Заменикот на претседателот на Владата за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции Фатмир Битиќи на денешното отворање на фабриката на „Гересхајмер“ истакна дека Владата во изминатите 4 години направи исчекор во начинот како се привлекуваат, не само странските, туку и домашните инвеститори и како се креира додадена вредност.
„Додадената вредност се подобро платените работни места, нашите компании да бидат дел од ланецот на набавка на одредени индустрии што можеби во минатото тешко беше да се поверува. Отворањето на оваа фабрика на „Гересхајмер” за нас е многу важен чекор, затоа што ова е прва нивна фабрика во Југоисточна Европа, а со најавите дека размислуваат за проширување, навистина ни дава задоволство секогаш да ги поддржиме. Ова само покажува и потврдува дека нашата посветеност за креирање на предвидлива и поволна бизнис клима е секојдневно присутна”, потенцираше Битиќи при што посочи дека само во 8 месеци потпишани се 53 договори за поддршка на инвестиции на домашни и странски компании со вкупен инвестициски циклус од 95,7 милиони евра и нови 2.000 работни места.
„Само за потсетување за одредени податоци коишто се случуваат заради функционирањето на компаниите во ТИРЗ зоните. Податоците од Државниот завод за статистика покажуваат дека за првите 2 месеци од 2021 година во споредба со истите месеци од 2020 година кога се уште немаше пандемија, бележиме раст на трговската размена од 6,7%, растот на извозот е речиси двоцифрен и изнесува околу 10%, а растот на увозот е околу 4,4%, а секако тоа што нас секогаш не интересира е покриеноста на увозот со извоз, кој изнесува од 78,4% што е одличен податок, знаејќи дека сме во период на криза”, посочи вицепремиерот Битиќи.