СТАНДАРД life
ЕКОНОМИЈА

Откупени 80 отсто од реколтата тутун со досега највисока просечна цена од 222,5 денари

Откупот на тутунот тече според динамиката и непречено. Досега се преземени 80 отсто од количествата по досега највисока просечна цена од 222,5 денари, рече министерот за земјоделство Трајан Димковски при денешната посета на откупниот пункт во прилепскиот Тутунски комбинат.

-Околу 80 проценти од планираните количества тутун се откупени. Конкретно, до денеска се откупени 20 000 тони тутун со просечна цена од 222,5 денари за килограм. Во пари се близу 4,3 милијарди денари од кои 4,1 милијарди денари се исплатени на тутунопроизводителите. Ова, би рекле, е историски највисока постигната просечна откупна цена. За споредба, во 2018 година беше 214 денари, 2017 се постигнаа 217 денари, Очекуваме да биде задржана оваа просечна откупна цена до крајот на откупот. Според договорите, реколтата е 26 000 тони. Од прилепскиот тутунски комбинат сме уверени дека откупот продолжува според динамиката, некои пунктови, каде е веќе откупен родот, се затвораат, што е нормално. И оваа година субвенциите се според класите. За прва класа се 80, за втора 70, а за трета и другите класи 60 денари од килограм откупен тутутн. Бидејќи 35 насто од откупеното е во прва класа, очекуваме и исплата на поголеми субвенции. Па така, очекуваме просечните субвенции би биле 75 денари, изјави Димковски.

Димковски нагласи дека годинава во сила е новиот Закон за тутун со кој се укинуваат белите картони.

-Оваа година се имплементира новиот Закон за тутун со кој се олеснети административните процедури, нема бели картони, туку производителите директно ќе склучуваат договори со откупните компании. Производителите мора да бидат регистрирани во Единствениот ргистар за земјоделски стопанства кој се води во Министерството. Веќе се комуницира со производителите преку подражните единици и преку Сојузот, така што очекуваме дека и оваа производствена сезона да биде добро организирана. Фокусот е да се произведе род, што е можно повеќе во прва класа, додаде министерот.

Дека динамиката на откупот е според планираното, потврдува Кирил Станкоски, директор на приелпскиот Тутунски комбинат.

-Во Тутунскиот комбинат откупната кампања е завршена на 31 декември, според тоа дека 80 насто количества се откупени, продолживме од вчера со откуп на оние количества кои не се преземени и нема застој во откупот. Сите пунктови се отворени и се откупува на сите ваги перманентно, рече Станкоски.

Директорот на Државниот земјоделски инспекторат Зоран Шапуриќ вели дека досега нема ниту еден приговор до второстепената комисија.

– Досега, официјално до второстепената комисија за жалби нема поднесено ниту еден приговор за текот на откупот или за одредени проблеми. Инспекторите се на теренот, досега нема жалби, а секој има право да поднесе. Онаму каде се затворени пунктови, значи дека главно се откупени договорените количества од откупната фирма, изјави Шапуриќ.

На реакцијата од тутунарите од Долненско дека половината, околу 4000 тони, од родот не се откупени, министерот Димковски рече дека тоа ќе се провери и гарантира дека се што е планирано ќе се преземе, па и вишокот во законските рамки.

– Не би можел да кажам дека околу 4000 тони во Долненско не се откупени. Тоа ќе го провериме на состанок со откупните компании како тече динамиката на откупот. Ќе се искористи законската можност, оние количества кои се над 10 проценти од договорените да бидат преземени. Се ќе се откупи во рамките на договореното. Според она што го слушам, малку производителите тактизираат да добијат подобра цена. Ќе разговараме да не остане ниту еден килограм тутун неоткупен, оној што е над договореното, рече Димкоски, кој ги посети пунктовите во прилепско маало Коњари.

Методија Стомнароски, претседател на Сојузот на земјоделските здруженија, кажа дека динамиката во Долненско е послаба, но дека сѐ ќе се откупи.

-Ние сме постојано на терен, поверениците се на вагите и го следат откупот. Ќе се надмине проблемот со количествта неоткупени во општина Долнени. Таму динамиката беше послаба. Пунктовите беа отворени, тутунот не се носеше. Имаме уште 35 дена за откуп, а досега се откупени близу 80 насто од количествата тутун, рече Стомнароски.

Поврзани вести

Бектеши: Угостителите да не ги отпуштаат работниците, ќе добијат помош во форма на грант

Влатко Зорба

МБА: Претставниците на нашата земја најбројни во големото финале на Европскиот квиз на парите

Влатко Зорба

Акцизата на нафтата се зголемува за три денари

Берта Китинска