балкан на постоечките и на нови пазари. Тие истакнаа дека претседателите на стопанските комори од регионот разговараа и за заеднички настап на светски познатите саеми во Шангај (SIAL) и на Dubai Expo 2020, каде сите шест земји ќе користат заеднички простор и ќе бидат промовирани секторите/гранките кои се застапени во сите шест земји со можност за поврзување со други глобални и успешни компании.

На седницата на Коморскиот инвестициски форум за Западен Балкан се одлучи да се формира и Одделение за промоција на извозот и за привлекување на инвестиции, со кое ќе се овозможи една точка на контакт за сите заинтересирани компании за реализација на инвестиции во било која од шесте земји од Западен Балкан.

Поврзани вести

Директорот на „Пејпер Мил“: Нејасно е зошто нé принудуваат целиот процес на производство да го префрлиме на метан

Влатко Зорба

Состанок на економски совет: Здравствениот систем да биде фокус за финансиска поддршка

msp-admin

На американската економија и се заканува колапс, тврди поранешен висок функционер во ММФ

Влатко Зорба