СТАНДАРД life
ЕКОНОМИЈА

ЦГК: Расте бројот на нетранспарентни тендерски постапки при јавните набавки

Расте бројот на нетранспарентни тендерски постапки со преговарање, без објавување оглас, при јавните набавки во земјава, покажува Извештајот од мониторингот на јавните набавки за периодот јануари-јуни 2020 година на Центарот за граѓански комуникации (ЦГК). Во првите шест месеци од 2020 година, склучени се договори во вредност од 11 милиони евра во вакви нетранспарентни постапки, што е за 15 отсто повеќе од истиот период на претходната година.

„На секој трет тендер е доставенa една или ниту една понуда. Конкуренцијата во јавните набавки во првото полугодие од 2020 година упатува на минимално подобрување во однос на истиот период во 2019 година, но влошување во однос на целата 2019 година“, се наведува во соопштението на Центарот за граѓански комуникации.

Од извршениот мониторинг произлегува дека институциите не се консултираат со бизнис-секторот во насока на подобрување на тендерските документации, а со тоа и на самиот процес на јавните набавки. Во анализираниот период, спроведен е технички дијалог само за 1,4 отсто од тендерите, а и во овој симболичен процес на консултации се забележуваат пропусти, велат од Центарот за граѓански комуникации.

И во првото полугодие од 2020 година, најниската цена била користена како критериум за избор на најповолна понуда во 96 отсто од спроведените тендери, со што е задржан неповолниот тренд од претходната година, се вели во извештајот. Од ЦГК напоменуваат оти е оправдан сомнежот дека со толку обемната примена на критериумот „најниска цена“ се доведуваат во прашање начелата на економичност, ефикасност и ефективност на јавните средства.

„Електронската аукција е користена во дури 92 отсто од тендерите, со што се овозможува и натаму да бидат широко распространети манипулациите што таа ги генерира во јавните набавки“, се наведува во соопштението на Центарот за граѓански комуникации.

Тие додаваат дека иако проценетата вредност на тендерите во овој период не се објавувала јавно, сепак некои понудувачи доставувале понуди што се симптоматично блиску до проценетата вредност.

Воедно, еден од главните заклучоци на Извештајот за реализираниот мониторинг е дека на локалните тендери се забележува непочитување на Законот за јавните набавки, особено во делот на образложение на потребата од набавката и на причините за неделивост.

Поврзани вести

Дали е ова првиот албански суперавтомобил? (ВИДЕО)

Никола Поповски

Оддржана 37. седница на Клубот на истражувачите при Народна банка

Ангела Веселиновска

Објавени условите и дејностите кои може да бараат бескаматни кредити од Развојната банка

msp-admin